1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон е заинтересиран единствено за името

17 февруари 2011

Експертите во Македонија се поделени во првите реакции по разговорите на македонскиот премиер Никола Груевски во Вашингтон, особено по неговата изјава и соопштенијата од Белата куќа.

https://p.dw.com/p/R1su
Фотографија: DW

За амбасадорот Ристо Никовски апострофирањето на слободата на медиумите, владеењето на правото, се дипломатска маска за доминантниот проблем за името.

„Дефакто официјален Вашингтон го повика премиерот само за спорот за името. Сите други теми, слобода на медиуми, правда, е само параван. “

Амбасадорот Никовски, кој е и советник на претседателот Ѓорге Иванов, не мисли дека грчко-македонскиот спор, кој одамна е интернационализиран, може да се врати во матрицата на билатерално решавање меѓу Атина и Скопје.

„Билатералниот спор, како што е за името, штом се интернационализира, го губи карактерот и шансите да се решава меѓу Скопје и Атина. Така e деценија и повеќе, од тоа дека ЕУ најпрвин го оспори правото земјата да се вика Македонија, не почитувајќи ги и сугестиите на својата Бадентерова комисија, потоа проблемот се префрли во ОН. Папандреу и Груевски не можат да го решат спорот, нивните средби се само парада, зашто ако решението е цел, досега ќе се формираа работни групи, ќе се подготвуваше терен за конечна правна и дипломатска разврска“, одговори амбасадорот Никовски на прашањето на ДВ дали двајцата премиери може да смогнат сили за брза разврска.

Македонската влада да побара помош

Во разговорите во однос на спорот не може да се вклучи никој надвор од Македонија, ОН, доколку тоа самата влада не го побара. Според Фани Каранфилова – Пановска од Фондација Институт „Отворено Општество“:

Skope,GTC
Фотографија: DW

„Модалитети и инструменти има, особено со новите надлежности што му припаѓаат на ресорот на Кетрин Ештон, но сакам да потенцирам дека е важно македонската влада да побара помош во таа насока. Тоа е прво и основно. Од друга страна, Европската унија сосема легитимно смета дека нејзино инволвирање во еден билатерален спор не е најсоодветно за Брисел, без оглед на добрите намери на словенечкиот европратеник Зоран Талер“, кажа Пановска на денешната презентација за македонските европерспективи и блокади.

Политичка криза во земјата

За разлика од амбасадорото Никовски, универзитетскиот професор Алајдин Демири оцени дека посочувањето на слободата на медиумите и условите на функционирање на правна држава, заедно со стандардното посочување на стабилноста на Македонија се константи кај американската политика кои деновиве и во Македонија беа пренесени како јасен став на Стејт департментот. Според Демири, првичниот бојкот на опозицијата на парламентот, мотивиран со вонредни избори, сега се претвора и во политичка криза која навлезе и во меѓуетничките релации:

„Почетно осмислениот проект на парламентарна криза, со бојкотот на СДСМ, се проширува, се продлабочува и станува реална криза, од што ќе трпи внатрешната стабилност, но ќе се одрази и врз решавањето на клучниот проблем за името и преговорите за него“, вели Алајдин Демири, екс-амбасадор и професор од тетовскиот универзитетски камп.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска