1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов: Бугарија ја поддржа Македонија во ЕУ

10 декември 2009

Бугарскиот премиер учествува на Конгресот на Европските народни партии кој се одржува во Бон. Тој за Дојче Веле изјави дека Бугарија ја поддржала Македонија во Брисел за добивање датум за преговори.

https://p.dw.com/p/KymA
Бојко БорисовФотографија: AP

Каков беше ставот на Бугарија во разговорите за датум за преговори со ЕУ за Македонија?

Борисов: Нашиот став беше таков како што се договоривме со премиерот Груевски, Бугарија ја поддржа Македонија и се надеваме дека тоа ќе биде ценето во Вашата држава.

Имаше информации дека Бугарија била воздржана, па дури и против тоа Македонија да добие датум за преговори?

Борисов: Оние кои со таквите информации сакаат да ги влошуваат односите со Македонија нема да успеат.

Има ли шанси да се добие датум за преговори за време на шпанското претседателство?

Борисов: Јас ги поздравувам нашите македонски соседи кои од 19 декември ќе можат слободно да патуваат во Европската унија. Тогаш за првпат ќе можат да сфатат колку е различно времето во кое живееле, и колку е потоа променета состојбата. Колку е подобро да си во ЕУ, во НАТО и да се развиваат доброседските односи. Јас се надевам дека по 19 декември Македонците ќе сфатат колку поблиски пријатели треба да бидат со Бугарија.

Минатата недела во парламентот говоревте за односите со Македонија. На едно пратеничко прашање одбивте да го споменете постоењето на македонскиот јазик? Дали постоењето на македонскиот јазик е проблем меѓу двете држави?

Борисов: Секоја држава има сопствени внатрешно-политички проблеми. Јас имав еден многу избалансиран одговор, искажав јасна позиција во однос на Македонија, која беше договорена со претседателот на државата. И во вашата и во нашата држава има такви кои се враќаат назад во историјата, но тие треба да се остават настрана. За официјална Софија не е проблем македонскиот јазик. За нас единствениот проблем е Македонија и Бугарија да станат развиени европски држави. Не е пријатно кога ќе видите дека во Скопје и во Софија има дупки по улиците. На тоа треба да се стави акцентот. Како да се подобрат економската клима, трговијата, услугите итн.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска