1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалската криза како пропаганден инструмент?

Роман Гончаренко/сн20 јануари 2016

Руските медиуми известуваат за наводно силување на една девојка во Берлин. Таа, велат, има руско потекло, а силувачите се мигранти. Германската полиција го негира тоа.

https://p.dw.com/p/1HfxB
Фотографија: AFP/Getty Images

Страшната приказна ја донесе руската државна талевизија „Прв канал“ во своите главни вести во саботата навечер. Тринаесетгодишно девојче со руско потекло наводно било киднапирано во Берлин, ставено во автомобил, однесено во еден стан и таму цел ден било силувано. Застрашувачките детали од приказната во прилогот ги раскажува жена која е претставена како „тетка“ на жртвата. Во прилогот не се појавуваат ни родителите, ниту самото девојче. Но, се појавуваат повеќе Руси кои очигледно живеат во Берлин и кои се згрозени од тој наводен случај и порачуваат: „Ако е тоа така, ние на сила ќе одговориме со сила“, се заканува еден маж. Жената која ја претставуваат како „тетка“ на жртвата, тврди дека полицијата ги штити криминалците.

Берлинската полиција на прашањето на ДВ минатиот викенд ги негираше тврдењата на руските медиуми. Ниту имало киднапирање,ниту силување, изјави портпаролката на полицијата. Во понеделникот полицијата повторно ги негираше тврдењата во руските медиуми. Една девојка минатата недела во берлинската населба Марцан-Хелерсдорф била пријавена за исчезната, но по кусо време се појавила, се вели во соопштението за медиумите.

Galerie - Russisches Fernsehen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вести без проверка?

Руската телевизија како извор за својот извештај го наведе малку познатиот интернет портал „Genosse.su“, кој се претставува како „страница на советските Германци“. Страницата се занимава во прв ред со животот на руските Германци и има улога на „меѓународен конвент на руските Германци“, со седиште во Берлин. Ова здружение најави и поддршка за протестот на „неколкумина руски Германци“ кој е планиран на 23. јануари. Пред канцеларијата на сојузната канцеларка имаат намера да протестираат „против насилство“.

Таквите вести кај некои Руси очигледно наидуваат на „плодна почва“. За тоа бурно се расправа на социјалните мрежи. Веќе со месеци руските медиуми известуваат за бегалската криза во Германија и цртаат мрачна, апокалиптична слика. Кога е објавено дека некои бегалци наводно учествувале во напаѓањето жени за време на новогодишната ноќ во Келн, тоа претставуваше доказ за оправданоста на нивните стравови. Бројни стручњаци сметаат дека Германија и Европа пропаѓаат.

И околу шест милиони луѓе со руско или советско потекло кои живеат во Германија, гледаат руска телевизија. Научни студии за нивното расположение кон бегалците меѓутоа нема. Факт е дека посебно по нападите во Келн за време на новогодишната ноќ, некои Руси од Германија вг разгоруваат антимигрантско расположение во блоговите. Писателот Владимир Каминер кој живее во Берлин, меѓутоа, не верува оти Русите во Германија имаа посебно критички однос кон мигрантите. „Да Русите во Германија гледаат руска телевизија“, вели за ДВ Каминер кој родум е Русин. „Меѓутоа, тие имаат алтернатива - на улица да видат или да чујат што известуваат германските медиуми“.

Deutschland Köln Polizei Vorbereitung Demonstrationen Pegida Gegendemonstranten Vorbereitungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Berg

Вести како игран филм

Прилогот на телевизијата „Прв канал“ за наводното силување во Берлин потсетува на повеќе извештаи во руските медиуми од украинскиот конфликт, кои беа делумно или целосно погрешни. Најпознат пример е приказната за „дете распнато на крст“. Така, во прилогот на телевизијата „Прв канал“ од јули 2014 година се велеше дека украинските војници во источноукраинскиот град Славјанск „како Исус“ распнале на дрвен крст тригодишно дете. Потоа медиумот призна дека оваа приказна од „очевидка“ не ја проверил. Извинување меѓутоа изостана.

Публицистот и медиумски експерт Петер Померанцев, кој живее во Лондон, смета дека „Прв канал“ не прави вести во западен смисол. „Не верувам дека 'Прв канал' посебно се интересира за фактите“, истакнува Померанцев за ДВ. „Тоа што го прават Русите, е поблиско до жанрот на еден игран филм, тоа е еден вид Арт Кино“. Главна тема на ова кино е „пропаста на Европа“. „Тоа е многу важна тема, зашто моќта на рускиот претседател Владимир Путин се потпира на идејата на безалтернативност: Кај нас е лошо, ама лошо е и насекаде.“

Померанцев смета дека извештаите како оној за девојчето во Берлин се наменети пред сѐ за публиката во Русија, со цел Европа да се направи да изгледа неатрактивна. Слично на тоа гледа и Владимир Каминер во Берлин. „Сметам дека оваа информација на руската телевизија во прва линија беше наменета за внатрешна употреба, за на граѓаните да им се претстави 'ужасниот живот' во Европа'.Најлошите германски вести секогаш ги дознаваме од Русија“, ироничен е Каминер.