1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови избори во Македонија не се опција

Елизабета Милошевска Фиданоска
29 март 2017

Германската влада ги извести членовите на Комисијата за европски прашања на Бундестагот за состојбата во Македонија. Оценето е дека ситуацијата е тешка и дека е неопходно посредништво за излез од проблемите.

https://p.dw.com/p/2aH2C
Bundesverfassungsgericht Sondergremium EFSF Reichstag Europafahne Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Членовите на Комисијата за европски прашања на германскиот парламент попладнево беа информирани за најновиот развој на ситуацијата на Западен Балкан, со акцент на Македонија и БиХ.

„Станува збор за класичен извештај за состојбата на терен“, изјави за ДВ по седницата членот на Комисијата Јосип Јуратовиќ (СПД), додавајќи дека ситуацијата е тешка во поглед на формирањето влада. Тој смета дека мора да се продолжи со посредништво за да се признае резултатот од изборите и мнозинствoтo за составување влада. „Во една демократија е легитимно коалициите, односно мнозинствата да се составуваат слободно. Со оглед на тоа што постои предлог за коалиција, едноставно се очекува Претседателот да се согласи со изборот. Сега сме повикани, односно европските институции во земјата треба јасно да му стават до знаење (на Иванов, н.з.) дека од демократски аспект од него едноставно се очекува тој со тоа да се согласи, тоа да го легитимира.“

Josip Juratović
Јосип Јуратовиќ (СПД)Фотографија: Josip Juratovic

Јуратовиќ е убеден дека со политички одговорните во Македонија мора да се зборува јасно: „Не може да се стремите кон ЕУ, нам постојано да ни се повторува дека единствен проблем е името, а истовремено некој бара амнестија за корупцијата. ЕУ мора да покаже цврстина.“ Германскиот социјалдемократ е на мислење дека „оние кои се на власт со сета сила избегнуваат соочување со правдата“.

„Според мое мислење, таму се кристализираше клика, која ја злоупотребувала власта можеби за лично богатење. Дека овој сомнеж е оправдан покажуваат обидите да се спречи независно судство, што се прават обиди да се влијае врз сѐ. Во основа, оваа земја тапка во место и е, така да се каже, под контрола на определена клика. Имам впечаток дека сите се плашат од 'синдромот Санадер', но тоа е блага варијанта. 'Синдромот Санадер' во регионот значи дека кога Хрватска дојде до преговори за поглавјата 23 и 24 , премиерот заврши во затвор 6 години. Токму тоа се сака да се спречи, да се избегне. Оттука доаѓаат дискусиите за амнестија и други работи.“

Решението, според Јуратовиќ, е во чекорењето на земјата по парламентарен пат. „Парламентот е највисок орган во една демократска земја. Мислам дека тоа е главната слабост не само во Македонија, туку во целиот регион, што парламентот се инструментализира од страна на неколку властодршци за нивни лични цели. Тоа не функционира. Повеќето парламентарци се инструментализирани од една клика.“

Јуратовиќ препорачува досегашните европски посредници да продолжат со медијаторство, а сестринските конзервативни партии на ВМРО-ДПМНЕ да ѝ укажат на партијата дека демократизација е неопходна.

Партиите да седнат на една маса

Дека е неопходно посредништво за надминување на кризата е согласен и членот на Комисијата за европски прашања од редовите на ЦДУ - Торстен Фрај. Меѓутоа, тој во разговорот за ДВ истакнува поинаков предлог: „Неопходна е нова иницијатива за партиите да седнат на една маса и да најдат решение.“

„Излез може да бидат само разговори. Можеби има можност преку посредство и медијација однадвор вакви разговори да бидат поттикнати и да се отстранат пречките. Ќе бидам сосема отворен - не мислам дека нови избори се опција. Гласачите гласаа како што гласаа, многу тешко, многу компликувано кога станува збор за формирање мнозинство за влада. Но, така е како што е и решение мора да се најде врз оваа основа.“

Фрај вели дека на денешната седница на Комисијата во Бундестагот јасно се покажало „дека мора повторно интензивно да се позанимаваме со регионот“.

Thorsten Frei, MdB
Торстен Фрај (ЦДУ)Фотографија: DW/S.P. Klenke

„Мислам дека е сосема јасно дека добар развој на ситуацијата на Западен Балкан е и од германски интерес. Затоа е важно да почнеме нови иницијативи, да се обидеме да придонесеме за справување со внатрешнополитичката криза во Македонија, и од друга страна - да помогнеме за надминување на надворешнополитичките блокади, како спорот за името.“

Изразувајќи надеж дека решение за излез од кризата ќе биде најдено брзо, германскиот демохристијан Торстен Фрај оценува дека „во моментов, политиката, партиите во Македонија се занимаваат само со себе и со уставни прашања. Тоа не е добро за граѓаните. Мислам дека Македонија не е толку силна за да си дозволи предолго време да биде во вакуум и застој.“

Тој советува дека е „неопходно партиите во Македонија да сфатат дека од изборите мора да се извлечат вистински заклучоци, дека не може да се оди на избори сѐ додека резултатите бидат некому по волја“:

„Според мене, станува збор за две работи. Прво, треба да се почитуваат резултатите од изборите, тоа важи и за мнозинствата добиени по тие избори. Второ, сомнежите на ВМРО-ДПМНЕ, но и голем дел од населението, односно воздржаноста кон платформата на албанските партии и повторното ставање во центарот на суверенитетот и унитарноста на државата, треба да се почитуваат. Врз основа на овие две премиси, според мое мислење, треба да се направи обид за решение на конфликтот.“

Фрај е уверен дека единствениот пат за Македонија е евроатлантската интеграција и дека руската перспектива не е атрактивна за земјата.

Неговиот колега парламентарец, социјалдемократот Јосип Јуратовиќ, исто така смета дека ЕУ е вистинската алтернатива за Македонија, но предупредува и дека „македонската влада не сака во ЕУ. Тие си се имаат многу убаво сместено во системот којшто си го имаат изградено. Секоја промена на тој систем им ја загрозува позицијата. Тие тоа добро го знаат. Зошто би сакале во ЕУ?“