1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканизацијата - спас за Европа

З.Јордановски/дицајт,нцц15 октомври 2015

Европа мора да биде разнолика за да опстане и ги зачува своите вредности. Проектот Скопје 2014 е наведен како лош пример. Весниците на германски јазик се задржуваат и на состојбата во Косово.

https://p.dw.com/p/1GosY
Фотографија: picture-alliance/dpa/Fotoreport

„Во Југоисточна Европа некогаш разноликоста беше одомаќена. Европа денес би можела да учи од тоа“, се констатира во поднасловот на прилогот во неделникот „Ди Цајт“. Поимот балканизација „е дифузен, е синоним за руинирање. (...) Европа се дефинира себе си како ’не-Балкан‘. Балканот го сметаат за егзотичен, полуориентален, фасцинантен и застрашувачки истовремено. (...) Неудобноста што ја предизвикува Балканот на Запад не може да се објасни само со крвавите војни од 90-тите години на минатиот век. Таа е многу подлабока. Вознемирувачки влијае вишокот на историја, несреденоста на сегашнината. Но, се поставува прашање, зошто е така? Ја гледа ли, можеби, Европа својата сопствена негативна слика во огледало кога го набљудува Балканот? (...) Дали е можеби Европа многу побалканска отколку што би сакала да прифати? И нели, тогаш, би било време балканското во нас решително да го прегрнеме? Конечно, токму културниот диверзитет е она што суштински ја сочинува Европа - каде и да се наоѓа таа.

Не залудно официјалниот идеал, лајтмотив на ЕУ е „Unity in diversity"- единство во разноликоста. Европа е полна со живот, со различни јазици и белези. Европа, која со векови предизвика толку многу војни, ја сака разноликоста за да спречи натамошни војни - барем на своја почва. (...)

Зошто, тогаш, мораме да се дистанцираме од Балканот и да ја потиснуваме неговата богата историја? Можеби затоа што таа историја во нас буди страв од пропаѓање на нашиот идеал за културна разноликост. Оти се плашиме дека Европа би можела, како Балканот, да потоне во војна и насилство. Но, Балканот не се распадна поради неговата разноликост. Тој доживеа неуспех поради национализмите, отфрлањето на разноликоста. (...) Кој се стреми кон национална чистотија (еднонационална држава - н.з.) постојано си ги валка рацете со крв“.

Во прилогот понатаму е нагласено дека во поранешна Југославија „навистина живееше идејата за единство во разноликоста“. Повеќенационални биле и австроунгарската монархија и османлиското царство, но „да се извлече позитивна поука од вековната историја не значи во никој случај да се сака повторно воспоставување на тие веќе распаднати земји. (...) Сепак, во историјата на тие повеќенационални држави е затрупано знаење за јадрото на европската идеја. На рабовите на континентот, каде постојано некој се среќава со некого, јасно станува на што најбитно се сведува тоа. Овде може да се види што итно и’ е потребно на Европа - и што го уништува тоа“.

Македонија како пример

Mazedonien Skopje Archäologisches Museum
Проектот „Скопје 2014“ како пример за изградба на „подобра историја“Фотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

За да ја илустрира својата теза, авторот Аднан Софтиќ ја зема како пример Македонија со проектот „Скопје 2014“ на македонската влада, „која својот главен град сака да го инсценира како лулка на античка висока култура. (...) Цената: 600 милиони евра. Но, ништо не е прескапо, кога е во прашање политиката за националната историја. Раскажувачите на приказната (историјата -н.з.) во новите балкански држави ревносно ги користат сеќавањата и копнежите. Но, цената не се мери во евра. Цената е претворањето на домашните во странци. Оти, новото пишување на минатото со една ’подобра историја‘ води кон тоа, голем дел од Македонците да останат без историја и да се чувствуваат туѓо во сопствената земја. Албанците, Ромите, Турците, Србите: сите тие не се препознаваат себе си во ’Скопје 2014‘. Тие луѓе стануваат потенцијални бегалци, сепаратисти, можеби терористи“.

Како пример дека ни Германија не е лишена од слични појави, во текстот е наведено уривањето на Палатата на републиката (од некогашната Источна Германија - н.з.), а на нејзино место се гради „бетонска копија на дворец на (династијата -н.з.) Хоенцолерн; решение во полза на идеализирано минато, а против поновата, се’ уште сегашна историја“.

И стравот од актуелниот бегалски прилив, авторот го поврзува со „вечниот страв од другиот, туѓинецот, од мешаното, мултикултурното. (...) Сегашната политика на поттикнување стравови и на национално самообезбедување ги разорува вредностите кои Европа сака да ги зачува. Затоа Европа во затворени национални држави е најлошо решение. Само ако државите на Европа имаат смелост да станат повеќенационални, европската идеја ќе има иднина. (...) Ќе видиме: ’балканизацијата на Европа‘ не е сценарио за пропаст. Тоа, со демократски предзнак, е единствениот пат“, заклучува „Ди Цајт“.

„Се ближи часот за водачот на опозицијата на Косово“

Весникот „Ное Цирхер Цајтунг“ оценува дека левоориентираниот националист Албин Курти, кој „агитира против српското малцинство, профитира од длабоката криза во земјата“. Курти е решен да се служи и со недемократски средства за да ја оствари целта, што го докажа со активирање гас-солзавец на седницата на парламентот, се вели во текстот. Целта е да се спречи договорот меѓу Белград и Приштина и влијанието на Србија во северниот дел на Косово. „Многумина во Косово се бунат што тоа влијание треба да биде легализирано во друга форма“. Курти смета дека „корумпираната косовска влада била измамена од ЕУ и Белград“, а политичари како Хашим Тачи „го прифатиле фаталниот договор оти можат да бидат уценувани“, зашто „западните заштитници на младата држава имале докази за нивните корумпирани методи на владеење. (...) Широката поддршка за отпорот на Курти има причини, кои се подлабоки отколку спорот околу интеграцијата на етничките Срби. Косово, 7 години по прогласувањето на независноста, е тажно место: бележано од невработеност, изолирано со виза-ѕидишта и деценијаипол под контрола на иста политичка класа. Одговор на отсуството на перспектива минатата зима беше масовен егзодус кон Западна Европа. Албин Курти предлага алтернатива: протест. Притоа од полза му е неговата веродостојност“.

Albin Kurti
Албин КуртиФотографија: picture-alliance/dpa/A. Xhemaj

Во текстот е наведено дека 40-годишниот Курти никогаш не припаѓал ни кон политичкиот естаблишмент, ниту кон „неомилената контра-елита, меѓународно финансираните невладини организации“. Нему не може да му се префрли ни дека се збогатил, тој е „харизматичен, реторички надарен и ужива нешто како статус на маченик“. Тој е националист, неговата партија „Самоопределување“ е „истовремено и националистичка и антикапиталистичка. Во опкружување, во кое една мала, брзо збогатена клика ги има в раце приватизациите и поделбата на пазарите, а некои западни амбасадори се однесуваат како римски конзули, пропагандата на Курти наидува на голем одзив. Тој го знае тоа и го цитира Ганди (Махатма Ганди, основачот на модерна Индија - н.з.): ’Прво те игнорираат, потоа ти се смеат, па се борат против тебе и на крајот ти победуваш‘“, се вели на крајот од прилогот во „Ное Цирхер Цајтунг“.