Брахими предупредува од распад на Сирија
30 јануари 2013На затворена седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, специјалниот пратеник за Сирија на Светската организација и на Арапската лига, Лакдар Брахими предупреди од распаѓање на земјата погодена од граѓанска војна. Брахими, изјави дека сирискиот претседател Башар ал Асад можеби досега успева да се задржи на власт, но земјата „се распаѓа пред очите на сите“. Според специјалниот пратеник за Сирија, легитимитетот на сириското раководство е неповратно нарушен. Вината за постојаното крвопролевање, според Брахими е кај обете страни во конфликтот во земјата.
Алжирскиот дипломат истотака побара од членките на највисокото безбедносно тело на ОН да ја надминат меѓусебната блокада и да дејствуваат. Според него, само Советот за безбедност може да помогне во овој момент. Постојаните членки на Советот со право на вето, Кина и Русија веќе трипати спречуваат воведување на заеднички санкции против режимот на Башар ал Асад.
Брахими во изјава за новинарите ги демантираше гласините дека планира да поднесе оставка поради фрустрираност од „невозможната мисија“, додавајќи дека не попушта лесно под притисок.