1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците искористени за ширење страв и партиски препукувања

Кристина Озимец
12 август 2017

Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ објавија информации дека во Македонија трајно ќе бидат сместени голем број бегалци и мигранти во новоизградени станбени комплекси. Од Министерството за труд ги демантираат нивните тврдења.

https://p.dw.com/p/2i4yF
Flüchtlinge an der griechisch-mazedonischen Grenze
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Македонија нема добиено насоки да прими одреден број бегалци од Сирија и другите кризни региони во светот, децидни се од Министерството за труд и социјална политика. Тие заедно со нивната министерка, Мила Царовска деновиве се најдоа под жестоки напади од страна на медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како и од самата партија со обвинувања дека планираат да градат 100 станбени единици на разни локации низ државата каде ќе сместат огромен број на бегалци. Дури се проширија и информации за конкретни локации, во близина на Прилеп, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Битола каде населението е вознемирено од можноста токму тие да станат домаќини или соседи на бегалци од Блискиот Исток. Фамата започна по објавувањето на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 на веб сајтот на министерството, по што особено се даде внимание на делот во кој државата се обврзува да најде парцели низ државата каде ќе се градат социјални станови на најмалку 100 локации.

Од ВМРО ДПМНЕ кои поднесоа интерпелација за министерката Царовска, обвинија дека со новата стратегија Македонија не е веќе транзитна земја, туку станува земја за траен претстој на голем број на бегалци, мигранти и странци што ќе бара обезбедување на милијарди евра во наредниве 10 години.

„За предложената стратегија за бегалци мигранти и странци, Македонија и општините едноставно немаат доволно ресурси. Македонија многу пати ја покажала и се уште ја покажува својата хуманост, за Стратегијата и Акциониот план воопшто не се прашани ниту граѓаните ниту нивните претставници и од тие причини најдобро е Министерството за труд и социјала да ги повлече Стратегијата и Акциониот план на доработка и корекции“, вели Влатко Ѓорчев за Дојче веле.

Idomeni Grenze Polizei Flüchtlinge
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Домување за раселените од 2001 и косовските бегалци

Прашањето на домување, кое беше предмет и на претходната стратегија, а кое се провлекува и во оваа стратегија, е фокусирано на 400 бегалци од Косовската криза кои сѐ уште престојуваат во Македонија. И тука нема ништо спектакуларно или со задни намери, како што тоа се обидува да го претстави ВМРО ДПМНЕ, велат од МТСП за Дојче веле.

Според нив, уште во јули 2010 година, министерството донело Документ за политики за долгорочни и трајни станбени решенија, чија цел била да се реши прашањето на долгорочните и трајните станбени решенија во процесот на локална интеграција на бегалците.

„Истата година  Владата аплицирала и добила грант од 2.5 милиони евра за изградба на 100 станбени единици со кои требало да биде надминато прашањето на домување за внатрешно раселените лица од кризата во 2001 година и прашањето на најранливите категории бегалци од Косово, кои одлучија да пристапат кон процесот на интеграција во Македонија. По однос на овој грант, била изготвена проектна документација, била посочена и локација за изградба на 100 станбени единици, но овие средства по поплавите во струмичкиот регион се пренасочиле за поплавеното население, со што Министерството, согласно законските обврски, се уште издвојува буџетски сретства за покривање  месечни трошоци за закупнина на овааа категорија на лица“, велат од МТСП.

Тие велат дека за Стратегијата побарале забелешки од повеќе релевантни институции и организации, меѓу кои и од ЗЕЛС, кои го препратиле дописот до општините, но од ниедна општина не била побарана предлог локација за изградба на станови, иако прес конференциите на ВМРО ДПМНЕ се засновале токму врз таа информација.

Обвинија дека и Владата на ВМРО ДПМНЕ барала локации за изградба на станови за бегалци и откако екс министерот Спиро Ристовски во 2012 година се обратил до општина Сарај со барање за согласност за користење градежна парцела за изградба на станови за сместување бегалци и социјално загрозени лица, овозможено со средства од ИПА Фондот.

Бегалците немаат интерес да останат во Македонија

Иако Македонија долго време е земја транзит и низ неа поминаа огромен број на бегалци кои бегаат од воените подрачја во светот, често бегалците воопшто не сакаат да останат во земјава. Нивна цел е да стигнат во европските земји со висок стандард како Германија или земјите во Скандинавија. Но каде ќе транзитираат оние кои би пристигнале во нов бран на бегалци, сега откако границите на Европа се затворени? Земјите од Вишеградската четворка отворено се противеа на планот на Европската унија за распределба на бегалци. Дали се планира одредена бројка на бегалци да биде распределена во други земји, меѓу кои и нашата?

Griechenland Flüchtlingslager
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Од МТСП велат дека за ова прашање најдобро говорат бројките. „Иако балканската рута е официјално затворена на 9 март 2016 година, во тој период на територија на Р.Македонија имаше околу 1600 мигранти во двата прифатно транзитни центри (ПТЦ) во Гевгелија и Табановце. Денешните бројки се 13 мигранти во ПТЦ Гевгелија, 27 мигранти во ПТЦ Табановце и 15 Баратели на азил во ЈУ Пруфатен центар за баратели на азил“, додаваат оттаму.

Мерсиха Смаиловиќ од организацијата „Легис“ вели дека интересот на бегалците да останат во земјава е само додека да се снајдат да го продолжат својот пат кон Западна Европа. Затоа и бројот на оние кои останале да ги чекаат одговорите на барањата за азил е многу мал, затоа што Македонија едноставно не е нивна дестинација.

Во врска со прашањето за градење објекти за бегалци, таа вели дека НВО секторот не бил консултиран и тие немаат повеќе информации за ова прашање.

„Од почетокот на бегалската криза до денес, немаме видено полоши реакции кај населението, предизвикани од неоснованата реакција на опозицијата. Ниту еден од нивните аргументи не е основан. На пример, никаде не се спомнуваат 10 000 бегалци. Тое невозможно, бидејќи ни квотите на земјите членки на Европската Унија кои се поголеми од нас не се толкави. Тука е и  делот за трошоците кои наводно треба да се од буџетот, па со тоа ќе се ускрателе граѓаните, а во нацрт стратегијата се вели дека скоро сите трошоци ќе бидат обезбедени од донации. Исто така, тука е и делот со заплашувањето на граѓаните за нивната безбедност, а фактите говорат дека во изминатиов период токму бегалците биле жртви на нашите криминогени сограѓани, а не е регистриран ниту еден инцидент сторен од страна на бегалците“, вели Смаиловиќ.

Политикологот Соња Стојадиновиќ, вели дека оваа Стратегија за интеграција на бегалци првично е напишана за период од 2008-2015 што значи дека првични креатори се ВМРО-ДПМНЕ.

„Самата Стратегија не ги вклучува само бегалците од кризата од 2015 година туку и бегалците од косовската криза од 1999 година. Интегрирањето е предвидено за да се намали и процентот на социјални случаи и да се придонесе на пазарот на труд. Фамата која се создава околу интегрирањето на бегалците е неизбежна исто колку што е и лицемерна. Да се игра на картата на различност во религијата и да се шири исламофобија е комплетна навреда на сите граѓани на Македонија кои се муслимани. Тие што го шират тој страв се однесуваат како во Македонија да не постојат муслимани и да не сме живееле со нив во последниве 500 години“, вели Стојадиновиќ

Во огромниот прилив на бегалци низ Македонија како транзитна земја на западнобалканската рута се регистрирани 400 000 лица кои патуваа кон земјите од Западна Европа. Во октомври минатата година, низ земјава поминале 10 000 бегалци во само еден ден. Лани во март западноевропските земји беше затворена западнобалканската рута на инсистирање на повеќе западно европски земји кои ги затворија своите граници за бегалците. По затворањето на границата, до крајот на 2016-та биле регистрирани само 75 бегалци.