1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците изложени на невреме и на самоволие

Диего Куполо/Ж.А.26 јануари 2016

Додека ЕУ дискутира околу затворање на границите и ограничување на бројот бегалци, илјадници луѓе се во неизвесност долж т.н. Балканска рута. Има малку места каде можат да се засолнат од студот. Идомени е едно нив.

https://p.dw.com/p/1HjtV
Фотографија: DW/D. Cupolo

„Кога ќе ја отворат границата?“, прашува Голам Сакхи. Овој чевлар од Авганистан се наоѓа на една бензинска станица во Грција, само 20 километри оддалечена од границата со Македонија. Сакхи во рацете го држи најмладиот од четирите синови. Овде стојат преку четири часа, ледениот ветар им свири околу ушите. „Зошто границата не е отворена? Има ли некаде такси до неа?“ Никој не одговара на неговите прашања.

Голам Сакхи не е единствениот кој не знае што и како ќе биде на т.н. Балканска рута. Шефовите на влади и држави на ЕУ дискутираат околу максимален број бегалци кои нивните земји можат да ги примат, разгледуваат и опција - целосно затворање на границите. Консеквенциите на свој грб ги чувствуваат бегалците кои од Грција сакаат да продолжат кон северна Европа. Граничните премини кон Македонија постојано се затвораат, се чини без правила.

Бегалците во овие моменти можат да се засолнат само во бензинските станици. Само таму можат да се заштитат од Повардарецот, како што се нарекува, студениот ветер кој од планинскиот север на Македонија дува кон југ. Се чини дека студот кој Повардарецот го носи со себе доаѓа од многу подалеку, од срцето на Европа.

Flüchtlinge Mazedonien
Фотографија: DW/D. Cupolo

„Само гласини“

„Ниту ние од невладините организации не знаеме што се случува“, вели Гема Гили. Таа на граничниот премин Идомени работи за Лекари без граници. „Полицијата ни нам не ни дава информации. На бегалците можеме да им пренесуваме само гласини, во моментов има многу малку потврдени информации.“

Преминот Идомени уште од поодамна е место каде се забележува една појава: самоволие. Кон крајот на 2015. година преку преминот ненадејно почнаа да се пуштаат само бегалците од Ирак, Сирија и Авганистан. Тоа доведе до протести на бегалците од другите земји, што беше повод за целосно затворање на прифатниот камп за згрижување на оние кои пристигнуваат овде.

Сега постои нов критериум врз чија основа се пуштаат бегалците. Тие мораат да кажат каде сакаат да одат. Оној кој како крајна цел ја кажува Германија или Австрија, може да помине, другите ги враќаат во Атина. За да се спроведе ова, ангажирани се дури и германски полицајци и службеници на Европската служба за заштита на границите, Фронтекс.

Сепак, ни тие не го контролираат овој премин 24 часа. Бегалците се пропуштаат само неколку часа дневно и тоа секогаш во различно време од денот. Некогаш тоа е во четири часот наутро, некогаш во шест часот попладне.

Flüchtlinge Mazedonien
Фотографија: DW/D. Cupolo

Речиси половина од бегалците се деца

Поради тоа дојде до насобирање луѓе на границите, па властите беа принудени повторно да го отворат прифатниот центар во Идомени. Сепак, многумина бегалци не стигнуваат до него, туку се засолнуваат на бензинските пумпи на долгиот пат од грчкиот брег до јужниот дел од Македонија.

Според проценките на Селин Гање од организацијата „Сејв чилдрен“, на бензинските станици моментно има околу 3.000 луѓе. Околу 40 проценти од бегалците се деца. „Моментно во бегство се повеќе жени со деца од порано. Мислам дека сега всушност семејствата се обидуваат да се спојат, жените и децата ги следат мажите кои поминаа летоска. Тоа е загрижувачки, првенствено поради големиот студ и тешкиот пат. Многу бегалци имаат проблеми со дишните патишта и се премрзнати“, вели Гање.

За Калиопи Мителинос од невладината организација А21 постои поголем проблем од студот. Таа е сведок дека долж Балканската рута има се‘ повеќе шверцери со луѓе.

„Во моментов на луѓето уште не им паѓа в очи дека едно 15-годишно момче патува со постар маж кој не му татко или дека девојче, кога нешто ќе го прашате, постојано гледа в земја и не одговара,“ вели Мителинос, која се специјализирала за препознавање жртви на криумчари со луѓе. Ако границата навистина биде затворена, стравува таа, тогаш се‘ почести ќе бидат примерите и криумчарите да се впуштат во сексуално искористување на жртвите.

Flüchtlinge Mazedonien
Фотографија: DW/D. Cupolo

„Што да правиме?“

Повторно сме на бензиската пумпа. Соработниците на Лекари без граници имаат подигнато неколку шатори во кои има греење. Осум часот е навечер. Несхам Ноаман, Курд од Сирија, чека од шест часот утрото. Овој 26 годишен човек стои пред шаторот без капа, се обидува да ги загрее рацете во џебовите од јакната. Иако чека одамна, оптимист е: „И да останеме овде два-три дена, во ред е. Една недела можеби би било премногу. Но, што да правиме?“

Ноаман платил 550 евра за од Турција да стигне до Грција, преку Егејското Море. Преминот преку морето во зима е околу илјада евра поевтин од обично, поради тешките временски прилики и брановите. Откако стигнал на брегот на островот Лезбос, ништо не јадел, а ни денес не знае каде ќе спие.

Сепак, откако седум месеци живеел во Турција, среќен е што конечно стигнал на територија на ЕУ. „Се обидов да живеам во Турција. Тоа е неможно. Штом ќе дознаат дека си Сириец, се однесуваат кон тебе како кон животно.“ Во Измир Ноаман работел на градилиште. За дванаесет часа дневно добивал девет евра. „Во Турција ние сме мигранти без никакви права. Ако шефот не сака да ти плати, ништо не му можеш. Немаш кому да се жалиш. Поради тоа сега сум овде.“