1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Атинска тврдост со пријателски виенски акцент“

26 ноември 2009

Во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ опширен текст е посветен на грчката надворешна политика под раководната палка на заменикот министер за надворешни работи, Димитрис Друцас.

https://p.dw.com/p/Kg7c
Димитрис Друцас живеел речиси 20 години во ВиенаФотографија: AP

Во текстот, кој Друцас го претставува како човек кој сака да води динамична надворешна политика, чиј заштитен знак ќе биде преземање иницијативи, се осврнува и на проблемите на Атина со Анкара и на спорот со името со Македонија:

„Во декември шефовите на држави и влади на ЕУ треба да носат одлука за прашање по кое Грција е осамена во Унијата. Европската комисија, во октомври препорача почеток на преговори со Македонија, која е кандидат уште од 2005 година и која во изминатите години постигна значителен напредок. Но, преговорите нема да почнат толку бргу. Кога Друцас зборува за т.н. спор околу името со соседната држава на север, која на инсистирање на Грција е примена во ОН како ’Поранешна Југословенска Република Македонија’, шармот на неговата виенска дикција е спротивставен јасно на тврдоста на неговите изјави: ’Решението за почеток на пристапни преговори е работа на сите држави членки, значи и на Грција, и едно е јасно - предуслов за почеток на пристапни преговори со ПЈРМ е прво да се реши проблемот со името. Никој не смее да си земе право да зборува во име на целиот регион Македонија. Тоа е националната црвена линија.’

Logo der FAZ

Друцас ги повторува ставовите

Грција инсистира на тоа во името на соседната држава да има географска одредница (како на пример ’Горна Македонија’ или ’Северна Македонија’). И покрај се‘, се чини дека атмосферата меѓу Атина и Скопје се подобрува. Првата неодамнешна средба со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел, на иницијатива на Папандреу, мина во пријателска атмосфера. ’Важно е што по години во кои се избегнуваа официјални средби, сега вакви разговори се водат’, потврдува Друцас. Наредната средба на двајцата премиери треба да се одржи в петок. Друцас преминува преку прашањето - дали дискусијата за името треба да се изостави од преговорите за приклучување во ЕУ, како што неодамна се договорија Словенија и Хрватска во спорот околу границата во Пиранскиот залив - и ги повторува грчките ставови. А, тие дури и на, со виенски акцент, обоен германски јазик, звучат се‘ друго само не помирливо“, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Автор: Франкфуртер алгемајне цајтунг / ЕМФ

Редактор: Александра Трајковска