1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Благодариме Анкара!

Бернд Ригерт / Е.М. Фиданоска15 декември 2015

ЕУ како противуслуга за соработката на Турција во бегалската криза ги продолжува преговорите за приклучување на таа земја во Унијата. Дали е тоа повеќе од само симболичен акт?

https://p.dw.com/p/1HNQJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/Landov

По двегодишен застој сега повторно се тргнува напред: Европската унија ги продолжува преговорите со Турција за приклучување. Таа отвори едно релативно некавгаџиско преговарачко поглавје - поглавјето број 17, односно економија и монетарни прашања. Турција, меѓу другото, тоа го бараше како противуслуга за својата подготвеност да го ограничи бројот на сириски бегалци кои тргнуваат во насока на Европа. Турскиот вицепремиер Мехмет Шимшек во Брисел изјави дека ова поглавје е непроблематично. Тој јасно стави до знаење дека е важна политичката симболика - Турција сега во Европа е повторно посериозно третирана како партнер.

Загриженост за слободата на мислење

Отворањето на поглавјето е формален акт, на кој треба да бидат застапени сите 28 земји членки на ЕУ. Многу министри за надворешни работи меѓутоа не дојдоа во Брисел и наместо тоа испратија свои државни секретари или амбасадори. Настанот не смееше да има преголем сјај, затоа што пред само неколку недели Европската комисија во својот годишен извештај за состојбата во земјите кандидати за членство упати жестоки критики за состојбата во Турција.

Голема загриженост во Брисел има поради слободата на мислење и на медиумите, како и независноста на правосудството. „Големиот број кривични постапки против новинари, атори и корисници на социјални медиуми, туторството врз новинарите и медиумските куќи и други мерки на властите предизвикуваат сериозна загриженост. Новите закони за интернет се назадување во споредба со европските стандарди“, се вели во извештајот на ЕК од 10 ноември.

EU Türkei Gipfel in Brüssel
Обновено партнерство? Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск и турскиот премиер Ахмет Давутоглу на самитот во ноемвриФотографија: Reuters/T. Monasse

Прагматични постапки

Во нормални услови, значи без големиот број бегалци кои преку Турција стигнуваат во Грција, немаше да има продолжување на разговорите за приклучување, велат анонимни ЕУ-дипломати во Брисел. И еврокомесарот Јоханес Хан е недвосмислен: „Прагматизмот не е најлош советник за односите во соседството“, рече Хан пред новинарите. Тој нагласи дека двете страни - ЕУ и Турција - имаат интереси. Покрај разговорите за приклучување, на Турција и‘ е оставен простор и за визни олеснувања, за два самити со ЕУ годишно и три милијарди евра финансиска помош за згрижување на бегалците. Меѓутоа финансирањето на ваквата помош за бегалците се‘ уште не е сигурно. Имено, Кипар, кој е член на ЕУ, поради спорот со Анкара се противи да уплати пари во специјалниот фонд за бегалците во Турција.

Türkei Flüchtlingslager Suruc
Бегалски камп во Суруч, ТурцијаФотографија: Getty Images/C. Court

Членство не е гарантирано

Јоханес Хан во Брисел уште еднаш укажа дека преговорите за приклучување на Турција во Унијата остануваат во основа „со отворен исход“. Оваа формула од 2005 година значи дека целта е Турција некогаш да биде примена во ЕУ, но не е и однапред определено дека такво нешто и навистина ќе се случи.

Во меѓувреме, преговорите, со долги паузи, се во тек веќе 10 години. Тие, според првичните планови, требаше да бидат завршени одамна. Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во моментов не би се задржувал долго со вакви политички финеси. Тој е подготвен да плати политичка цена доколку Турција се држи до своите ветувања.

„Овде станува збор за тоа да се запрат бегалците и за тоа дека Турција ни помага за бегалците воопшто да не стигнат до Европа“, изјави Курц и додаде: „Тука мора да бидеме искрени.“

Ново преговарачко поглавје би требало да биде отворено напролет. ЕК ги подготвува разговорите, но формална согласност за тоа од членките на ЕУ се‘ уште нема.