1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барања за стопирање на ЕУ-помошта за Турција

Клаус Даман
20 април 2017

По референдумот во Турција, европски политичари бараат запирање на ветените милијарди евра помош за таа земја. Дали тоа има смисла?

https://p.dw.com/p/2baaY
Symbolbild Beziehungen Türkei und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schrader

Европската Комисија смета дека со најавата за повторно воведување на смртната казна во Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган ја преминал „црвената линија“. Приклучувањето на Турција кон ЕУ е ставено под знак прашање, а тоа би значело и крај на помошта од милијарди евра која ЕУ ѝ ја вети на земјата на нејзиниот интегративен пат. Од 2014 до 2020 година од буџетот на ЕУ за Турција се испланирани 4,5 милијарди евра.

Дел од германските политичари побараа ставање крај на преговорите со Анкара и на помошта која се исплаќа на патот на приклучување кон ЕУ. Слични тонови има и во Австрија.

Меѓутоа, ако се погледне попрецизно, актуелниот прилив на пари од Брисел во Анкара не се мери со милијарди, туку со милиони евра. Имено, во изминатите три години во Турција се влеале само 167 милиони евра европски пари. Значи, од милијардите за Турција кои Брисел планира да ги исплати до 2020 година, досега се исплатени само 4%.

Тоа не е резулат на свесно подзатворање на славината од страна на ЕК, туку на тоа што помошта е врзана за конкретни проекти. Парите, значи, не ѝ се префрлаат паушално на турската влада. Во изминатите години немаше доволно проекти вредни за финансиска помош, особено не во делот на демократијата и правната држава, за што на располагање е дури една третина од парите од Брисел.

EU Türkei Mogherini und Hahn in Ankara
На разговорите ЕУ-Турција во септември не беше направен ниту чекор напред по прашањето на приклучувањеФотографија: picture-alliance/AA/F. Aktas

Да се остане во дијалог или не?

За комплетно сторнирање на помошта Брисел би морал прво официјално да го прекине процесот на приклучување на Турција. За таа тема ќе се разговара на неформалната средба на министрите за надворешни работи на крајот на април. За да биде донесена таква одлука неопходна е едногласна одлука на шефовите на држави или влади на ЕУ. Тоа, меѓутоа, е неверојатно. И германската влада сѐ уште нема конечен став околу ЕУ-приклучувањето на Турција. Министерот за надворешни работи Зигмар Габриел, меѓутоа, стави јасно до знаење дека воведување на смртната казна би било „еднакво на крај на сонот за Европа“. Според шефот на пратеничката група на ЦДУ и ЦСУ во Европскиот Парламент, Херберт Ројл, во моментот станува збор за прашањето „дали е паметно да се остане во дијалог со Турција или треба да се прекинат нишките за разговор“.

Што се однесува до помошта, ЕУ би можела да донесе заклучок „средствата да не ѝ ги даде на турската влада, туку на цивилното општество во Турција и да се погрижи за создавање противтежа“. Ваков став застапува и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Меѓутоа, само да се стават пари на располагање за цивилното општество не е доволно, зашто турските невладини организации би морале да ги повлечат тие пари. А, тие организации се во визирот на Ердоган, исто како и опозициските политичари и новинарите. Од обидот за пуч во јули минатата година, забранети се повеќе стотици невладини организации и уапсени се борци за човекови права со обвинение дека се блиски со движењето на Ѓулен или со ПКК.