1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Божиќните пазарчиња-мета на исламските милитанти?

19 ноември 2010

Поради постојаната терористичка закана во Германија, безбедносните служби во земјата ќе бидат во степен на зголемена готовност најмалку до крајот на годинава, потврдија високи германски полициски претставници.

https://p.dw.com/p/QDWU
Полицаец патролира на аеродромот во ХамбургФотографија: dapd

По информациите дека исламски милитанти подготвуваат напади во земјата слични на акцијата во индискиот град Мумбај во 2008-та, кои лично ги обелодени министерот за внатрешни работи Томас де Мезие, безбедноста е зголемена на сите витални објекти во Германија.

Шефот на полицијата во земјата, Матијас Зегер за весникот „Билд“ денеска оцени дека ризикот за напади во земјата, на скала од 1 до 10, изнесува 9, но побара од граѓаните да не паничат.

Првиот човек на германскиот полициски синдикат Рајнер Вент, пак, изјави дека особен ризик во претстојниот период постои кај традиционалните божиќни пазарчиња, кои во овој период од годината се отвораат во сите градови низ земјата.

„Се‘ додека божиќните пазарчиња се отворени, мораме да очекуваме напади во секој момент, и ќе ги заштитиме граѓаните со видливо присуство во нив“, рече Вент.

BdT Weihnachtsmarkt in Frankfurt eröffnet
Божиќните пазарчиња, како ова во Франкфурт, се главна мета на терористите?Фотографија: AP

Веќе неколку дена во земјата е подигнато нивото на безбедноста на аеродромите и железничките станици, но властите стравуваат дека терористите своите цели може да ги бараат насекаде низ земјата. Печатот е преполн со различни информации за целите и потеклото на терористите. Според „Тагесшпигл“, информациите за можните напади во Берлин стигнале од САД, и според нив, четворица милитанти на Ал Каеда биле задолжени за нивно изведување. Таблоидниот „Билд“ тврди дека властите се во потрага по двајца индиски и двајца пакистански милитанти, за кои се верува дека се веќе во земјата, но никој не знае како изгледаат.

Опасноста ги демне и големите и малите градови

Разногласие постои и меѓу одговорните во земјата. Рајнер Вент од полицискиот синдикат вели дека ризикот за цивилите не е ограничен само на поголеми градови како Берлин, Хамбург или Минхен, туку и на помалите. Берлинскиот сенатор за внатрешни работи, Ерхарт Кертинг, пак, предупредува на особена опасност за големите градови.

„Знаеме дека постои опасност од напади во Германија. И кога се има во предвид таквата опасност малку е веројатно дека евентуалните напади би се случиле на Шварцвалд или на некое зафрлено место на Северното Море, туку во некој од поголемите градови“, изјави Кертинг.

Во меѓувреме, разјаснета е и дилемата по информациите дека на аеродромот во намибискиот град Виндхук била пронајдена експлозивна направа наменета за лет кон Германија. Германските медиуми јавија дека најверојатно се работело за подметната лажна експлозивна направа и тоа од германските тајни служби со цел да се тестира безбедносниот систем. Информацијата потоа ја потврди и министерот де Мезие.

Автор: БГ/АТ/дпа/ројтерс/дв

Редактор: Жана Ацеска