1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Биланс на изминатите пет години

7 мај 2009

Македонскиот претседател на заминување Бранко Црвенкoвски, одржа проштална средба со претставниците на македонските медиуми, денеска во Скопје. Можност, претседателот да сведе биланс на изминатите пет години.

https://p.dw.com/p/HlRS
Претседателот на заминување, Бранко ЦрвенковскиФотографија: MIA

Во изминатите пет години Македонија бележеше успеси и разочарувања, победи и порази, оценува претседателот на заминување Бранко Црвенковски.

На прошталнатата средба со медиумите, македонскиот претседател истакна дека му претставувало огромно задоволство да ги слушне оценките на бројни странски државници дека Република Македонија како ретко која друга земја успеа брзо да ги надмине последиците од воениот конфликт и да стане позитивен пример за успешна мултиетничка и мултикултурна демократија.

Како шеф на државата се залагал и ја спроведувал политиката за која верувал дека е најдобра за македонските национални и државни интереси. „Работев толку колку што знаев и можев не штедејќи се ниту себе си, ниту другите. Некои мои ставови и одлуки наидуваа на поддршка, а некои на остри критики и негодувања во јавноста. Никогаш не тактизирав и не се поведував од моменталното јавно расположение, убеден дека времето ќе покаже која политика била вистинска за Република Македонија“, истакна Црвенковски.

На Македонија и е потребно лидерство, кое ќе ја преземе одговорноста за тешки одлуки

Crvenkovski in Paris
Претседателот Црвенковски на конференција на УНЕСКОФотографија: TONI GLAMCEVSKI

„Бев неизмерно среќен кога во 2004 година САД решија да го признаат уставното име на нашата земја. И исто така во 2005 кога го стекнавме кандидатскиот статус за членство во ЕУ“, рече Црвенковски, додавајќи дека од друга страна длабоко жали што во овој период Македонија не стана членка на НАТО Алијансата.

Црвенковски секогаш се водел од начелото дека на земјата и е потребно лидерство кое ќе води, а не кое ќе следи, лидерство кое ќе ја преземе одговорноста за тешки одлуки и кое ќе верува дека вистинската вредност на таквите одлуки ќе ги верификува историјата. За секој неуспех на Република Македонија додека ја извршуваше претседателската функција, како што посочи, го презема неговиот дел за одговорноста во онаа мера во која тоа било резултат на неговата политика, ставови и одлуки.

Црвенковски му честита на неговиот наследник Ѓорге Иванов и му посака успешно да ја врши функцијата. Му вети поддршка и соработка секогаш кога Иванов искрено и суштински ќе се залага за спроведување на стратешките интереси на Македонија.

„Записи за едно време-пет години на чело на Република Македонија“

Crvenkovski - Barroso
Претседателот на Македонија Црвенковски и претседателот на Комсијата на ЕУ БаросоФотографија: DW

На средбата со претставниците на медиумите Црвенковски ја промовира книгата „Записи за едно време-пет години на чело на Република Македонија“. Во неа се содржани заложбите и ставовите на Црвенковски искажани во неговите говори, интервјуа, писма и други записи. Мандатот на Црвенковски истекува на 12 мај, кога на должноста ќе стапи новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов. Црвенковски се враќа во неговата матична партија, СДСМ, веројатно на челната позиција, со главен предизвик, како што рече, да ја консолидира опозицијата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска