1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баучот на емоциите кружи над Балканите

10 мај 2018

Доколку промените станат догматична прагма на играње со чувствата на граѓаните (како „успесите” од 3-6-9 реформи на пример), токму емоциите на плебсот ќе ги вратат под нозете на истите оние врз чии плеќи дојдоа на власт.

https://p.dw.com/p/2xUjD
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Во еден од освртите кон книгата „Крајот на францускиот ителектуалец – од јудеофобија до исламофобија ” на израелскиот историчар Жорж Санд наидов на интересна опсервација за корените на анти-интелектуализмот и последиците по современиот свет. Санд сугерира дека „Англофонскио анти-интелектуализам е протестанско наследство, продукт на логиката дека сега кога ја симнавме од врат хиерархијата на католицизмот, неќеме ни да чуеме за реплицирање на тој авторитет со сличен секуларен модел”.

Во таа куса но мошне содржајна дефиниција за корените на западниот анти-интелектуализам лежи првичниот грев од кој се имаат испилени болките на современието – консимацијата, материјализмот, его-индивидуализмот, отуѓеноста итн. Но додека дебатата за корелацијата помеѓу средновековните анти-духовно/интелектуални шизми и современите нус-ефекти се има одвивано со несмалена жестина и длабоко филозофски дискурс на современиот запад, таквата дебата за нејзините индиректни ефекти (и последици) врз нас е речиси непостоечка. Или уште полошо, целосно дегенерирано развлечена и обесмислена низ барите на анти-западниот дискурс и пропаганда. Тој негативистички и хејтерски однос кон корелацијата помеѓу ефектите на протестантската реформа и современието ја спречува и контаминира реалната академска дебата за доблестите и последиците на англо-санксонскиот модел применет низ пост-комунистичките современија на балканските гудури.

Автоматизирани пароли

Уште на самиот почеток треба да се истакне дека влијанието на протестанскиот анти-интелектуален дух имаше сосема позитивно и благодетно влијание во балансирањето со целосно моно-идеолошката матрица на општествен дијалог подреден кон комунистичката утопија, соцреалистичката убер-пропаганда и митоманската нео-националистичка фразеологија. Продорот, пенетрацијата и доминацијата на политички, медиумски и невладини фактори од земјите на западниот протестантизам со тек на времето ја цементира пролиферацијата на анти-интелектуалната и про-бизнис филозофија, како своевидна нова lingua filosofica на резонирање, промислување, животен стил и политика на менаџирање. Првичниот конструктивен, добронамерен и целосно хуман пристап на западната протестанстка мисија на помирување преку пренебрегување на историјските мината како корени на злото на денешницата беше мелем врз сѐуште свежите пост-воени рани низ расцепканиот регионaлен микрокосмос. Инсистирање на изнаоѓање заеднички именители и спони на договор како патоказ кон иднината беа исто така составен дел на таа филозофија на одвлекување на вниманието на причините од минатото и фокусирање врз мотивите за нова иднина. И како што редовно бива со сите идеи кои со тек на времето ја забораваат сопствената првична мисија и стануваат автоматизирани пароли, низ годините духот на реформскиот протестантизам полека и сигурно прераснуваше од благородина идеја кон догма. За на крај да заврши како негација на промените и во дрзок, соголен и атавистички анти-интелектуализам кој не признава и не прифаќа ништо што нема пазарна вредност или пропагандна употреба за кусотраен политички ефект. Тивко и нечујно, некогашниот реформски инцентив за смирување и ублажувањето на емоциите се пресврте во златен кафез за нејзините пропоненти навикнати на студено-математички проекции, фригидни статистички индикатори и лабораториски проекции во кои емоциите и емотивната интелигенција се сметаат за смртен непријател. Во таквиот златен кафез, рационалноста е збег и бегство од човечката природа со сите доблести и мани. Како во претходниот пример, оние кои го преживеале комунизмот, не сакаа интелектуализмот да биде некаква нова идејна матрица која ќе ја спречува доминацијата на новата пазарна логика. Пропонентите на протестантскиот рационализам предоцна ќе разберат дека сакрализацијата на рационалноста ги има онеспособено за разбирање, делување и конкурирање на реалноста во која zoon politikon е сѐуште исклучок, остврце во океанот на zoon emoticon.       

Префрлена на автоматски пилот на крстарење низ беспатијата на современиот атавизам, домашните експоненти на протестантскиот рационализам ќе се фатат за последната сламка на западниот протестантизам во домашна употреба – прагматизмот како лек за сѐ и оправдание за секој политички потег или идеја. Во вокабуларот на домашните пропоненти на протестантскиот резон, емоциите ќе добијат најпогрдна пежоративна етикета, на исто рамниште со инфантилноста, девијантоста и тоталитаризмот. Секој обид, секоја усилба, добронамерно укажување дека прагмата лишена од емоции е само-деструктивна подеднакво како и емотивноста без трунка прагматичност, наидува на потсмев и задгрбно потсмевање и одмавнување со рака. Прагмата е новиот свет, новиот рај! Емоциите во пекол! Политиката е чистилиште на политичките свети Петри! Сѐ беше сосема јасно. Освен часот во кој ќе стигне казната за таквото болно црно-бело поедноставување на нештата.  

Screenshot aus DW-Video |  Mazedonien, Zentrum von Skopje
Фотографија: DW

„Да не се сетат Власите“

Тој судбоносен час злокобно отчука во некој сив ден од последната декада, во мигот во кој прагмата на западната дипломатија се препозна, зближи и спои со нејзиниот предпросветителски, закоравено рудиментарен братучед од балканите. Спојка во кој Западот ја препознаа папочната блискост со најпрагматичниот, анти-интелектуален и бизнис-ориентиран општествен слој на Балканот – криминалното подземје и корумпираниот политички мезанин. Во име на таа прагма се измислуваа и „да не се сетат Власите” франкенштајнски се компонираа фалш националисти поголеми од најцрните националисти, кредитно проектирааа поголеми ЛГБТ од хомосексуалците, се монтираа најслободните медиуми што можат да се купат со пари, западните марионети беа куражени да бидат громогласни путинисти, недостатокот на автентични фундаментализми се компензира со полициски истренирани оџи, најцрните балкански шовинисти беа дресирани во најпослушни реформ-демократи. Како рушителите на Дубровник кои ветуваа нов и постар Дубровник, во име на прагмата, емоциите станаа предизвик кој мора да се превенира и обесмислува низ измислување нови, уште помаштовити, позапаливи и попродорни фингирани емоции за масовно мастурбирање – но со однапред превенирана можност за ејакулација. 

Но како што секогаш бива кога природниот тек се заградува, ејакулацијата наместо низ природните канали дегенерира пробивајќи се низ спорадични пори, разјадувајќи го ткивото на осиромашеното и од празни „ќе” ветувања заморено општество. Прагмата, некогашната потка на надеж и разум, ќе прерасне во катализатор на гневот и бесот. Смирувачки замислените подршки на Могерини и Хан како и папагалските ономатопеи на Заев и Османи, наместо надеж за утре стануваат каписли на презир од страна на осудените да доживотно слушаат оправдувања и ветувања. А притоа сите нивни поплаки и замерки биваат игнорирани со презир или отфрлани со постмев како „емотивни испади”. Прагмата, со својата самодоволност, стерилност и надменост, го затвора кругот на нејзиниот raison d'etre, парадокслано дегенерирајќи од лек за емотивноста во катализатор на емотивноста. 

Претходни колумни од авторот: 

Терористот Невзат и Државникот Никола

Teşekkürler Recep, Спасибо Влади́мир

Што после Бејли?

НАТО во три брзини

Садизмот на тоталитарниот прагматизам не завршува тука. Со сопствената веќе ендемска неспособност да ја замисли емотивноста како неизбежен фактор на човечкото битие, прагматизмот нѐ вовлекува во глобалниот тренд на нео-емоционализам како решавачки фактор на ослободување од стегите на контролирабилноста како менаџмент. Звучеа неразумно некогаш, но денес се сосема поразбирливи за нас причините за Брехзит, за победата на Трамп, за комичните кловн-лидери од Италија, за АфД, за Таквир драмите, за емоцио-идеологијата на Сириза, за сиот бран на ослободување на емоциите во просудување и борба против легалистичкиот златен кафез на прагма-етсаблишментот и придружната пропаггандна интелократија. Во подемот на бес против ладнокрвноста на тинк-тенковските помами и институт-епидемии, ретки се оние кои сакаат да слушнат глас на разумно предупредување дека целосното наслонување на емоции без ронка прагма, не води никаде другде сем на иста стартна позиција во која емоциите на полетот заврпуваат со јамка околу сопствениот врат.

Последното предупредување е за сите нас. Но сето претходно е потсетување во последен час до домашните прагматично профитабилни бранители владеењето  на секое и секакво политикантско однесување на власта, како и надворешните со испразна прагма опседнати партнери на домашните крим-корумпирани прагматичари. Кои збратимено забораваат дека нивното денешно лешкарење на власт не е и не беше продукт на прагматизмот, туку на емоциите на граѓаните збоктисани од претходната диктатура на „проширен и надграден” прагматизам. Криењето зад наместени вештачки насмевки и фалш-изрази на „имање разбирање” или пак „сакаме да нѐ критикувате” (читај: лајте си до сабајле) е веќе со изминат рок на траење и ќе им биде корисно исто колку и возењата на претходниците со велосипеди крај Вардар. Денешната прагма на владеење се овозможи поради емоциите на жедните за промени, вистински промени. Емоциите је имаат доведено властелинската класа таму каде што е денес. Но, бидете убедени, доколку промените станат догматична прагма на играње со чувствата на граѓаните (како „успесите” од 3-6-9 реформи, на пример) – токму емоциите на плебсот ќе ги вратат под нозете на истите оние врз чии плеќи дојдоа на власт.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач