1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виена, град на класичната музика

24 ноември 2010

Виена е град со грандиозна архитектура што потсетува на славните империи од минатото. Во градот старото е многу позастапено отколку новото. Меѓутоа, Виена е пред се’ град на класичната музика.

https://p.dw.com/p/Q6Le
Новогодишен концерт во ВиенаФотографија: picture-alliance/ dpa

Волфганг Амадеус Моцарт е само една од причините зошто да ја посетите австриската метропола. И денес ќе го сретнете на плоштадите во Виена, целосно покриен со златна боја, застанат на дрвен сандак пре најголемиот музеј на уметноста во Виена. Овој Моцарт не компонира, туку се надева да добие по некоја ситна пара од минувачите. Дали е тешко денес да се биде Моцарт? „Очекувањата се многу големи. Поголеми од кога било, буквално те растргаат.“

Иако животот е тежок за модерниот Моцарт, Виена сепак е вистинското место за љубителите на класичната музика, вели Роксана: „Ова е прекрасен град за класична музика, ја сакам операта. Факт е дека можам да одам на опера за само три евра, толку чини место за стоење, и да ги видам Мадам Батерфлај или Кармен.“

Доколку и тие три евра ви се чинат премногу, има уште еден начин да слушате убава музика во Виена. Едноставно поминете покрај катедралата Св. Стефан во центарот на градот и продолжете по главната шопинг улица Кертнарштрасе. Групите млади уметници се типични за Виена – жив град полн со млади луѓе, кои цврсто се држат до традициите.

Уличните музичари се вистински уметници

Mozart Denkmal in Wien
Споменик на Моцарт во ВиенаФотографија: dpa - Bildarchiv

Ако сакате да прошетате низ минатото, нашиот следен совет е да ги посетите виенските гробишта. На централните гробишта од 1874 година, а воедно и втори по големина во Европа, можете да ги најдете последните почивалишта на Бетовен и Брамс како и на австриската поп-ѕвезда Фалко, кој порано пееше за Моцарт. Помеѓу музеите во Виена поставени се голем број жолти клупи. Не се многу убави, но се доста големи и совршени за одмарање, вели Михи, кој седи на една од нив: „Клупите се сместени во квартот на музеите и многу младите луѓе го поминуваат времето тука, наместо да трошат пари во кафулиња. Тие си носат пиење и јадење и се дружат без да трошат пари.“

Веднаш до клупите има полици со бесплатни книги. Вакви библиотеки има насекаде низ градот. Идејата е секој да може да си земе или да остави, односно подари книга, а најинтересното во целата работа е што тоа и навистина функционира. Но, пред да се упатите во музеите, сигурно треба и да јадете нешто. Нашиот трет совет е да го посетите најголемиот пазар во Виена – Нашпарк. На едниот крај на пазарот продавачите нудат овошје, риба итн. На другиот крај има фини ресторани, продавници за сирење и кашкавал и вински барови.

На кафе во „Централ“

Mozart-Kugeln
Чокаладата од марципан со ликот на МоцартФотографија: dpa - Bildarchiv

По напорната прошетка и пазарење, нашиот следен совет е да се одморите во едно од најпознатите виенски кафулиња „Централ“. Многу туристи се жалат дека келнерите во Виена не се љубезни. Тие, пак, велат дека од учтивост се држат резервирано: „Се работи за традиција. Во кафулињата во Виена можете да порачате кафе и да останете колку што сакате“, објаснува келнерот Мануел.

Доколку седнете во кафулете „Центарл“ задолжително мора да порачате штрудла со јаболко прелиена со топол сос од ванила и класичен виенски меланж. Тоа е еспресо со пена од млеко, послужено на сребрен послужавник. Туристите често велат дека Виена е премногу тивка навечер. Можеби се должи на тоа што веќе во доцните вечерни часови и навистина нема луѓе на улиците. Речиси двомилионскиот град полека запаѓа во длабок сон.

Автор: Дејвид Левитц / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска