1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов оптимист во врска со спорот за името

ЕМФ /агенции
9 декември 2017

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска во Белград изрази увереност дека ќе се најдат варијанти за решение на спорот околу името.

https://p.dw.com/p/2p4y9
Bulgarien Wahl Boiko Borissow
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Сакаме да помогнеме при наоѓањето решение, а не да поставуваме ултиматуми, изјави денеска на прес-конференција во Белград во врска со спорот за името, бугарскиот премиер Бојко Борисов. Шефот на бугарската влада, кој во Белград имаше средба со колегите од Грција и Романија, Алексис Ципрас и Михаиј Тудосе, како и со српскиот претседател Александар Вучиќ, пред новинарите рече:

„Ние не сакаме да сме пасивни и да чекаме што ќе решат големите сили за нас. Ние исто така сакаме евтин гас, поврзаност, дигитална инфраструктура, да го имаме сето она што го има на Запад. Ние тоа сакаме, студентите да учат, младите да можат да се движат, да има бизнис и туризам и најмногу - побогатите држави да инвестираат во нашиот регион, а тие можат да инвестираат само кога е гарантирано владеењето на законот, кога е гарантирана политичката стабилност. Така што ние на нашите народи сме им должни да го обезбедиме тоа - стабилност. Затоа ги вложуваме овие напори. И, тука нема поголем-помал. Јас давам пример со прстите. На Балканот сите прсти се рамни. Едните се понапред со БДП, другите поназад, едните имаат повисок долг, другите помал, но не се може без ниту една од тие држави. Јас сум многу оптимист и сигурен сум дека со колегата Ципрас ќе најдеме варијанти, со помош на сите останати, да биде решено и прашањето на Скопје, зашто тоа се најважните стожери - како Србија, така и Скопје - кои треба да бидат решени. Не може со години и години да генерираат проблеми. И, затоа, ние заедно, едноставно сакаме да помогнеме на Комисијата, да помогнеме на Брисел при наоѓањето решение, а не да поставуваме ултиматуми, или да велиме 'или вака, или никако'.“

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, нагласи дека околу прашањето за името во 2018 година можеби ќе има напредок, доколку Македонија се откаже од „иредентистичката реторика“.

Српскиот претседател и премиерите на Грција, Бугарија и Романија во Белград разговараа за зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти, како и за европската перспектива на Западен Балкан.