Опозицијата води, Борисов не сака да поднесе оставка
7 ноември 2016Кандидатката на владејачката ГЕРБ, Цецка Цачева освои 22,3 проценти од гласови, зад левичарот Румен Радев (на насловната фотографија) со 24,9 проценти во првиот круг од претседателските избори во Бугарија.
Конечниот збор за тоа кој ќе биде нов претседател граѓаните ќе го имаат на 13 ноември за кога е закажан вториот круг. 58-годишната Цачева е актуелен претседател на парламентот, а 53-годишниот Радев е поранешен пилот и командир во воздухопловните сили.
Премиерот Борисов најави дека доколку Цачева не победи во првиот круг, ќе свика вонредни избори. Но, доцна синоќа откако беа познати резултатите, Борисов ретерираше и рече дека ќе замине доколку Цачева загуби во вториот круг.
„Следниот понеделник, како што веќе реков- доколку ги загубиме изборите, а се надевам дека нема, ќе свикаме вонредни избори, ќе заминеме од владата“, рече Борисов.
Евентуални нови избори би можеле да ја втурнат Бугарија- најсиромашната и најкорумпираната членка на ЕУ- во нови политички бранувања. Поранешниот бодигард и полициски шеф, Борисов успеа да ја стабилизира земјата откако стана премиер по вторпат во 2014 година.
Претходно, земјата беше зафатена од серија масовни протести и изборни циклуси.
Но, освен што не успеа да имплементира позначајни реформи, Борисов се чини лошо се пресмета и со кандидирањето на Цачева за претседател.
„Луѓето и кажаа не на апатијата и гласаа за промени“, изјави Радев во неделата.
Бугарската претседателска функција е воглавно церемонијална, но сепак избраната личност ужива одредена почит и моќ.
Исходот на изборите ќе се следи со големо внимание во Брисел и во Москва. НАТО членката Бугарија ја разлути Русија откако и забрани да го користи нејзиниот воздушен простор за прелети кон Сирија. Претседателот во заминување Росен Плевнелиев беше голем критичар на Русија и на рускиот претседател Владимир Путин.
Но, во истовреме бугарската економија е многу зависна од Русија, особено за увоз на гас, а двете земји имаат длабоки историски и културни врски.
Радев генерално важи за кандидат кој има симпатии кон Русија. „Многу загубивме од тоа што ја прогласивме Русија за непријател“, изјави тој во едно неодамнешно интервју. Дополнително, тој бара и укинување на санкциите против Русија од страна на ЕУ- став кој го споделуваше и Цачева, се додека Борисов не ја врати во строј.