1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисот бревта под товарот на наследените проблеми

Костадин Делимитов
24 август 2017

На стопанството му се потребни конкретни мерки, но и вистински слободни институции. Во очекување на владината стратегија, бизнисмените апелираат и на засилена политичка поддршка посебно на извозно ориентираните компании!

https://p.dw.com/p/2ih5C
Symbolbild - Bauerabeiter in Deutschland
Фотографија: picture alliance/TAL/dpa/M. Lugger

Заглавени тендери, блокирани судски предмети, неажурни институции. Три месеци по промената на власта во Македонија, бизнисмените се жалат дека не можат да кренат глава од судско-бирократските лавиринти. Клучниот проблем, според дел од нив, е политичката оставина од претходната власт која сѐ уште доминира и диктира во клучните процеси:

„Сѐ уште сме во фаза во која што ги немаме сите атрибути на тоа што се нарекува држава. Нема правна држава, немаш држава. Очекуваме релаксација на политичката состојба и пред сѐ вистинско враќање на правната држава, а сведоци сме на секојдневно флагрантно кршење на Уставот и тоа од оние кои што треба да го штитат. Друго е желбата, позитивната енергија која се чувствува, најавување на инвестиции, поддршка, стратегија и слично. Но, еве, очекуваме и локални избори во една нејасна, недефинирана ситуација со наследени проблеми од кој ниту еден нема разрешница. Без овие предуслови, што било друго да се преземе или најави нема да донесе ништо конкретно, освен само нешто што ќе дава надеж“, предупредува во изјава за Дојче веле бизнисменот Мендерес Кучи.

Клучниот проблем кој го тишти бизнисот е заробеното судство. Наместо да се занимаваме со бизнис, ние дремеме по судови, реагира Кучи: 

„Компаниите сѐ уште висат по судови, а најстрашно е што предметите им се враќаат по основ на тоа кој каде припаѓа политички, или е поддржувач на една или друга опција. Заробеното судство е огромен проблем и апслутно без тоа попусто ни е какво било планирање. Бадијала сѐ што најавуваме, кога во вакви услови сѐ паѓа во вода. Сѐ е само пуста желба. Регулатива е лесно да се донесе, но друго е основата на проблемот и тоа е многу опасна и штетна ситуација. Не знам како оваа влада ќе ги реши проблемите, но мора да се најде ефикасно и брзо решение ако сакаме да имаме позитивен развој", реагира Кучи.

На слични проблеми се жалат речиси сите стопанственици кои ги контактираше Дојче веле. На добар дел од нив им боде очи и политичкиот дисбаланс кој создава проблеми и дисконтинуитет во нивното функционирање:

„Она што е ургентно потребно е интерно подобра координација помеѓу институциите на системот. Сега сме сведоци на состојба 'кој во клин кој во плоча'. Секој солира како сака, а институциите функционираат како раштимуван оркестар. Не знаеш кој кадија те суди, кој кадија те тужи. Едноставно не можеш да го фатиш редот. Барем во делот на економијата сите треба да водат единствена политика, но за жал тоа не е така. Не сакам ниту да помислам што ќе се случува ако утре се скараат во коалицијата и ако се распадне оваа влада. А да не заборавиме дека повторно влегуваме во изборен процес на локално ниво. Повторно еден месец дупка до нив и два месеца потоа. Сѐ што се работи ќе запре и ќе се суспендира“, коментира за Дојче веле сопственик на една од поголемите компании во државата.

Symbolbild Finanzen
Фотографија: Fotolia/delux

Фрустрациите на домашното стопанство

Во вакви услови бизнисот со „душа“ ја очекува владината стратегија од која треба да произлезат конкретни мерки за стимулирање и директна поддршка за зголемување на конкурентноста на домашните компании. Клучно е велат да ги снема кочниците и да се воведат конкретни мерки, кои директно ќе влијаат на секојдневното работење на постојните компании:

„Треба да се влијае на стимулативни мерки за поддршка на работната сила во домашните компании, бидејќи странските направија ненормален притисок на пазарот на работна сила, пред сѐ поради субвенциите на платите што ги добиваа. Тоа се чувствува во секој дел од бизнисот, а особено во делот на инженерскиот и техничкиот кадар. Поради субвенциите на платите домашните компании едноставно не можат да ги задржат работниците“, укажува Антони Пешев од Стопанската комора на Република Македонија.

Она што дополнително го фрустрира домашното стопанство е отсуството на конкретна, активна поддршка на извозно ориентираните компании. Можеби нивниот број е сѐ уште недоволен, но со правилна политика постојните бизниси и тоа како може да влијаат на подобрување на перформансите на македонската економија, сугерираат стопанствениците:

„На домашните пред сѐ производствени и извозни компании им е потребна активна поддршка за надвор од Македонија. И тоа на сите што имаат капацитети да им се помогне. Не е срамота Владата да биде промотор. Ако имаме успешни проекти, да се работи на атрактивни потенцијали кои се извозно атрактивни и да се помогнат тие да одат надвор. На кој било начин за да се извезува по секоја цена. Во сите развиени држави властите како партнери активно учествуваат во промовирањето. На пример, Ангела Меркел каде и да оди со себе носи десетици извозни компании и притоа таа не работи за компаниите, туку директно им помага на илјадниците вработени. Извозот треба да е политички поддржан и тоа не е незабележливо“, коментира Пешев.

Symbolbild Export Kiste Box Wirtschaft
Неопходно е зголемување на конкурентноста, пред сѐ во делот на извозотФотографија: Colorbox/THEERAPOL

Што е важно за бизнис заедницата?

Од Владата засега не обелоденуваат детали околу содржината на стратегијата која, според најавите, треба да се објави во текот на септември. Од досегашните најави, јасно е дека странските инвеститори веќе нема да бидат во фокусот, односно нивниот третман во најмала рака ќе се изедначи со домашниот бизнис кој добива на приоритет. Ако се суди според најавите, македонските компании отсега ќе можат да сметаат на директна стимулација по повеќе основи во насока на зголемување на конкурентноста, пред сѐ во делот на извозот. За ова, како што велат од Владата, се подготвува посебен пакет мерки.

Бизнис заедницата посакува тој да содржи и ефикасно решение за проблемот со ликвидноста, директни гаранции за обезбедување свеж финансиски капитал, но и поголема дисциплина во делот на повратот на ДДВ, што беше хроничен проблем во изминатите години. Важно е да се обезбедат и повеќе средства за истражување и развој, но и да се обезбедат капацитети и механизми  за поголемо искористување на ИПА, но и домашните развојни проекти.