1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел ветува, Рим се дави во долгови

12 јули 2011

Министрите за финансии на земјите-членки на ЕУ имаа долга ноќ. До раните утрински часови во Брисел тие дискутираа како да спречат должничката криза да ги зафати и другите европски држави, како на пример Италија.

https://p.dw.com/p/11tNH
Фотографија: picture alliance/dpa

Министрите се загрижени за развојот на ситуацијата во Италија и се заложуваат за носење одлуки по итна постапка. Тоа се главните пораки од синоќешната средба на министрите за финансии на ЕУ во Брисел. Многу ветувања, но малку конкретни чекори.

Во меѓувреме, стравувањата дека Италија е следна на листата земји на кои им се заканува банкрот стануваат се` поголеми. Италијанските и неколку други берзи трпат тешки загуби, особено во банкарскиот сектор, рефлектирајќи ја загриженоста околу стабилноста на финансиската состојба на Рим. Каматите на италијанските државни обврзници вчера достигнаа рекордно високо ниво, додека вредноста на еврото значително опадна во однос на доларот.

Меѓутоа европските министри ги демантираа шпекулациите дека Италија е следната земја која ќе добие финансиска помош од ЕУ и ММФ. Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, потврди дека е точно оти Италија мора да спроведе „тешки буџетски одлуки“, но земјата е на вистинскиот пат, додаде Шојбле.

Олеснувања за задолжените

Што се однесува до Грција, министрите досега не успејаа да постигнат согласност околу вториот пакет финансиска помош за земјата. Во соопштението по средбата, издадено доцна синоќа, тие само одново нагласуваат дека приватниот сектор, како на пример банките, треба исто така да бидат вклучени во пакетот.

Treffen der EU-Finanzminister
Министрите за финансии на ЕУФотографија: Picture-Alliance/dpa

„Се водат преговори, кои сакаме да ги завршиме што поскоро“, истакна претседателот на Еврозоната, Жан-Клод Јункер по повеќечасовната средба во Брисел.

Сепак, министрите барем и` дадоа на Атина поголем простор за маневар при совладувањето на финансиската криза. Тие ги намалија каматите за веќе доделените кредитите и ги продолжија роковите за нивно исплаќање. И останатите две земји, Португалија и Ирска, кои исто така побараа финансиска поддршка од европските партнери, ќе ги добијат истите олеснувања, истакна Јункер.

Освен тоа, министрите за финансии постигнаа согласност за зголемување на европскиот фонд за финансиска поддршка на загрозените земји. Меѓутоа отворено остана прашањето кога новите мерки ќе стапат на сила. Нивната цел е да придонесат должничката криза да не се пренесе на други земји, истакна претседателот на Еврозоната, Жан-Клод Јункер.

Автор: ТТ/БГ/афп, дапд, дпа, ројтерс

Редактор: Борис Георгиевски