1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон нема да предложи решение за спорот околу името

Борис Георгиевски13 февруари 2008

САД немаат намера да бидат медијатори во спорот за името меѓу Македонија и Грција, ниту пак Вашингтон планира да предложи решение за спорот, изјави портпаролот на Стејт Департментот, Шон Меккормак

https://p.dw.com/p/D6rN
Милошоски по средбата со Рајс во ВашингтонФотографија: DW

САД остануваат на ставот дека решение за проблемот со името треба да се бара во посредништвото на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц и бараат од двете страни и натаму активно да учествуваат во преговорите.

„Ја повикавме Македонија, како што ќе ја повикаме и грчката министерка за надворешни работи неделава, целосно да се посветат на процесот кој го води медијаторот Метју Нимиц. Тој работи напорно на ова прашање и ние бараме од двете земји да го искористат тој процес за да најдат решение за проблемот, изјави портпаролот на Стејт Департментот, Шон Меккормак, по средбата на американскиот државен секретар, Кондолиза Рајс и шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, во Вашингтон.

Фактори на ризик

На средбата Рајс и Милошоски станало збор и за македонската апликација за НАТО, како и за статусот на Косово. Ниту Меккормак на прес конференцијата, ни Милошоски по средбата, не соопштија детали за позициите на двете држави околу овие прашања, особено од аспект на грчките закани за блокада на приемот на Македонија во НАТО. „Единствениот ризичен фактор кој може да има одредено непосакувано влијание кон нашата заедничка цел, а тоа е покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт, е однесувањето на одредени политичари од грчката влада“.

На средбата која траеше околу половина час Милошоски потврди дека Рајс од официјално Скопје побарала натамошен ангажман во преговорите за името, но не одговори дали од американската влада добил гаранции дека нема да има грчко вето на самитот во Букурешт. За македонскиот министер нема дилеми дека САД и натаму се најголемиот поддржувач на Македонија.