1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Бегалец од Сирија поднесе тужба против Фејсбук

Ахмад Нашив
6 февруари 2017

Сириски бегалец од Германија - познат по селфито кое го направи со канцеларката Меркел во 2015. година, го тужи Фејсбук. Неговиот мотив е да се сопре ширењето на лажните вести.

https://p.dw.com/p/2X3a3
Deutschland Merkel Selfie mit Anas Modamani
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Фејсбук се најде пред локален суд во германскиот град Вирцбург во случај кој може да биде значен преседан во борбата против говорот на омраза и нападите на социјалните мрежи.

На јавното сослушување се одлучува за привремените мерки против Фејсбук во Европа. Ова е прв пат гигантот на социјалните медиуми да застане пред германски суд поради циркулирање на објави со „лажни вести".

Баварскиот адвокат Кан-јо Јун поднесе тужба во име на младиот сириски бегалец кој тврди дека неговата фотографија се шири на Фејсбук придружена со тврдења дека тој е терорист или безмилосен криминалец.

Symbolbild Facebook Social Media Fake News
Фотографија: picture-alliance/maxppp/P. Proust

„Фејсбук е невообичаено тежок за имплементирање на германското право", им вели Јун на корисниците кои ја посетуваат фан страната на неговата адвокатска канцеларија. „Клеветите и навредите се спротивни на германските закони, но не се спротивни на стандардите на концернот“.

Ширење на лажни вести

Анас Модамани стана експресно славен поради „селфи“ фотографијата која ја направи во 2015 година со германската канцеларка, кога таа беше во посета на центарот за бегалци каде што тој беше сместен. Тој ја објави фотографијата на социјалните медиуми. Германските медиуми исто така го уловија моментот и во месеците што следеа и тие фотографии се појавија на социјалните медиуми.

Кога и да се случи инцидент поврзан со бегалци, тој се посочува како пример за „бегалците на Меркел“ и често е „обвинет за криминалот“, вели Јун. Никој не треба да се соочува со тоа, па затоа „Модамани го возвраќа ударот“, вели адвокатот, кој поднел повеќе правни приговори против американската компанија, вклучувајќи и барање до Фејсбук да работи според германските закони за говор на омраза.

Борба против клеветите

Во последниот случај, фотографијата на која се наоѓаат Модамани и Меркел, придружена со лажни обвинувања дека Модамани бил дел од група која се обидела да запали бездомник кој спиел во берлинското метро, во декември беше споделена повеќе од 500 пати на Фејсбук. Сепак, тоа не беше нарушување на стандардите на Фејсбук за да биде отстранета, вели адвокатот, додавајќи дека сликата на неговиот клиент и навредувачките коментари сеуште се на Фејсбук.

Deutschland Selfie Merkel und Syrer Anas Modamani
Фотографија: Anas Modamani

Во 2016 година, како дел од лажна вест беше објавена и фотографијата од 19- годишниот бегалец, во која тој се поврзува со терористичките напади кои се случија во Брисел, се тврдеше дека тој е еден од напаѓачите и дека само се преправал дека е бегалец, а некои од интернет порталите инсинуираа дека Меркел „направила селфи со терорист“.

Доколку Фејсбук не престане да ги шири лажните вести за неговиот клиент, Чан-јо Јун ќе побара преку судот Фејсбук да биде казнет со 250.000 евра. Адвокатот вели дека е време да се заврши „играта на мачка и глушец", мислејќи на тоа што седиштето на Фејсбук во Европа е во Даблин, што предизвикува потешкотии во одредени правни процедури.