1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: Итно ни е потребен кризен дијалог

Аделхајд Велфл/дер стандард/Ж.А.25 април 2016

Лидерот на ДУИ во интервју за весникот „Стандард“ го интерпретира Бизмарк: „Оној кој владее со Македонија, владее и со Балкан, а кој владее со Балкан, владее со Европа.“

https://p.dw.com/p/1Ic7j
Фотографија: DW/P. Stojanovski

На првото прашање на весникот во врска со одржувањето избори во Македонија, Али Ахмети во опширното интервју возвраќа со контрапрашање: „Кои избори? Правите шега со мене?“, за потоа во врска со закажаните избори на 5 јуни да дообјасни:

„ДУИ сака исполнување на сите критериуми, со цел веродостојноста на изборите да биде призната од сите, и од меѓународната заедница. Ние, четирите партии, решивме да ги одложиме изборите за 5 јуни. Но, сега опозицијата ја оспорува работата на Државната изборна комисија. За земјата не би било добро да се оди на избори без опозиција. ДИК мора да се произнесе околу оправданоста на барањата на опозицијата, а тоа би требало да го коментираат и меѓународните претставници. Во земјата владее хаотична ситуација, управата не функционира, владее општо исчекување.“

Засега само ВМРО ДПМНЕ сигурно сака да оди на избори на 5 јуни, констатира „Стандард“, а Ахмети одбегнува директен одговор: „Сите четири партии се согасија за предвремени избори. Сите страни треба да се придржуваат на договорот, зошто инаку го постигнавме? Ќе се воведе ли пракса да донесуваме одлуки и да не ги почитуваме, како што ни одговара на дневната политика?“

Ахмети смета дека Ѓорѓе Иванов, кого го нарекува т.н. претседател, бидејќи не е избран од Албанците, кои од почеток се сомневаат во неговата способност за функцијата, треба да ја повлече неприфатливата одлука за аболиција, спротивна на правната држава.

На прашањето дали четирите партии повторно би се состанале ако Иванов ја повлече амнестијата, Ахмети вели:

„Решението би било повторен почеток на дијалогот овде во земјата. Државата не треба да се лизне во уште подлабока криза. Се разбира, средбата треба да биде со посредство на амбасадорите на ЕУ и САД, и подобро да биде час поскоро. Ако нема средба заради надминување на кризата, ќе биде тешко.“

„Кризата ги надминува границите на Македонија“

Ахмети во основа не усклучува ни можност од насилни судири. На прашањето дали стравува од Украинско сценарио, со оглед на конфронтациите на релација ВМРО-ДПМНЕ - СДСМ, Ахмети вели:

„Уште пред 14 месеци првпат изјавив дека Украина не е далеку одовде. Реков дека морам да соработуваме во надминување на кризата и на интеретничките односи. Тогаш некои политичари и креатори на јавното мислење ова го сметаа за шега. Работите не се движат добро, проблемот не се наоѓа само во Македонија, кризата ги надминува нејзините граници. Мислам дека се инволвирани и геополитички интереси.“

На констатацијата на новинарот на „Стандард“ дека амнестијата на Иванов им користи воглавно на политичарите на ВМРО ДПМНЕ, против кои се води кривична истрага, а на листата на помилувани нема никој од ДУИ, Ахмети одговара, смеејќи се :

„Таа е во корист на сите партии, само не на мојата, на ДУИ. Ние сме дискриминирани, зашто не сме на листата.“ Ахмети, повторно смеејќи се, вели дека не сака да се најде на листата на помилувани.

Во врска со „протечениот материјал“ во јавноста од прислушкуваните разговори, по што ДУИ реагираше со сменување на свои претставници во владата, Ахмети не ја гледа вината во Специјалното јавно обвинителство:

„Не верувам дека СЈО дозволило нешто да ’протече’, сметам дека тоа доаѓа од луѓе кои претходно биле во контакт со снимките од прислушкуваните разговори. Материјалите првично биле во рацете на многу неодговорни луѓе. Многу е веројатно да се достапни на црниот пазар, да е можно да се купат во Македонија, Косово, Албанија, Србија или во Турција.“

За Али Ахмети, важно е победникот на изборите, на кои ќе настапат и нови албански партии, да се насочи кон интеграција во НАТО, пристапни преговори со ЕУ и градење добри односи со соседите, како и да го реши прашањето на албанскиот јазик како еден од столбовите на Охридскиот договор. Под вакви околности, вели Ахмети, не е важно дали ќе победи ДУИ или не.

„Државата наскоро може да се измори“

Полицијата во Македонија е зафатена со затворањето на т.н. Балканска бегалска рута и со секојдневните демонстрации, на прашањето колку долго ќе биде во состојба да ги извршува овие задачи, Ахмети смета - ако ова продолжи, државата наскоро ќе се измори. Лидерот на ДУИ не сака да биде инволвиран во, како што вели, теории на заговор во поглед на поврзаноста на државната криза и затворањето на Балканската рута, поддржано од Австрија, но истакнува дека „проблемот со бегалците има влијание и ја отежнува ситуацијата. На Европа и‘ е потребна стабилна Македонија. Брисел треба посебно да помогне во решавањето на кризата. Ние не сме далеку, треба заеднички да се бориме за воспоставување добри стандарди. Ние сме премногу мали за да не бидеме дел од обединета Европа.“

Претставниците на ЕУ во преговорите меѓу македонските партиски лидери, Јоханес Хан и тројцата европарламентарци, според Ахмети, направиле добра работа, тие не се виновни за ситуацијата, туку „ние, четирите најзначајни партии, не го почитувавме договореното, кое требаше да го спроведеме.“

НАТО-интеграцијата, како што констатира „Стандард“, првенствено зависи од тоа колкав притисок ќе извршат САД врз Грција за таа да попушти во спорот околу името, а постојат знаци за евентуално добивање нова покана, што пак предизвикува реакција кај Русија. Дали тука постои поврзаност со државната криза во Македонија? Ахмети одговара:

„Смеам ли да го интерпретирам Бизмарк? Оној кој владее со Македонија, владее и со Балкан, а кој владее со Балкан, владее со Европа.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема