Британците се’ подалеку од ЕУ
8 декември 2011Во срцето на британската демократија гордо се вее т.н.„Јунион Џех“, односно официјалното знаме на Велика Британија. Луѓето знаат како изгледа знамето на ЕУ, сино со жолти ѕвезди, но многу ретко може да се види во земјата. Британците од секогаш живееле дистанцирано од европскиот континет. Во квартот каде се наоѓаат банките тие демонстрираат моќ. Тој е еден од најголемите финансиски квартови во светот. Но, и овде во 2008 година дојде финансиската криза.
Банкарот Џејмс и Иан во времето пред кризата заработуваа многу пари. Денес, британскиот стил тие го негуваат на друг начин. Имено, прават костуми по мерка од многу фин материјал, а од неодамна почнаа и да живеат од бизнисот. „ Кога пред две години ќе порачаше некој костум, кога ќе дојдеше да си го земе веќе беше невработен. Во тоа време имаше голем бран на отпуштања и затоа денес имаме помалку муштерии“, објаснува Џејм Слејтер.
Многумина останаа без работа
И Џејмс и Иан за време на финансиската криза ја загубија работата. Бонусот, што го добија, го вложија во приватниот бизнис. Поуките што тие ги извлекоа , треба на друго ниво да ги извлечат и политичарите, сметаат тие. Односно да станат свесни сами за себе и ингеренциите да ги вратат од Брисел во Лондон. „Многумина овде мислат дека функционерите во Брисел седат во стаклено ѕвоно и креираат закони без навистина да ги разбираат. Тоа не е добро за бизнисот и не е добро за Велика Британија, особено не за данокот за финансиски трансакции што сакаат да го воведат“, вели Иан Мајерс.
Британците од секогаш биле критички настроени кон Европската унија и покрај тоа што земјата со децении е членка на европското семејство и толку многу заработува на европскиот внатрешен пазар како ниту една друга земја-членка. Судбината на милиони британски работни места зависи од ЕУ. Меѓутоа, стравот на Британците да ја загубат самостојноста е поголем од разумот, сметаат статистичарите. „Доколку се спореди како размислуваат Британците за меѓународните организации, ќе видиме дека ОН и НАТО се наоѓаат високо на скалата на омилени институции, а, пак, ЕУ е најдолу, дури и зад Светската банка“, вели Глен Готфрид од Институтот за истражување на јавните политики
Т.н. про-Европјани се соочуваат со голем предизвик
Тие мора од прва рака да дознаат како функционираат Британците. Сега, за време на кризата со еврото, многу е тешко да се продаде идејата на ЕУ, дури и со бесплатни поклони како торба за пазарење. -„Тие се обидуваат да ја освојат нашата земја“, вели еден Британец.
-„Кога одиме на одмор во Европа самите гледаме колку им е тешко на луѓето што живеат на континетот!“, вели една Британка.
Дури и британската влада го поттикнува лошото анти-европско расположение кај граѓаните. Премиерот Камерон изјави дека кризата во некои европски земји е виновна за стопанските проблеми на Велика Британија. Противниците неуморно ги отфрлаат ваквите обвинувања. „Луѓето очигледно не ги разбираат причините за должничката криза. Тие не гледаат дека еврозоната како целина стопански е стабилна, со висок пораст и ниска инфлација. Тие гледаат само во неколку земји-членки, кои имаат должнички проблеми и притоа не ги гледаат предностите“, вели Петрос Фасулас од „Јиромув“.
ЕУ им носи предности на Британците
За Марк Седон и неговите приврзаници главна преокупација е негување на предрасудите и омразата кон ЕУ. Тие сакаат сосема да излезат од европското семејство и Британците повторно да одлучуваат за членството на Велика Британија во Унијата. „Во нашето движење учествуваат сите оние кои имаат добри стопански аргументи, за да докажеме дека нашата земја може многу добро да преживее и без ЕУ. Такви примери се Швајцарија и Норвешка“, вели Марк Седон, раководител на кампањата „ Залог на народот“ за одржување референдум за ЕУ.
Поранешните банкари Џејмс и Иан не сакаат да имаат нереални очекувања од Велика Британија. Двајцата млади луѓе се бизнисмени, кои знаат дека Европејците можат да им донесат и предности.
Автор: Армин Виздорф / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Борис Георгиевски