1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот сака политички драми

Бахри Цани/ сн17 јануари 2016

И покрај најновите случувања на Косово и во регионот, Балканот сепак не е повторно „буре барут“. Истовремено, граѓаните се сѐ понетрпеливи, оценува за ДВ, Ернст Рајхел од германското МНР.

https://p.dw.com/p/1HeDI
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Vitia

Дојче веле: Демонстрациите на Косово доведоа до насилство. Како ја проценувате тамошната ситуација?

Ернест Рајхел: Прво морам да кажам дека ние во Германија и воопшто во меѓународната заедница, сме шокирани од насилството кое се шири на Косово, па и од насилството од минатиот викенд. Она што е навистина дискутабилно е фактот дека не постои јасно дистанцирање на опозициските партии од насилство. Имаме впечаток дека опозицијата се наоѓа на демократски ќорсокак, од кој итно мора да најде излез. Уверени сме дека мора да се врати во собраниска расправа за разликите во мислењето, расправа врз основа на аргументи, а не со слозавец и Молотови коктели.

Дали во вакви околности е воопшто можно продолжување на дијалогот со Белград?

Јасно е дека сегашната ситуација на Косово и’ го отежнува политичкото делување на тамошната влада бидејќи чувствува оти е под притисок. Но продолжување на дијалогот е во интерес на Косово. Имено, со дијалог се следат фундаменталните интереси за косовската сувереност и би требало со тоа тие да се реализираат. Прво, тоа е укинување на српските паралелни структури како што бараше германската канцеларка Ангела Меркел во 2011. година во Белград. Тоа е во врка со постигнување на ефективна суверена контрола на Република Косово и на северот на земјата. Патот до тоа е во процесот кој е, признавам, макотрпен, во дијалог. Без дијалог не треба да се очекува остварување на тие интереси.

Dr. Ernst Wolfgang Reichel Botschafter Pristina Kosovo Berlin
Ернст РајхелФотографија: picture-alliance/dpa/S.Stache

На Косово постои теза дека од дијалог профитира само Србија, бидејќи таа е во преговори за членство во ЕУ, а Косово нема дури ни безвизен режим.

Веќе објаснив дека треба со дијалог да се остварат есенцијалните интереси за суверенитетот на Косово. Што се однесува до Србија, таа, како и сите земји во регионот, има ветување од ЕУ од Солун дека ќе стане член на ЕУ. А во случај на Србија, покрај сеопфатниот критериум за преуредување на државата и општеството по европски модел, дополнително побаравме и сеопфатно нормализирање на односите со Косово. Како што гледате, Србија не е изложена со помал број предуслови за членство, туку напротив, со дополнителни претпоставки. А ако го погледнеме Белград, ќе видиме дека ни нему не му е лесно да ги исполни тие предуслови.

На Косово е блокиран парламентот, а опозицијата продолжува со улични протести. Во Македонија се очекува оставка на премиерот, за да се овозможат нови избори. Во Босна и Херцеговина постојат проблеми меѓу Република Српска и Федерацијата, а Србија и Хрватска започнуваат трка во вооружување. Дали сето тоа значи дека повторно станува збор за Балкан како за „буре барут“?

Не! Мислам дека би било претерано да се зборува за „буре барут“. Сигурно постојат во некои земји фундаментално позитивни трендови, без оглед на сите ограничувања. Во други пак, развојот е помалку позитивен. Постојано искрснуваат големи проблеми или, во секој случај, голема политичка драматичност - мислам дека тоа е особеност на земјите од Западен Балкан - но и покрај сите работи кои ги споменавте не е спорно да постои цела низа работи кои се развиваат позитивно. Можеби генералниот тренд е таков да мора да се каже: постои напредок, тој постои и на Косово - верувам дека е објективно така. Меѓутоа, напредокот не држи чекор со нетрпеливи луѓе кои сакаат да се поправи нивната положба. Така се создава политички притисок кој моментално го гледаме.

Ернст Рајхел е ополномоштеник на германското мiнистерство за надворешни работи за Југоисточна Европа, Турција и државите членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА)