1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040811 Berlusconi Wirtschaftskrise

4 август 2011

Италијанскиот премиер го одржа долго очекуваниот говор во парламентот во обид да ги смири финансиските пазари.Наместо да предложи конкретни мерки за подобрување на ситуацијата тој го фалеше постоечкиот финансиски систем.

https://p.dw.com/p/12B87
Тежок период за Силвио БерлускониФотографија: dapd

Мина долго време пред италијанскиот премиер Силвио Берлускони конечно да се јави за збор за ситуацијата околу економсата криза и нападите на шпекулантите. Од него речиси и да не се чу ништо по изгласувањето на пакетот за штедење вреден 80 милијарди евра. Сега тој значи сакаше да упати јасен сигнал бидејќи шпекулациите на финансиските пазари продолжија и по овој клучен чекор на италијанскиот парламент.

Очекувањата од говорот беа големи: „Берлускони од тоа може да излезе засилен на краток рок или силно ослабен. Тоа е негов испит на зрелост како државник“, велеше пред говорот Паоло Гралди уредник во весникот „Ил Месаџеро“.

Ако и се верува на опозицијата, Берлускони паднал и тоа здраво на испитот. Пјер Луиџи Берзани од Демократската партија се шегуваше дека единствената услуга што Берлускони и ја направил на неговата земја е што чекал да го одржи говорот по затворањето на берзата.

Виновни се финансиските пазари

Во секој случај Берлускони не кажа речиси ништо ново. Кризата не е италијанска, туку светска. Неговата земја меѓутоа е стабилна, економијата е витална, а банките солидни, рече премиерот. Банките го минаа стрес-тестот на ЕУ и располагаат со доволно капитал. Вината за актуелната состојба треба да се бара пред се’ во проблемите на Грција и во бавната реакција на ЕУ. Покрај тоа несигурноста стана поголема ширум светот пред се’ во САД, истакна Берлускони.

Italien Silvio Berlusconi Milliardensparpaket gegen Schuldenkrise‎ Juli 2011
Берлускони во италијанскиот парламентФотографија: dapd

Забележливо беше пред се’ тоа што Берлускони демонстративно го фалеше пакетот за штедење на неговиот министер за финансии Џулио Тремонти, кој седеше веднаш до него. Од ривалство немаше ниту трага. Претходно постојано имаше гласини дека Берлускони сака да го казни Тремонти бидејќи нему како прво не му се допаѓа пакетот за штедење и како второ затоа што стравува дека Тремонти му е силен ривал.

Но, во неговиот говор пред парламентот Берлускони пред се’ ги осуди финансиските пазари. Според него инвеститорите во оценката на државните обврзници на Италија не ги земаат предвид ни стабилноста на банкарскиот систем ни добрата финансиска состојба на семејствата и средниот слој ниту пак фактот дека во италијанскиот сектор на недвижности нема никакви проблеми.

Сето тоа ја прави Италија една сигурна земја, продолжи Берлускони.

Опозицијата порача дека проблемот на Италија е Берлускони

Тој најави дека ќе се работи на намалувањето на државниот долг и оти со синдикатите и претпријатијата ќе се создаде т.н Пакт за поголем економски раст, зашто поголемиот стопански пораст е фундаменталната цел.

--- DW-Grafik: Peter Steinmetz
Фотографија: DW

Но, Берлускони не наведе повеќе детали за тоа. Содржински погледнато, тој можеше овој говор да го оддржи уште по изгласувањето на пакетот за штедење во парламентот во Рим пред речиси три недели. Согласно тоа критиките од опозицијата беа остри.

Антонио ди Пјетро од партијата Италија на вредности, вината за кризта му ја препиша само на еден човек: „Проблемот сте Вие, господине премиер. И ја одземавте веродостојноста на земјата. Вашата влада е таа што ги брка инвеститорите. Тоа е проблем, Вие сте проблем за земјата. И фактот дека тоа не го забележување ја прави работата уште полоша“.

Пјер Луиџи Берзани од Демократската партија пак побара оставка од Берлускони и нови избори.

Но, многу поголема тежина од рефлексивните повици за оставка од страна на опозицијата има оценката на еден од најголемите стопанственици во земјата, шефот на концернот Фиат, Серџо Маркионе, кој изјави: „На Италија сега и’ е потребно посилно раководство, за да и’ се врати веродостојноста на земјата“. Тој притоа не се изјасни дали го гледа Берлускони во тоа раководство.

Автор: Даниела Штал/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска