1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буре барут се тркала од македонските изборни резултати

14 декември 2016

Во двата политички блока имаме пат-позиција, безброј комбинации за составување влада и една сериозна закана за интраетнички македонски конфликт, оценува аналитичарот Даут Даути.

https://p.dw.com/p/2UEmf
Mazedonien Parlamentwahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Опасност од нова криза, експлозија на незадоволство и интрамакедонски конфликт, се дел од прогнозите на аналитичари за развојот на постизборната ситуација во Македонија. Наместо почеток за излез од кризата, тесните изборни резултати навестуваат почеток на уште потешка криза. 

„Во двата политички блока имаме пат-позиција, безброј комбинации за составување влада и една сериозна закана за интраетнички македонски конфликт“, вели аналитичарот Даут Даути.

Проценките ги темели на неколку показатели. Прво, дека резултатот е изненадувачки изедначен и надвор од сите предвидувања дури и на најголемите опозициски оптимисти, со што сериозно е загрозен имиџот на непобедливост на ВМРО-ДПМНЕ. Второ, дека тоа е пораз на националистичката реторика на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на картата на „албанската опасност“ и конспиративни теории, партијата не ја добила очекуваната победа. Трето, расколите во албанскиот политички блок сериозно се одразиле на опстанокот на ДПА, бидејќи крилото на Зијадин Села се покажало како сериозен субјект, а без одраз не останал ни за ДУИ, заради отцепеното крило на Гзим Острени. Четврто, движењето „Беса“ е големото изненадување, бидејќи ги собрало повеќето членови и симпатизери на НДП на Руфи Османи, но и незадоволните од ДУИ и ДПА.

Парадоксот на бројките

„Албанците сега имаат помалку пратеници, но поголема сила, и тоа е своевиден парадокс“, вели Даути.

Излезот од сегашната состојба го смета за невозможна мисија, ако се земе предвид реториката и изборните ветувања.

„Ако остане ВМРО-ДПМНЕ победничка партија и добие мандат, треба да ја наведне главата и да прифати речиси невозможни барања на ДУИ за договор за консензуално усвојување на буџетот или за издигнување на албанскиот јазик на ниво на македонскиот јазик, или пак на 'Алијансата на Албанците' за бинационална држава или на 'Беса' за редефинирање на државата и слична платформа на ДПА. Дури и да формира влада со ДУИ и да се соочи со 'реалноста' дека ДУИ со 10 мандати сeга е во подобра позиција отколку кога таа имаше 19, а ВМРО -ДПМНЕ 63 пратеници, ќе мора да прави отстапки, бидејќи за ДУИ би било самоубиство да влезе без остварување на некои од клучните ветувања, а без тоа веќе нема шанси да опстои“, оценува Даути.

Според него, во иста ситуација е и СДСМ, бидејќи има и морална обврска да ги унапреди некои од обрските од Рамковниот договор.

„Против тоа ќе биде една партија со 'незгоден карактер' како ВМРО-ДПМНЕ, која лесно игра со националните чувства за наводна загрозеност на македонските национални интереси. Од друга страна, и СДСМ не ќе може така лесно да прави влада ако со ВМРО-ДПМНЕ евентуално се израмни после приговорите. Ќе ѝ треба ДУИ, а со ДУИ ни СДСМ 'не сакаше' да прави коалиција, ниту другите албански партии. Ако се остават настрана предизборните анимозитети, ќе треба цврст политички договор за поширока коалиција. Нa крај, останува можната ескалација на интрамакедонски конфликт, ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ играат на 'сѐ или ништо' и наместо да го прифатат резултатот почнат да се прикажуваат како жртви на заговор (ДПМНЕ) или на изборна кражба (СДСМ). Се надевам дека до такви сценарија нема да дојде, но извесно е дека нестабилната влада може да биде само за одреден период“, прогнозира Даути. 

Mazedonien Parlamentwahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Likovski

Тензиите растат

Состојбите на теренот веќе индициираат дека тензиите растат и дека една искра може да направи пожар. Остри предупредувања дека „трпението може да се претвори во гнев“ вчера испрати ВМРО-ДПМНЕ, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев порача дека „Никола Груевски не смее да формира влада“, ниту да се поништи јасно изразената изборна волја на граѓаните за промени. Вчера СДСМ поднесе осум приговори до Државната изборна комисија (ДИК) кои се однесуваат и на текот на гласањето и на сумирањето на резултатите. Заев, кој претходно ги најави приговорите, изјави дека ако тие бидат прифатени од ДИК, бројот на пратеничките мандати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде 50:50. Приговори до ДИК поднесе и движењето „Беса“ за втората изборна единица и ако бидат прифатени, смета ќе добијат еднo или две пратенички места повеќе на сметка на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ. Ова ги прави неизвесни конечните резултати, а ако ДИК одлучи да има прегласување на одредени избирачки места, исходот од декемвриските избори може да биде познат во јануари следната година.

„ВМРО-ДПМНЕ нема намера да им дозволи на Зоран Заев и грст луѓе околу него, да им ја украдат демократски изразената волја на 453.000 граѓани. Доколку некој се обиде да го украде тоа, трпението ќе премине во гнев“, предупреди вчера Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ. 

Акција во Куманово

Но, гнев предизвика и синоќешната акција на МВР, кога поради истрага за изборни нерегуларности, полициски специјалци заедно со јавни обвинители влегле во домот на началникот на кумановската полиција Стојанче Величковиќ, именуван на таа функција од техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во знак на протест, граѓани се собраа пред неговата куќа, го блокираа излезот на специјалците и бараа објаснување за причините на акцијата. Величковиќ акцијата ја оцени како „политичка местенка од страна на Митков Чавков и Обвинителството на Зврлевски“ и ги повика граѓаните да се повлечат за да можат специјалците да си заминат. Потоа сам замина во полициската станица да даде изјава.

Овој настан синоќа предизвика голема вознемиреност во Куманово. Според аналитичари, ако се случат слични „репризи“ и во други ситуации (по одлуки на ДИК за приговорите или по други истраги за изборни нерегуларности) со масовни собири на граѓани, со излив на гнев и незадоволство, Македонија може да се претвори во опасно буре барут, по што ниту нови избори не ќе може ја извлечат од состојбата, ниту пак ќе има услови тие да се спроведат во таква наелектиризирана и поларизирана ситуација.