1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Бавно како полжав: со 30 на час низ градовите

Карин Јегер
17 јули 2021

На конференцијата на Светската здравствена организација во Стокхолм ќе се утврдува стратегијата за сообраќај до 2030 година. Се очекува брзината од 30 км/ч да биде прогласена за светска норма.

https://p.dw.com/p/3WvIA
Deutschland Berlin Tempo 30
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

Очекував нервоза, гестикулации на нервозни возачи, свирење... додека приоѓав кон Берлин. Во градот ништо од тоа: сите возат внимателно, па и на широките главни улици, затоа што во центарот на градот важи ограничување на брзината од 30 километри на час.
Мерката ја донесоа градските власти, откако Берлин се вброи меѓу градовите кои ја пречекоруваат граничната вредност на Европската комисија за просечни 40 микрограми азотен диоксид на кубик метар во воздухот.
Портпаролот на градскиот Сенат Јан Томсен за ДВ вели дека „од април 2018 се експериментирало со брзина од 30 км/ч и една година се вршеле мерења. Резултат: емисиите на азотен диоксид се намалиле за 2,3 микрограми во просечната годишна вредност“.
Една од причините за емисиите на штетни гасови е забрзувањето на автомобилите, а тоа е далеку помало кога брзината е ограничена на пониско ниво.
Мерењата во последните три години на главните улици покажале дека емисиите на штетни гасови се намалуваат. По воведувањето на максималната брзина од 30км/ч, вредностите се намалиле за 28 проценти. Рамномерното возење е подобро за квалитетот на воздухот од постојаното кочење и забрзување, а воздухот особено го загадуваат дизел возилата.
Првите позитивни искуства со ограничување на брзината на 30 на час во светски размери ги имаше градчето Букстехуде во близина на Хамбург. Таму во почетокот на 80-те години е изградена станбена населба во непосредна близина на градскиот центар. Кога се увидело дека пребрзо се вози, во 1983 година брзината е ограничена на 30 на час. Мерките ги следеле научници кои подоцна соопштија дека имале позитивни ефекти врз безбедноста, квалитетот на воздухот и потрошувачката на гориво.

И повисоки цени за паркинг!

Берлинската сенаторка за заштита на животната средина Регине Гинтер би сакала што повеќе возачи да се префрлат на јавен превоз. Нејзиниот план е најпрво да се зголеми цената на паркингот за 75 отсто. Долгорочниот план вклучува и ширење на мрежи на градски превоз и метро, како и поставување на „брзи“ велосипедски патеки и зголемување на нивниот број.
Законот за превоз предвидува јавниот сообраќај да стане поатрактивен, почист и посигурен, и тоа со едноставни тарифи, ниски цени на картите, воведување на нови автобуси на електричен погон и тоа на струја добиена од регенеративни извори на енергија.
Главниот принцип е „визијата нула“. Безбедноста е најважна за бројот на жртвите од несреќи да се намали на минимум. Пример на тој план за Берлин е Шведска. Таму велосипедските патеки се одвоени од автомобилските коловози, а стеснувањата на автобуските станици спречуваат претекнување.
Градот Понтеверда на северот на Шпанија уште пред 20 години едноставни ги протера автомобилите од повеќето градски улици. Таму последната жртва на сообраќајна несреќа е забележана во 2007 година.
Град без автомобили- тоа е сонот и на берлинската сенаторка Регине Гинтер. Таа веќе 20 години нема свој автомобил.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема