1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

051110 Atommüll F D

5 ноември 2010

Контејнери со силно радиоактивен отпад од рециклирањето на германското нуклеарно гориво во француската постројка Ла Хаг денеска (05.11.) ќе бидат транспортирани во Горлебен. Како дошло до германско-француската соработка?

https://p.dw.com/p/PzXH
Фотографија: AP

Како и во многу други случаи во Франција, и овојпат трагите водат до Шарл де Гол, кој ја прогласи земјата за атомска сила. А, кој сака да гради атомска бомба, мора да располага и со соодветно способност: „Нуклеарната моќ е директно поврзана со атомската енергија, која, пак, претставува основа за нашите следни активности“, велеше Де Гол.

За атомската бомба, но и за ефикасно користење на нуклеарните централи, основата се викаше плутониум. Меѓутоа, на почетокот од шеесеттите години, резервите од тој елемент беа ограничени. Така се проби идејата тој да се добива од веќе употребени нуклеарни прачки. Во 1966 година, Франција ја отвори постројката Ла Хаг, наменета за рециклирање на атомскиот отпад. Но, таа беше политички контроверзна. Кога во 1981 година Франсоа Митеран стана претседател, министерот за истражувања во неговата влада изјави: „Мора да сториме нешто со употребените нуклеарни прачки. Рециклирањето е навистина извонредна работа. Она што ќе остане, го враќаме кон испраќачот. Ла Хаг е технологија, не депонија.“

„Рециклирањето“ не е она што се мисли

Proteste gegen Castor-Transport Blockade in Gorleben
Транспортот проследен со масовни демонстрации и блокадиФотографија: AP

Нуклеарно рециклирање - за Французите ова се подразбираше само по себе, па се заинтересираа и соседите. Особено Германија која, по пропаѓањето на плановите за отворање на постројката за рециклирање на атомски отпад во Баварија, не знаеше каде со радиоактивните остатоци. Французите изградија уште една постројка за своите соседи во Нормандија, која беше отворена во 1990 година, а Германија беше најважниот муштерија во таквиот рентабилен бизнис. Се` до пред пет години, кога Германија реши да ја напушти нуклеарната програма, согорените нуклеарни прачки се праќаа во Ла Хаг на рециклирање. Овој поим буди погрешни претстави, вели Јаник Русел, експерт за атомска енергија на француското претставништво на „Гринпис.“ „Таканареченото рециклирање не е ништо друго, освен изделување на нуклеарните прачки, што уште еднаш можат да се употребат, од останатиот отпаден материјал. А тој отпаден материјал е радиоактивен. Значи не се решава ниту еден проблем. На крајот од синџирот се` уште имаме високо радиоактивни производи.“

Ефектите се мали

Gorleben Salzstock
Складиштето Горлебен е само привремена станица за нуклеарниот отпадФотографија: DW

И вистина е, преку комплицираните хемиски и физички процеси во постројката во Франција, на крајот можат уште еднаш да се искористат само десет проценти од материјалот, останатите деведесет проценти се чист отпад, кој згора на се` е радиоактивен. Опасниот отпад сега е складиран во единаесет контејнери, кои треба да бидат вратени во земјата од каде потекнува, односно Германија. Следната година ќе биде транспортирана и последната тура атомски отпад од Франција. Потоа, Германија ќе мора да си го собере и атомскиот отпад даден на рециклирање во Велика Британија. Најдоцна до 2017 година, целиот германски атомски отпад мора повторно да биде вратен во земјата - нашла Германија трајно складиште, или не.

Автор: Кристоф Вес/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска