1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалци: Скржавост и штедење

Сабине Кинкарц / Е.М. Фиданоска25 септември 2015

Покраините и општините во Германија ќе добиваат по 670 евра за бегалец од сојузните пари. Тоа не е ништо повеќе од итна помош. За интеграција на луѓето се неопходни многу повеќе средства, коментира Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/1GdUR
Фотографија: Fotolia/Tobif82

Сојузот и покраините со часови се расправаа за пари на финансискиот самит за бегалците. Но, од сето тоа не произлезе ништо големо. Сојузниот министер за финансии полека и со недрага волја го дава единствено она што е најнеопходно. Со двете милијарди евра за годинава и околу 4 милијарди евра за наредната година одвај може да се покријат трошоците за покрив над главата и нешто за јадење, зашто од тие пари треба да се финансираат и протерувањата од земјата.

670 евра по бегалец месечно е нешто што може да биде само почеток. Помош за старт во овие хаотични кризни времиња, во кои дневно во Германија доаѓаат илјадници нови бегалци, кои со оглед на се‘ постудените денови и ноќи би морале да бидат згрижени најбрзо што е можно. Дури и тоа е се‘ уште проблем, како што може да се види во Берлин, во Покраинската служба за здравство и социјала. Бегалците мора да чекаат во просек по три дена додека да дочекаат да дојдат на ред во прифатилиштето за прием.

Наставници, психолози, социјални работници

Сега барем ќе има пари за да се разјасни хаосот и работите да може да се стават во вистински колосек. Но со тоа ни оддалеку не е завршено се‘. Потребни се наставници, психолоци и социјални работници. Децата мора да одат во градинки и училишта, возрасните да посетуваат курсеви за јазик и професионално да се образуваат и дообразуваат. Мора да се изградат многу поголем број станови од оние кои може да се изградат со парите кои сега ги одобрува сојузот - 500 милиони евра. И попатно, градовите и општините имаат потреба од многу повеќе персонал за бегалците кои можеби ќе доаѓаат во иднина да бидат подобро примени и згрижени отколку што тоа сега е случај. Европската комисија смета дека е можно во наредните три години да има пет милиони нови баратели на азил.

Kommentarfoto Sabine Kinkartz Hauptstadtstudio NEU
Сабине КинкарцФотографија: DW/S. Eichberg

Иако законите за азил се заоструваат и во иднина ќе бидат протерувани поголем број бегалци отколку досега, сепак во Германија ќе останат стотици илјади луѓе. Нивното интегрирање во општеството ќе биде Херкуловска задача и ќе чини многу пари. Пари, кои пред се‘ мора да дојдат од сојузната каса, зашто покраините и општините со години се хронично „кнап“. Тоа е национална задача, а сојузот има најшироки рамена за да го понесе товарот на оваа задача. Време е сојузниот министер за финансии отворено да признае дека „црната нула“ во сојузниот буџет нема да може да се одржи. Тешко дека кој било ќе му забележи поради тоа во ваква вонредна ситуација.

Да не се произведуваат губитници

Да се потсетиме на времето пред седум години. И тогаш имаше криза, но тогаш не мораше да се спасуваат луѓе, туку банки и за таа цел сите средства беа оправдани. На крајот државата стави на располагање трицифрен износ во милијарди евра. Да, против своја волја и не без дискусии, но беше платено. А и тогаш беа кренати раце од изгледите за буџет без долгови. Тогаш ситуацијата ни оддалеку не беше без алтернатива како оваа денес. Банките можеа да влезат во постапка за банкрот, но луѓе не може да се предмет на постапка за банкрот. Дотолку повеќе што бегалците кои се во потрага по подобар живот не може едноставно да бидат запрени.

Животот на островот на благогостојбата - Германија, нема да се одвива како досега. Некои работи ќе се променат, толку е барем јасно. Сега се работи за тоа развојот на ситуацијата политички така да се насочи што ќе има што е можно помалку губитници. Зашто многу Германци стравуваат токму од тоа. Веќе сега секој втор е скептичен, а стравовите кај оние кои се слабо квалифицирани и имаат слаби плати се уште поголеми. На луѓето кои и онака се запоставени не смее да им стане уште полошо само поради тоа што се потребни повеќе пари за бегалците. Тоа, општествено-политички, би било фатално. Мора да се заврши една национална задача. Сојузниот министер за финансии сега не смее да биде скржавец и штедач. И, нема ни многу време за да го сфати тоа.