1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Валкан договор“ со Либија за запирање на бегалците

Бен Најт/бг21 јануари 2016

Германската Левица ја обвини владата дека направила „валкан договор“ со Либија: воена помош во замена за запирање на мигрантите на брегот. Нејасно е како воено разурнатата Либија ќе го исполни тоа?

https://p.dw.com/p/1HhXy
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Weigel

Германската опозициска партија на Левицата изрази сомнеж за „валкан договор“ откако германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен ја најави можноста за испраќање трупи во Либија како поддршка за идната влада на национално единство.
„Германија нема да може да ја избегне обврската да даде свој придонес“, рече фон дер Лајен за весникот Билд. Доколку биде формирана влада на национално единство „таа ќе има итна потреба да воспостави правда и ред во таа огромна држава и во исто време да се бори со исламистичкиот терор“.

Портпаролот за надворешна политика на Левицата, Јан ван Акен се сомнева во „валкан договор“ за кој во замена ќе се добие запирање на мигрантскиот бран од Северна Африка. Германија е меѓу државите (вклучително и Италија, Франција и Британија) кои во моментов разговараат за Либија во Рим, заедно со претставници на ЕУ и ОН, а ван Акен тврди дека не само што во делегацијата е и висок функционер на Буднесверот, туку државите планираат испраќање копнени трупи.
„Плановите за Либија се далеку повеќе од тренинг на либиските војници“, изјави тој за „Ноје Ознабрикер Цајтунг“. Тој смета дека и самиот тренинг на либиските војници е опасна задача затоа „што во моментов не се знае кој се бори против кого“.

Libyen Tripolis Platz der Märtyrer Stadtbild Symbolbild
ТриполиФотографија: Getty Images/AFP/M. Turkia

Мандат за интервенција на копно

ЕУ веќе ја води „Операцијата Софија“ во обид да ги спречи трговците со луѓе да ги пренесуваат мигрантите преку Медитеранот и во моментов е нејасно што повеќе може да стори либиската влада за да ги спречи мигрантите. „Претпоставувам дека по формирањето на владата на национално единство, доколку тоа воопшто се случи, едно од првите барања од ЕУ ќе биде да и се дозволи да интервенира и на копно“, вели Матија Тоалдо од Европскиот совет за надворешни односи.

Досегашното решение на Либија за запирање на мигрантите беа привремените кампови. Поранешниот диктатор Моамер Гадафи ја прогласи илегалната имиграција за кривично дело- закон кој се уште е во сила. Пост-Гадафи, милициите го претворија законот на Гадафи во извор на приход- се киднапираат мигранти на улиците и се ослободуваат за откуп. Доколку бидат ослободени, дури тогаш нивната желба да стигнат до Европа е уште поголема затоа што мораат да го вратат долгот од откупот.

Marokko Unterzeichnung UN-Friedensplan Libyen
Потпишување на мировниот договор за Либија во декември.Фотографија: imago/Xinhua

„Се плашам дека без разлика што ќе побараме од либиската влада, западно-африканците и африканците од под-сахарскиот дел и натаму ќе минуваат низ Либија за да го минат Медитеранот“, вели Тоалдо.

Држава во распад

Настрана хуманитарната криза, политичката состојба во Либија во моментов е катастрофална. Два ривалски парламенти- во Триполи и во Тобрук- се практично во војна. Парламентот во Триполи го контролира исламистичкото движење Либиска зора, додека парламентот во Тобрук е меѓународно признат. Но она што ја компликува состојбата се околу 100 различни милиции кои оперираат низ земјата. „Ќе мораме да работиме врз основа на претпоставката дека либиските државни структури колабираа во последните две и пол години“, рече германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во декември.