1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајката за украинските бегалци во Полска

Моника Сирадзка/Ж.А.19 март 2016

Неодамнешната изјава на полската премиерка Беата Шидло дека Полска „има примено еден милион украински бегалци“ е првенствено политички мотивирана. Зашто реално станува збор за „гастарбајтери“ и економски бегалци.

https://p.dw.com/p/1I4J0
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Fludra

Халина Сторожук е една од 800.000 жители на Украина кои од 2015 година смеат и официјално да работат во Полска. Нејзината последна работна дозвола била дванесетта по ред. „Би сакала еднаш да можам да живеам во Полска без постојано повлечи-потегни“, воздивнува оваа 67-годишна чистачка и негувателка на стари луѓе, која веќе 15 години патува на релација Варшава - Тарнопол, град во западниот дел на Украина. Визата со работна дозвола се издава на три или најдолго шест месеци. Халина секогаш брзо се враќа во Полска за да не ги загуби работодавачите. Таа финансиски го помага и внукот, кој од неодамна студира во Варшава. „Во Украина за него нема шанса за нормална работа и плата. Таму само богатите се во состојба да живеат нормално,“ вели таа.

Раководителот на Центарот за миграциски студии на Универзитетот во Варшава, Мациј Дужук, наведува дека на крајот на 2015 во Полска биле регистрирани еден милион Украинци. Тие, слично како Халина, работат во домаќинствата или на градилиштата или пак во земјоделството. Со оглед што многумина од нив се сезонски работници, бројот Украинци варира од месец во месец. Во 2015 година на Украинците им биле доделени 924.600 полски визи од кои половината важат само за Полска, а другата пловина за целиот Шенгенски простор.

Шидло: Еден милион украински бегалци

А потоа дојде до чудна промена. 900.000 визи за Украинците послужија како подлога за неодамнешното тврдење на полската премиерка Беата Шидло во Европскиот парламент, според кое Полска примила еден милион украински бегалци. Официјалните наводи велат дека од избивањето на судирот во Украина, само четири од 5328 лица со поднесени молби за азил, добиле статус на бегалци. Сите други се економски мигранти, вака украинскиот амбасадор во Варшава, Андриј Дешчуцја ја корегираше изјавата на полската премиерка.

Во овој случај секако може да се зборува за украински бегалци, тврди портпаролот на полската влада Рафал Бохенек во разговор за Дојче веле. „Правно гледано, тие не се бегалци, но де факто, тие се бегалци, зашто многумина од нив побегнаа во Полска поради војната во Украина,“ тврди Боханек. Ретки се оние кои поднесуваат молба за статус на бегалец, зашто процедурите се комплицирани, а не затоа што бегалците не се чувствуваат загрозени од војната“, објаснува тој.

Europaparlament Polen Premierministerin Beata Szydlo
Полската премиерка Беата Шидло во Европскиот парламентФотографија: Reuters/V. Kessler

Политизација на прашањето за бегалците

Мирослав Чех од „Здружението на Украинците во Полска“ вели дека е занемарливо мал бројот на Украинците кои побегнале во Полска од областите зафатени со воени дејства. 70 проценти од Украинците кои живеат во Полска, потекнуваат од западниот дел на земјата. Според тоа, тие не се бегалци, вели Чех. Поимот „украински бегалци“ е дел од реториката со која се служи полската влада во врска со европската солидарност и позиционирањето по прашањето со бегалците. Полската влада сака да избегне примање бегалци од Блискиот Исток на тој начин што докажува оти во Полска нашле прибежиште бројни Украинци.

Роберт Тушкиевич од опозициската граѓанска платформа ПО изјавата за прифаќањето „еден милион украински бегалци“ ја смета за инструментализација на украинскиот проблем. Госпоѓата Шидло сакаше да го сврти вниманието врз украинскиот судир, но „Полска не треба да шокира со бројки за да укаже на сите опасности кои доаѓаат од источна Европа“, вели Роберт Тушкиевич.

Повторни преговори околу механизмот на распределба

„Украинските бегалци не се измислено алиби за владата“, нагласува нејзиниот портпарол Рафал Бохенек, напротив - конзервативната влада, на власт неколку месеци, сака спроведување на ветувањето со кое се обврза претходната либерално-конзервативна влада. А тоа значи Полска до крајот на 2017 година треба да прими 7.082 бегалци, кои моментно се наоѓаат во Италија, Грција и Либан.

„Перманентниот механизам на распределба, предложен од Ангела Меркел, не е добра идеја. Околу него треба повторно да се преговара“, вели Бохенек, укажувајќи на заедничкиот став на четирите земји од Вишеградската група во која спаѓаат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија.