1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кочење пожелно

Немања Рујевиќ/сн28 октомври 2015

По неделната средба во Брисел за бегалската криза јасно е пред сѐ следново: балканските земји треба да го подзабават движењето на бегалците. Експертите од регионот со поделени ставови, дали тоа ќе донесе поголем ред.

https://p.dw.com/p/1GvGL
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Хумани услови за бегалците, подобра комуникација меѓу транзитните земји и пред се’ запирање на хаотичниот прилив на луѓе во бегство. Планот од 17 точки претставен од страна на ЕУ, Германија и земјите од т.н. „Балканска рута“, звучи како изјава за намери. Меѓутоа, планот вклучува и некои бројки: 400 полицајци ќе бидат испратени да помогнат во Словенија и да дадат поддршка на Фронтекс во Грција и на српско-хрватската граница. Покрај тоа, долж „Балканската рута“ би требало да се обезбедат дополнителни 100.000 места за привремено сместување на бегалците.

Планот е направен на инсистирање на Берлин, вели српскиот блогер и ПР-стручњак Михајло Тешиќ. Помеѓу декларираната цел на Германија- да прими луѓе и да ги обработи нивните барања за азил- и ограничениот капацитет на земјата, постои голем јаз: „Сега започнува политика на одложување. Брисел и Берлин од балканските земји бараат да го забават движењето на бегалците.“

Balkan-Gipfel in Brüssel am 25.10.2015
Фотографија: picture-alliance/dpa/Olivier Hoslet

Хронично неподготвени

Стотици илјади луѓе веќе ја поминаа „Балканската рута“. Балканските држави за тоа не беа подготвени, иако мораа да видат што им се подготвува, вели Лидија Чехулиќ Вукадиновиќ од загребскиот Факултет за политички науки: Со оправданија како : „Ние не сме подготвени или такво нешто не очекувавме“, тие во Брисел излегуваат смешни. Ни обичните граѓани веќе во тоа не им веруваат. Таа потсетува на обидот на политичарите во бегалската криза меѓусебно да се надминат: Србија сакаше да се покаже како похумана од Македонија, Хрватска поевропска од Србија, Словенија поуредена од Хрватска. Но, речиси секаде се гледаат грди сцени- бегалци кои спијат на отворено или полиција која користи солзавец. „Излезе дека ниту една од овие земји не е во состојба сама да ги реши проблемите. Значи, соработка на европско ниво е неопходна“, вели Чехулиќ Вукадиновиќ.

Светлана Слапшак оваа соработка ја замислуваше поинаку. Познатиот антрополог од Љубљана летово започна петиција за воспоставување безбедносен коридор од Грција во Германија- без запирање, без непотребна бирократија. „Не се исплатува да се разгледува дали и кога Германија ќе ги достигне своите граници. На тие луѓе им потребна помош сега“, вели Слапшак. „На Балканот гледаме средновековни сцени, луѓе кои пешки преминуваат илјадници километри. Тоа е само зацврстување на стереотипите кои и онака циркулираат за Балканот.“

Со бриселскиот план исклучиво се повикува на подобра комуникација меѓу земјите долж рутата. До сега, комуникации едвам и да имаше- наместо тоа, меѓусебни обвинувања. Така во Словенија се тврди оти Хрватска се однесува како огромен автопревозник, кој бегалците ги транспортира само понатаму. Цинично е тоа што ова обвинување Хрватска го има за Србија. Како резултат на овој спор, сите гранични премини меѓу двете земји со денови беа затворени за транспорт на стока.

„Тоа се мали земји кои имаат крваво минато“, вели Чехулиќ Вукадиновиќ. Политиката во моментов свесно го зголемува непријателството, пред се’ затоа што во Хрватска наскоро ќе се одржат парламентарни избори. „Затоа во Загреб често се игра на српската карта за да се соберат што повеќе поени кај незадоволните невработени избирачи кои сакаат да слушнат дека има други виновници за нивната беда. Белград секако го прави истото- таму се игра на хрватската карта.

Symbolbild Flüchtlinge
Фотографија: Reuters/O.Teofilovski

Оградите како мејнстрим

Поради континуираната бегалска криза, експертите гледаат ризик за засилување на екстремните сили во републиките од поранешна Југославија. Политичарите од десниот спектар во Србија и во Хрватска одамна зборуваат дека ЕУ на Балканот ќе прави логори за мигрантите. Професорката Слапшак не е изненадена од тоа дека одбивањето на бегалците е се’ „попопуларно“: „25 години по распаѓањето на Југославија доживуваме огромен пад на квалитетот на живот, растечки социјални неправди и безнадежност, а со тоа и исчезнување на здравиот разум.“

Се’ повеќе и се’ почесто се слуша оти границите мораат да се оградат. За тоа на пример размислува бугарскиот премиер. Истотака, од словенечката влада се слуша дека опција е подигнување ограда, а хрватскиот премиер со задоволство би пратил војска на границата со Србија. За српскиот блогер Тешиќ тоа е постепен развој: унгарската ограда прво беше неевропска и ксенофобична, а сега оградата е мејнстрим.

И сето тоа без оглед што стравовите на „загрижените граѓани“ на Балкан од една едноставна причина се во целост неосновани. „Бегалците не сакаат да останат тука“, нагласува Тешиќ. „Оној кој тргнал на тежок пат и стигнал до тука, тој нема да запре.“