1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Атлетика под превезот на емоциите

Златко Калински
14 август 2017

Заминувањата беа белегот на Лондон 2017-та. Сѐ друго беше фрлено во сенка на збогувањата на Јусеин Болт и Мо Фарах. За жал, нивните последни атлетски танци не беа во сообразност со очекувањата.

https://p.dw.com/p/2iBoA
Usain Bolt
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Okten

„Тажно е што морам  да заминам сега, да се збогувам со навивачите и со моите трки“- им се обрати Јусеин Болт на гледачите, откако го мина почесниот круг проследен со овации од трибините и со пораките од големите скринови: „вистински шампион“,„неповторлив“,„еден и единствен“! Ниту еден светски атлетичар досега не добил такви почести на крајот од кариерата како Болт во Лондон.

А само 24 часа претходно, најголемиот актер во атлетската историја, последниот свој натпреварувачки чин, штафетата 4х100 метри, го заврши како трагичар. Наместо спектакуларно финале на кариерата, Болт го напушти  лондонскиот тартан со грч на лицето, со загубен поглед...!

Дали Болт една година задоцни со збогувањето? Дали можеби вистинскиот момент да се заблагодари беше после Рио? Атлетиката да ја напушти како бесмртен!?

Веруваше во себе, не гледаше на „патарината“, која ја наплаќаат годините и повредите. Но, Лондон фрли само една мала сенка врз неговото дело, покажувајќи  дека и „Светлечкиот“ е само човек!

Болт е најголемиот! Бројките кои ги остава зад себе се брилијантни.

Олимпискиот златен „трипл-трипл“ од Пекинг 2008-та, Лондон 2012-та и Рио во 2016-та ,11-те светски титули и рекордите на 100 и на 200 метри се само врвот на атлетската кула која ја градеше во изминатата деценија.

Една деценија тој беше синоним за атлетска егзотика.

Најбрз, најхаризматичен, најшармантен!

Тој стана планетарен херој. Каде и да се појавеше ги уриваше резултатските бариери со милионите прврзаници кои „трчаа" заедно со него. Во историјата на атлетиката има многу имиња, кои со своите резултати достигнале хималајски височини, но Болт отиде највисоко, тој е атлетскиот Монт Еверест. Остануваат неговите недопирливи резултати како предизвик за идните спринтерски генерации!

Мо Фарах е современик и близок пријател на Болт. Болт владееше во спринтот, Фарах направи своја хегемонија во светот на долги патеки. Зад себе остава возбудливи 6 атлетски години. И животна приказна како од бајките! Сиромашното, штрклесто момче, бегалец од Сомалија, стрпливо ги газеше илјадниците километри  за во дресот на Обединетото Кралство да се вивне во атлетските височини! „Дабл-дабл“ победи на 5 и 10 километри на Олимписките игри во Лондон и во Рио, ист учинок на Светските првенства во Москва и во Пекинг. Ја доби и благородничката титула, од 2012  е Сер Мохамед Фарах. Откако во првата мундијалска сабота во Лондон, во финалето на 10 000 метри ги преброди сите „етиопско-кениски стапици“ и со препознатливиот финиш го крена стадионот на нозе, втората сабота на 5000 метри требаше да биде финалето на најспектакуларниот период од неговата кариера. Позлатата изостана. Му ја оневозможи Етиопјанецот, Муктар Едрис. Изостанаа изливите на радост, егзалтацијата на трибините. Фарах го одбра претстојниот митинг во Бирмингем за излезот од стадионската атлетика. Следниот негов предизвик е влез во светот на маратонот. Ќе остане запаметен како најбогатиот колекционер на медали во трчањето на долги патеки...но не и најголемиот тркач. На Фарах нешто му недостасуваше. Особината на „ловец на рекорди“, која ја поседуваа неговите славни претходници, Финецот Ласе Вирен, Етиопјанците Хајле Гебрселасие и Кенениса Бекеле, Кениецот Пол Тергат. Сите беа медалисти, но и светски рекордери.

Leichtathletik WM London 2017- Mo Farah
Мо ФарахФотографија: Reuters/P. Noble

Американци, Ван Никерк, изненадувања...

Шампионатот во Лондон ја смени атлетската карта. Американците направија значаен исчекор, го вратија приматот во спринтот. Десет години „стотката“ беше обоена во жолто. Но, доминацијата на „Јамајка-болидите",  Болт, Блејк, Шели Ен Фрејзер, Илејн Томпсон заврши. Ветеранот Џастин Гетлин и Тори Бови се искачија на спринтерскиот пиедестал. Најмоќната атлетска нација, која во изминатите години минуваше низ своевиден медал-колапс, ги врати сеќавањата на времињата кога големите атлетски натпреварувања ги завршуваше надмоќно со најголем број на одличја. Од 18-те освоени пред две години во Пекинг, Американците стигнаа до бројката од 30 во Лондон, од кои 10 со златен сјај.

Кои се јунаците на лондонскиот тартан?

Се очекуваше тоа да биде Вејд ван Никерк! Тој влезе во авантурата, низ која во историјата досега минал само Мајкл Џонсон. Обид да ги обедини титулите на 200 и 400 метри. Тоа требаше да биде подвиг, кој ќе му ја отвори вратата на галеријата на славните, како можен наследник на Болт и иден лидер на светското атлетско движење. Ван Никерк успешно го мина првиот тест, 400 метри, дисциплина во која е светски рекордер, но „потфрли„ на 200 метри,беше втор, па подвигот изостана.

Неколкумина поранешни лауреати и по Лондон останаа на пиедесталот. Американката Бритни Ријс скокна најдалеку и стигна до својот 4-ти златен мондијалски медал. Нејзиниот сонародник Кристијан Тејлор исчекори до третата титула во трискок, како и Полјакот Павел Фајдек, кој на последните три светски првенства е неприкосновен во фрлање кладиво.

Неколку сензационални моменти го украсија настанот. Французинот Пјер-Амброаз Бос лидерски ја заврши својата лудо храбра, хазардна трка на 800 метри. Рамил Гулиев е новиот спортски херој на Турција откако на најдобар начин го искористи отсуството на Болт на 200 метри, во директна пресметка совладувајќи го фаворитот, Вејд ван Никерк. Женскиот „стипл“, долгогодишната кениска специјалност, доби крајно неочекуван епилог со двојната победа на Американките Ема Кобурн и Кортни Фрајрихс.

IAAF London  Leichtathletik-WM Staffel-Lauf Frauen USA
Американците се вратија на спортската сцена во голем стил, и штафетата за жени 4x400 метри освои златоФотографија: picture-alliance/dpa/Lehtikuva/H. Saukkomaa

Амбиентален триумф

Атлетиката низ призма на Лондон: долго време нема ништо да биде исто по заминувањето на Болт. Зад себе остава голема празнина. Тој беше силен извор на атлетската енергија и светилник на чистотата на спортот. Светот е во очекување на резултатите од илјадниците допинг-тестови, направени во Лондон. Што ќе покажат анализите? Тешка е битката со допингот која ја води ИААФ. Една од мерките за момент ја почувствува и Русинката Марија Ласетскиене, која го заслужи златниот медал во скок во височина. На пиедесталот наместо химната на својата земја со тажен поглед ја проследи химната на ИААФ. Таа беше во состав на 19-те руски атлетичари на кои им беше дозволен настап, но со опрема без национални обележја.

Во Лондон не беше соборен ниту еден светски рекорд. Тоа е само трет самит досега без рекордни остварувања. Сепак, рекорд има! Над 700 илјади гледачи со платени влезници секојдневно го исполнуваа Олимпискиот стадион. Лондон го надмина Берлин од 2009-та! Фантастична атмосфера на трибините, амбиентален триумф, кој барем на следните два светски атлетски самити нема да биде достигнат. Следниот шампионат во 2019-та ќе се одржи во Доха, во услови на климатизиран стадион, а во 2021-та светската атлетика ќе се пресели за прв пат во САД, на атлетскиот стадион во Јуџин со засега мал капацитет за гледачи.