1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисот со фалсификувани евра цути

ЕМФ /дпа/дв22 јануари 2016

Имаше времиња кога фалсификувањето беше нешто како занает. Денес во основа секој може да произведе фалсификат банкноти - со само неколку клика на интернет. Тоа е нов предизвик за заштитниците на валутата.

https://p.dw.com/p/1HiRT
Фотографија: picture alliance/abaca/S. Lemouton

Фалсификаторите на пари во Германија и еврозоната, откако е воведено еврото, се активни како никогаш досега. Европската централна банка, според актуелните податоци, „избројала“ 900.000 фалсификувани евро-банкноти. Околу 11 проценти од нив биле откриени од страна на банките, трговијата и полицијата во Германија, соопшти Бундесбанката. Тоа е зголемување од 51% од времето на воведувањето на заедничката валута. „Зголемувањето на бројот на фалсификувани банкноти е загрижувачки, но веќе се донесени соодветни мерки“, нагласува членот на Управниот одбор на Бундесбанката, Карл-Лудвиг Тиле.

Измамниците често фалсификуваат банкноти од 20 евра, но особено омилени се банкнотите од 50 евра. Речиси 90% од сите фалсификати се банкноти од 50 евра. Тиле, кој во Бундесбанката е надлежен за темата „готовина“ смета дека новите банкноти кои Европската централна банка ги става постепено во оптек ќе решат многу проблеми, затоа што се подобро заштитени од фалсификување. Новата банкнота од 20 евра е воведена во ноември минатата година. Се смета дека новата банкнота од 50 евра ќе биде пуштена во оптек од 2017 година.

Експертите велат дека дури и холограмот на предната страна на банкнотите веќе не е заштита од фалсификување. „Речиси секоја петта фалсификувана банкнота од 50 евра“ има холограм-имитат, „добиен преку интернет“, објаснува Рајнер Елм, раководител на Националниот аналитички центар на Бундесбанката. Со неколку кликови во основа секој преку темните канали на интернетот, на кинеските трговски платфроми може да обезбеди вакви безбедносни обележја. Така евтините копии, може да се „облагородат“ со помош на холограм-налепници.

Интернет-трговијата е нов предизвик за заштитниците на валутата. Дел од криминалците на интернет си нарачуваат веднаш и цел врзоп фалсификувани банкноти. Патиштата по кои стигнува „стоката“ се нови и проширени во споредба со порано.

Штетите предизвикани од фалсификувани пари се искачија од 3,3 на 4,4 милиони евра, велат германските банкари. Во светот штетите од фалсификуваните евра во 2015 година се проценуваат на 39 милиони евра.