1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесполезен акционизам на Шојбле за даночните оази

Хенрик Беме / превод: ЕМФ16 април 2016

Германскиот министер за финансии Шојбле во Вашингтон бара поддршка за својата иницијатива за сушење на даночните оази. Притоа, доволно е да се почне прво со спроведување на она што веќе е договорено, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1IWvg
Фотографија: Fotolia/Trueffelpix

Се разбира дека политиката мораше да реагира на откритијата од т.н. „Панама пејперс“. Притоа, начинот на кој тоа се прави е секогаш ист. Прво, огорченост. Второ, разочарување. Трето, дејствување. Дејствувањето во случајот на германскиот министер за финансии значи: акционен план од 10 точки за борба против перњето пари и за пресушување на даночните оази. Дојде проклето брзо, веројатно веќе долго лежел во фиоката на Волфганг Шојбле. Само недостигала поволна можност за да биде објавен.

Борба со предисторија

Она што преостанува е пред сѐ прашањето: зошто ваков акционизам? Ваков план има одамна и цела низа земји се вклучени во тоа. Но, да одиме по ред. По светската финансиска криза државите од Г20 договорија низа мерки за зајакнување на светскиот финансиски систем и, затоа што беше јасно дека спасувањето на светот е прилично скапо, договорија и поголема даночна праведност. На историскиот самит во Лондон во април 2009 година, меѓу другото, беше договорено сушење на даночните оази. Во завршниот документ можеше да се прочита: „Времето на банкарската тајна е минато“. Пер Штајнбрик, претходникот на Шојбле на функцијата министер за финансии, тогаш одвај можеше да поверува што стои во документот и заедно со останатите го славеше историскиот пробив. Дома се врати со црна листа на даночни оази.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Потоа минаа неколку години додека сѐ беше регулирано. Мораше да се најдат заеднички стандарди - тоа беше задача на организацијата на индустриските држави ОЕЦД. И, работата конечно беше завршена - на крајот на октомври 2014 година над 50 земји потпишаа договор со кој практично беше укината банкарската тајна во нив. Само што Американците не ставија потпис. Тоа беше повод за неколу други земји, меѓу нив и Панама, исто така да одбијат соработка на тоа поле. Да не беше така, веројатно „Панама пејперс“ никогаш не ќе излезеа на виделина.

Вака или онака - наредната година треба да се почне со размена на податоци на земјите кои се дел од договорот, за тековите на пари да станат потранспарентни. Се напредува и во делот на затворање на даночните дупки кои ги користат големите меѓународни концерни. Плановите за тоа беа договорени на самитот на Г20 во Анталија, минатата есен. Значи, зошто беше потребен акционен план на Шојбле?

Само храбро!

Точно, околу 100-те земји кои не го потпишаа даночниот договор, но кои се залагаат за мерките кои се содржани во него, би можеле да се притиснат и да се каже: потпишете или ве ставаме на црна листа! Но, Шојбле и неговите сојузници нема да се осмелат на такво нешто. Зашто, од тоа би биле погодени и Американците. Или германскиот министер за финансии со својот толку убав план од 10 точки сака можеби да го одвлече вниманието од пропустите во својата земја, како на пример во делот на борбата против перењето пари? Шојбле би требало можеби да разменува податоци со италијанските обвинители и борци против мафијата. Тие знаат дека при секое откривање на мафијашки случај во Италија на виделина излегуваат и информации за перење пари во Германија.