1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканските мигранти-повратници соочени со тешкотии

Лидија Томиќ/ сн30 септември 2015

Мнозинството српски мигранти кои побарале азил во Германија се принудени да се вратат во своите домови по одлуката на Берлин да ја прогласи Србија за безбедна земја на потекло. Но што се оние кои нема каде да се вратат?

https://p.dw.com/p/1GfWT
Фотографија: DW/L. Tomic

Разлабавени клацкалки и еден тобоган на запуштениот тревник го сочинуваат игралиштето пред бараките на колективниот центар „Варна“ во Шабац. Повеќе од илјада бегалци и повратници тука оставија дел од својот живот во последните 20 години. Некогаш тука доаѓаа Срби кои бегаа од воените подрачја.

Приказната на Фикрета Кучевиќ е поинаква. Оваа 63-годишна жена од пред 4 години живее во „Варна“, по 23 години живеење во Германија. „Мојот брак пропадна. Немав работа ниту шанса на својот син да му обезбедам дом. Загубив секаква надеж. Војната беше во тек и решив да заминам од Сеница и да барам азил во Келн“, вели таа за ДВ.

На почетокот тоа била приказна која Германците ја нарекуваат „успешна интеграција“. Фикрета се прилагодила, работела две работи за да може да обезбеди пристоен живот за синот... но по 15 години сериозно се разболела и почнала да живее од социјални примања. Тешкотиите полесно ги поднесувала поминувајќи го времето со внуците.

Serbien Wiederaufnahme-Lager in Sabac Fikreta Flüchtling
Фотографија: DW/L. Tomic

Германската бирократија во 2011. година се сетила дека Фикрета го ужива фамозниот Дулдунг-статус според кој бегалците од поранешна Југославија не добиваа трајна заштита туку беа буквално преведено „трпени“ во Германија. На оваа жена ѝ е наредено да се врати во Србија, доколку сака легално, како турист, да го посетува својот син и неговото семејство. „Беше тешко да ги оставам, но тоа беше единствениот начин да ги видам во иднина. Ја напуштив Германија доброволно во надеж дека ќе ми биде дозволено повремено да го посетувам своето семејство“, раскажува таа бришејќи ги солзите.

Расте бројот на повратници

Се проценува дека во моментов околу 200.000 српски државјани без легални документи живеат во Германија или се во процес на барање азил- со минорни шанси за успех. 9 од 10 баратели на азил од Србија се Роми. Иако германската политика признава оти оваа национално малцинство е дискриминирано во Србија, во тоа не гледа систематско прогонство па со тоа ни основа за азил.

По неколку месеци процес, на сите тие луѓе ќе им биде дадена можност сами да ја напуштат Германија како што Фикрета го стори тоа. Во спротивно, ќе бидат протерани. „Околу 7.000 српски граѓани се вратени од Германија од 2008. до денес во согласност со договорот за реадмисија“, вели за ДВ Иван Мишковиќ, портпарол на Комесаријатот за бегалци и миграција. „Очекуваме дека уште 2.000 лица ќе бидат вратени до крајот на годината.“

Поголемиот дел од луѓето имаат каде да се вратат- најчесто кај своето семејство. Оние кои немаат каде, можат да завршат токму во бараките на „Варна“ во Шабац. Мишковиќ вели оти Србија ја усвоила Стратегијата за реинтеграција за оние кои ќе бидат вратени според договорот за реадмисија, но финансиските средства кои тоа го следат не се импресивни. „Овие средства се реализираат низ систем на локални акциони планови, кои ги имаат усвоено речиси сите општини во Србија“, додава Мишковиќ.

Принудното враќање во земјата е често трауматично искуство. Фикрета се најде во слична ситуација од која што побегна- осамена, без семејство, пријатели, без дом. Црвениот крст ја одведе во нејзиното скромно сместувалиште каде барем има три оброци дневно и повремени медицински прегледи. „Кога слушнав дека ми е забранет влез во Германија бев депресивна и долго потоа не сакав да излезам од соба. Многу ми недостасуваше синот“, раскажува Фикрета.

Serbien Wiederaufnahme-Lager in Sabac Esszimmer
Фотографија: DW/L. Tomic

Работите почнаа полека да се менуваат кога започна да ги запознава своите соседи. Повеќе од 80 луѓе живеат во „Варна“- во дел семејства со деца избегани од Хрватска, Босна и од Косово. Одгледуваат зеленчук во бавча, некои заработуваат за живот на блиските полиња и ниви. Сите, вели Фикрета, ги краси животен оптимизам и покрај тоа што дваесет години живеат во вакви сместувања. „Тогаш и син ми почна да ме посетува со своето семејство, што ми даде нова надеж и желба да продолжам да се борам. Сега се гледаме два пати годишно. Наскоро ќе дојде повторно, да го прослават заедно роденденот на внукот во октомври“, раскажува Фикрета додека насемвката полека и се враќа на лицето.

А има и уште добри вести за Фикрета и другите повратници. Комесаријатот планира следната година да го затвори колективниот центар во Шабац и да обезбеди трајни станови за оваа жена и нејзините соседи. Во тоа помагаат градот Шабац и некои невладини организации. До крајот на годината Фикрета Кучевиќ, ќе може да ги дочекува синот, снаата и внучињата во сопствен дом.