1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

20 години Дејтонски договор

СН/12 декември 2015

Спроти 20-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот договор на 14 декемеи во Сараево нема славеничко расположение. Многу луѓе во БиХ Дејтонскиот го сметаат за провизорен договор, пишува печатот на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1HM1y
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Ruthroff

„Тој само сакаше да се врати дома и да студира. Есента 1995. година Борис Мркела беше стациониран на Влашиќ на висина од 1.400 метри надморска височина во близина на линијата на фронтот.“ , го започнува својата репортажа од Босна и Херцеговина по повод 20-годишнината од Дејтонскиот договор, австрискиот весник „Стандард“ , продолжувајжи со приказната за Борис Меркела:„ Во неговата единица во Војската на Република Српска (РС) тогаш постоеше страв дека Бања Лука би можела да падне. По повторното воспоставување на контрола на хрватската војска над хрватска Краина и на Армијата на БиХ и’ успеа да врати делови од Босна. Мркела работеше како пекар во војската. И додека другите војници уште во есента 1995. беа пуштени да одат дома, тој како пекар мораше да остане. Тогаш 27-годишното момче до тој момент зад себе имаше две дезертирања. Имаше пријатели и Муслимани и Хрвати, а во војната се среќаваше со една девојка од муслиманска вероисповест. 'Бев среќен кога заврши војната но се плашев дека ќе ми судат поради дезертерство.'

Освојувањето на териториите од страна на Армијата на БиХ беше претпоставка за подготвеност на Армијата на РС на преговори. Тоа доведе до Дејтонскиот договор. Но во редовите на Војската на РС преовладуваше чувство на пораз. „Во Република Српска тогаш постоеше големо разочарување“, се присетува Мркела. Тој го смета интересен фактот што ситуацијата се смени. 'Во РС сега се задоволни со Дејтонскиот договор, а во Федерацијата не го сакаат договорот'. По тоа се гледа дека Дејтон не е за сите Дејтон, туку само работа на интерпретација. Денес на мировниот договор се повикуваат најмногу босанските Срби бидејќи им осигурува голема автономија. Истовремено еден дел од политичката елита во Република Српска веќе со години се обидува да го прекрши Уставот и да ја одведе РС во независност.

Bosnien-Herzegowina Sarajevo Flucht vor Heckenschützen Sniper Alley
Фотографија: picture alliance/dpa

Не постоеше „уставен процес“

Дејтон е единствениот мировен договор во кој е вкоренет Устав. И тоа е суштината на проблемот. 'Одлучувачка грешка беше тоа што таму не овозможивме уставен процес, како на Косово, во Ирак и во Авганистан', вели Флориан Бибер, експерт за југоисточна Европа на Универзитетот во Грац. Договорот до денес овозможува силна можност за блокада и ставање вето. 'Фактот дека во Домот на народот седат толку малку претставници и неколкумина од нив можат да одлучуваат за вето, како за време на составувањето на договорот да не беа свесни.'

По битката сите се паметни

Спроти 20-годишнината на потпишувањето на Дејтонскиот договор на 14. декември во Сараево нема славеничко расположение. Мирот не го донесе она што од него се очекуваше. Тогаш 18-годишниот Мустафа Никшиќ се сеќава на тоа: 'Ја работев матурата и реферирав за астрофизика, кога градот почнаа да го гаѓаат од сите страни. Беше нереално, зборував за создавањето на ѕвездите, а околу мене се рушеше се’ и исчезнуваше.' Неговото семејство и пријателите мислеле дека се’ ќе биде како по Втората светска војна. 'Постојат слики од луѓе кои го слават на улиците крајот на војната во 1945. година. Но кај нас не беше така. Имавме чувство на целосна празнина.' За многумина Дејтон е нешто како провизорност. 'Имате чувство дека минатото е се’ уште важно и оти и понатаму се истрајува на воените цели', вели Флоријан Бибер. Овој политиколог укажува дека во БиХ се води демократија која почива на консензус, но без вистински консензус. 'Всушност недостасува договор за најважната работа- за тоа како да се владее и како да се организира државата.'“, читаме во австриски „Стандард“.

Jugoslawien Bosnien Kroatien Serbien Geschichte Friedensverhandlungen in Dayton
Фотографија: AP

Србија отвора први две подглавја во преговорите со ЕУ

Во австрискиот весник Виртшафтсблат има текст за Србија која напредува на патот кон ЕУ. „ЕУ и Србија, по речиси 2 години од формалниот старт и признавањето на статус за кандидат, започнуваат официјално со отворање на првите две поглавја во преговорите за членство. Двете наредни поглавја би требале да бидат отворени до мај 2016. година. Турција исто така направи чекор. Со оглед на топењето на односите, кои ги донесе кризата со бегалците, Брисел со Анкара отвора уште едно подглавје, иако преговорите за членство претходно де факто беа затворени.БиХ е и понатаму во голем застој на овој пат, додека патот на Македонија кон е ЕУ и натаму е трновит“, пишува Виртшафтсблат.