1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина на работ на издржливост

Павлос Зафиропулос/ СН5 октомври 2015

Во Грција имаат пристигнато повеќе бегалци од кога било порано. Во Атина расте загриженоста не само поради подигањето огради на границите во Европа туку и поради претстојната зима.

https://p.dw.com/p/1GidY
Фотографија: Pavlos Zafiropoulos

„Улицата наликуваше на река“, раскажува Малина Галину. „Стихијата само што не ги однесе бебињата“. Силните врнежи ги затекнаа бегалците среде Атина, на плоштадот Викторија. Тоа беше најава на зимата, која покажа дека наредните месеци за бегалците ќе бидат тешки.

Меѓународната органиација за миграции (ИОМ) проценува дека годинава повеќе од 520 илјади луѓе по морски пат пристигнале во Европа, што е двојно повеќе отколку минатата година. Даниел Есдрас, кој ја води мисијата на ИОМ во Грција, не гледа крај на бегалскиот бран. „ На крајот на јули доаѓаа по 2000 луѓе дневно, на крајот на август по 5000, а сега се 6000 на ден“, вели тој за ДВ.

Griechenland Flüchtlinge Krise Flüchtlingskrise in Athen verschärft sich
Фотографија: Pavlos Zafiropoulos

Тоа што Грција не потона во комплетен хаос е заслуга на многубројните хуманитарни организации и илјадниците доброволни помагачи, кои дојденците ги снабдуваат со храна и облека. Покрај тоа, тие на бегалците сакаат да им овозможат брзо патување кон земјите- крајни дестинации. Експертите проценуваат дека Грција досега ја напуштиле од 70 до 80 насто од бегалците. Нивната главна рута за средна и западна Европа води преку Македонија и Србија.

Малку сместувачки капацитети

На плоштадот Викторија бегалците кампуваат и тоа во тешки услови. Пред сѐ проблем претставуваат хигиенските услови. Владеат напрегнати односи со локалните власти. Министерството за внатрешни работи има намера бегалците да ги сместува во привремени прифатни центри. Стотици луѓе веќе се однесени на хокеарскиот стадион Хеликон, кој беше изграден за Летните олимписки игри во 2004 година. Таму тие дообиваат место за спиење, се разбира на земја и ако ништо друго имаат барем тоалети и медицинска нега.

На стадионот престојува и 22-годишниот Фархад од Авганистан. Вели дека чека брат му од татковината да му испрати пари, со кои би се упатил до целта- Германија. Бидејќи нема пасош, ќе мора да замоли некој друг да ги подигне парите наместо него. „Атина е полна со бегалци кои чекаат од татковината да им испратат пари“, вели тој.

Griechenland Flüchtlinge Krise Flüchtlingskrise in Athen verschärft sich
Фотографија: Pavlos Zafiropoulos

Според информациите од владата во Атина, би можеле да бидат воспоставени уште 4 до 5 прифатни центри за сместување на бегалците. Најголемиот од досега воспоставените центри може да прими само 1000 луѓе. Хокеарскиот центар може да прими 500 ама за еден месец ќе биде затворен. Во новите привремени центри би биле згрижени околу 5000 бегалци, токму онолку колку што во земјата доаѓаат секој ден. Најголема грижа на Грците е дека на лошо време во Атина би можеле секојдневно да доаѓаат по 10 илјади луѓе , кои поради невремето не би биле во можност да ја напуштат.

Расте опасноста од криминалци

Грците не ги загрижува само хуманитарната ситуација на бегалците. Хераклес Москоф од Националниот центар за борба против трговијата со луѓе предупредува дека тие луѓе се лесен плен за криминалците кои ги искористуваат. Организираниот криминал се шири, а неговите актери на основа на бегалската криза веќе вртат милиони. Криумчарите со луѓе на пример веќе сега наплатуваат и по илјада евра од човек само за да ги префрлат бегалците со брод од Турција во Грција.

На заедничко европско решение за бегалците на големо се работи. Но големо прашање е дали тоа решение навистина ќе им помогне на земјите како Грција. Даниел Есдрас е скептичен: Не само што нема план Б, туку не постои ниту план А. Има премногу бегалци и Грција нема да може да ја совлада таа задача.“ А потоа им сугерира на новинарите:„ Пишувајте, ве молам, за тоа дека војните мора да бидат запрени, бидејќи единственото решение се наоѓа во зборовите: Запрете ја војната!“