1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берзите голтнаа 2.500 милијарди долари

5 август 2011

Вчерашниот шок на берзите и продлабочувањето на економската криза им го скрати одморот на некои од европските лидери. Времето треба да го поминат на размислување како да се скроти растечката економска криза.

https://p.dw.com/p/12Bo4
Драматичен пад на берзитеФотографија: Fotolia/Dan Race

Идејата која до сега беше табу – формирањето на заеднички евро-обврзници сега е на цена. За ова итни телефонски разговори ќе одржат германскиот канцелар Ангела Меркел, францускиот претседател Никола Саркози и шпанскиот премиер Хозе Луиз Родригез Запатеро.

Од другата страна на Европа, преку писмо се огласи грчкиот премиер Јоргос Папандреу со барање вториот „појас за спасување“ за неговата земја да биде фрлен веднаш. Папандреу бара од европските партнери што побрзо да се реализира договореното од јулскиот самит на Унијата, за втора помош за спасување на грчката економија. Две недели по договорот за помош на Грција, евро-зоната западна во подлабока и поширока должничка криза. За да ги добие парите што ги бара, Папандреу ќе мора да почека на одобрение и од националните парламенти во земјите членки, кои во најголем дел се на годишни одмори.

Giorgos Andrea Papandreou Griechenland TV-Ansprache
Папандреу ги бара ветените пари, а парламентите кои треба да ги одобрат, се на одморФотографија: dapd

Писмо испрати и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо. Во него забележува дека кризата се шири и повеќе не е ограничена само на евро-зоната. И Баросо и Папандреу се согласуваат дека последните случувања најмногу ќе се одразат на зголемениот скептицизам за административниот капацитет на евро-зоната да одговори на растечката криза.

Богатството од пари се претвора во благородни метали

Светските берзи збришаа 2,5 трилиони долари од вредноста на компаниите оваа недела и со тоа ја зголемија загриженоста за нагло забавување на економијата, влегување на САД во нова рецесија и зголемување на должничката криза во Европа, особено онаа на Италија и Шапнија.

Њујоршката берза вчера го имаше најтешкиот ден од почетокот на кризата од пред три години. Главните берзански индекси паднаа од четири до пет отсто. „Видовме ерозија и губиток на довербата на инвеститорите – доверба во економијата, доверба во пазарот, доверба во политичките водачи“, прокоментира финансискиот консултант Хју Џонсон.

Frankfurt Börse Crash Kursverluste Finanzkrise
Инвеститорите, под голем стрес од случувањата на берзите, богатството го селат во благодарни металиФотографија: dapd

Многу инвеститори размислуваат своето богатство да го претворат во благородни метали, откако цената на златото се зголеми двојно, а на финансиската криза не и се гледа крајот. Цената на златото денеска на светските берзи дополнително се зголеми за еден процент, а онаа на нафтата на берзата во Њујорк денеска дополнително поевтини – цената е 85 долари за барел и е последица на очекувањето дека забавениот глобален економски раст ќе предизвика пад на побарувачката.

„Изгледот на економијата ги стресува инвеститорите до најголем степен и чувството е дека таа ќе остане екстремно кревка“, вели Кејт Боуман, аналитичарка во „Харгрејвс Ленсдаун“.

На наредната страница прочитајте: Азиските џинови бараат светска акција за спас на економијата

Вредноста на швајцарскиот франк достигна рекорд во однос на еврото. Вредноста и на јапонскиот јен се зголеми, откако претходниот ден Јапонија масовно продаваше од својата валута. Јапонскиот министер за финансии, Јошихико Нода ги повика глобалните креатори на политики да се спротивстават на нарушувањата на валутите, должничката криза и на грижите за американската економија, бидејќи, шансите САД да отидат во рецесија во моментов се проценуваат на 40%.

Кина и Јапонија повикаа на заедничка меѓународна соработка. Двата најголеми странски кредитори на Вашингтон ја нагласуваат зголемената загриженост, откако индексите на азиските берзи паднаа, следејќи го тонењето на „Вoл Стрит“ ден претходно. Во исто време, стигнува охрабрување дека кинеската доверба во евро-зоната останува и земјата ќе продолжи да ја поддржува заедничката валута на Унијата, и покрај тоа што се продлабочува должничката криза на европскиот континет и таа се заканува да ги проголта Италија и Шпанија.

Yang Jiechi Außenminister China
Кинескиот министер за надворешни работи, Јиечи Јанг ветува поддршка за евро-зонатаФотографија: picture-alliance/dpa

Министерот за надворешни работи, Јиечи Јанг го даде тоа ветување, откако берзите ширум светот западнаа во стравувања дека глобалната економија оди кон рецесија, по ослабувањето на американската економија и загриженоста дека европската криза ќе се прошири.

„Кина секогаш имаше доверба во евро-зоната и еврото. Кина во минативе години го зголеми својот удел во евро-обврзниците. Таа ќе продолжи и во иднина да ги поддржува Европа и еврото“, изјави Јанг за време на посетата на Полска.

Официјален Пекинг сака да го зајакне еврото, затоа што сака да ги заштити своите инвеститори, а и најголемиот број купувачи на кинеските извозни производи се наоѓаат во Европа.

Загуби поради Грција

Deutschland Wirtschaft Börse DAX profitiert von Griechenland-Rettung
Пад на берзите во САД, Европа и АзијаФотографија: dapd

Британската банка „Ројал банк оф Скотланд“ во првите шест месеци од оваа година има загуба, поради финансиската и должничката криза во Грција. Банката соопшти денеска дека има загуба од 1,4 милијарди фунти, откако обезбедила 733 милиони фунти за откуп на државните обврзници на грчката Влада. Банката стравува дека парите што и‘ ги има позајмено на владата во Атина, можеби не ќе може да ги наплати, поради длабоката должничка и финансиска криза во која се наоѓа Грција. Поради тоа, вредноста на нејзините акции на лондонската падна за 13 отсто.

Денеска има повторен пад и на миланската берза. Берзанскиот индекс отиде надолу за 3,5 проценти. Во текот на вчерашниот ден, тој пад беше 5,16 проценти. Во исто време се објавија податоците дека италијанското индустриско производство паднало за 0,6 проценти во јуни – нешто што ги вознемири аналитичарите, кои очекуваа покачување на производството. Италија има голем јавен долг и мал економски раст, а во исто време и тензии во владата.

Автор: АМ/ афп/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи