1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бонева: Добив навреди, закани и некролози низ Струмица

12 декември 2017

Без да се знаат фактите и Законот, станавме мета на излив на бес на јавноста, посебно насочен кон мене, со клевети, лаги и шпекулации, пишува членот на ДИК, Силвана Бонева во оставката до парламентот.

https://p.dw.com/p/2pEUF
Mazedonien Zentrale Wahlkommission
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со хајка е урнисано и достоинството на институцијата - Државна изборна комисија на Република Македонија, пишува во оставката адресирана до Собранието на Република Македонија, Силвана Бонева, досегашен член на Комисијата и укажува на каков линч била изложена таа и другите членови. Во образложението вели дека од изборот за член во ДИК се до денес функцијата ја извршувала совесно, одговорно, согласно со законот и со целосно ангажирање.

„Минатата недела членовите на ДИК беа посочени како типичен школски пример за корупција и подложени на јавен линч, со неосновани обвиненија и истовремено носење на пресуди дека сме биле неморални, иако законски сме работеле“, пишува Бонева во образложението на оставката. 

Повеќе на темата: 

Оставки на претседателот и двајца членови на ДИК

Какви се тие думи, госпоѓо Дума?

Скриената порака на Бејли

„Сакам да потсетам дека со Измените и дополнувањата на Изборниот законик во 2014 година се создаде законски основ, не само службите на ДИК и целата изборна администрација на локално ниво, (која од 2006 година до 2014 година земаше надоместок за прекувремената работа), туку и избраните и именувани финкционери во ДИК да добиваат надоместок за прекувремената работа, за време на изборниот процес. Оваа одредба на Изборниот законик се применувала од 2014 година до денес, со согласност на Министерството за финансии и со средства предвидени во буџетот на ДИК, одобрени од Собранието на Република Македонија“, потенцира Бонева.

Таа потсетува дека примената на оваа одредба досега не била оспорувана, ниту била предмет на линч од страна на јавноста.

„Симптоматично е што линчот е после тригодишна примена на Законот, и е насочен само кон деветте членови на ДИК, и тоа токму сега, но не и за изборната администрација, на која исто така и беше исплатен надоместок, во зависност од времетраењето, одговорноста и сложеноста на нивниот прекувремен ангажман, во износ од 1 до 4 плати“, се вели во оставката.

Она на што посебно се осврнува е односот на Парламентот кон членовите на ДИК.

„Отсуствуваше расправа и реакција и од страна на Собранието на Република Македонија, кое не избра со 2/3 мнозинство на гласови, па без да се знаат фактите и Законот, станавме мета на излив на бес на јавноста, посебно насочен кон мене, со клевети, лаги и шпекулации. Бруталните навреди, клевети, закани по живот преку социјалните мрежи и некролози за мене на електричните столбови низ Струмица, е целосна повреда на моите основни човекови права, честа и угледот, а сѐ во име на демократијата, правната држава и гласот на народот. Со ваквата хајка се урниса и достоинството на институцијата - Државна изборна комисија на Република Македонија, како највисок државен орган кој е задолжен не само за спроведување на избори, туку и за спроведување на референдуми на државно и локално ниво.

Од овие причини, а заради зачувување на мојот личен интегритет како човек, ја поднесувам оваа оставка и ви благодарам за досегашната искажана доверба“, пишува Бонева во оставката.

Оставките на Силвана Бонева и Сашо Срцев се последните што денеска беа поднесени до Собранието. Вчера оставки поднесоа претседателот на ДИК Александар Чичаковски и членовите Игор Милев и Виолета Дума, а денеска од функциите се повлекоа потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца и членовите Субхи Јакупи и Атанас Урумов. Оставка нема поднесено Асани Салија, која на функцијата е именувана непосредно пред локалните избори.