1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина: во Грција нема македонско малцинство

Тони Гламчевски20 февруари 2009

Грчката влада, по барањето на комесарот за човекови права на Советот на Европа за признавање на малцинствата, во одговорот до Стразбур вели само дека постои група грчки државјани, кои зборуваат „словенски дијалект.

https://p.dw.com/p/GyAH
Повторување на старите грчки ставови

„Во Грција не постои „македонско малцинство“, е одговорот на официјална Атина упатен до комесарот за човекови права на Советот на Европа по неговиот извештај за ситуацијата со малцинствата и слободата на здружување во Грција. Томас Хамарберг изрази посебна загриженост поради упорното одбивање на грчките власти да признаат дека во Грција постојат и други малцинства, покрај муслиманското, при што мислеше и на македонското малцинство.

Повикување на меѓународните норми

Грчката влада се повикува на меѓународните документи од органите на Обединетите Нации или од другите механизми за контрола на начинот на кој се почитуваат човековите права, во кои нема препораки со кои на една држава може да и‘ се наметне официјално да признае една група како малцинство. Грција овде се служи и со пропустите и на Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, која патем ја нема ратификувано. Во оваа конвенција нема точна дефиниција за „национално малцинство“ и на државите кои ја имаат ратификувано им дозволува самите да определат на кои етнички групи ќе им го доделат статусот на национално малцинство.

„Во овој контекст треба да се подвлече дека непризнавањето од страна на Грција на одредени групи како “малцинства“, се заснова врз цврсти правни и фактички основи, објективни критериуми и специфични односи. Субјективните тврдења или перцепции на помали групи индивидуи, кои не се базирани врз објективни факти или критериуми, не претставуваат обврска државата официјално да признае група како малцинство и да им гарантира на нивните членови малцински права“, читаме од коментарот на официјална Атина на извештајот на Томас Хамарберг.

Thomas Hammarberg, neuer Menschenrechtskommissar des Europarats
Томас Хамарберг инсистира на малцинските права во ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Инсистирање на општите граѓански права

Грчката влада инсистира на фактот дека сите нејзини граѓани ги уживаат правата слободно да учествуваат во економскиот, социјалниот и политичкиот живот на земјата. Притоа таа ги посочува традиционалните културни манифестации на локалното население кои се одржуваат во околината на Лерин. Атина признава дека на нејзина територија постои „една група грчки државјани, кои зборуваат еден словенски дијалект.“

Обвинувања за политичка инструментализација

Атина во таа прилика, не пропушта а да не испрати критики дека „Со години оваа група, која го сочинува интегралниот дел на локалното население, е изложена на политичко искористување на фактори надвор од Грција, во политички контекст. “ Тука не е именувана ниту една земја.

На барањето на комесарот за човекови права на Советот на Европа Грција да им ги врати одземените државјанства на припадниците на националните малцинства, а за тие кои живеат во странство или на нивните наследници да ја преиспита и можноста да им даде отштета, одговорот на грчката влада е дека не постои ниту една правосудна одлука на меѓународно ниво, која има утврдено дека Грција неправедно им го одзела државјанството. Од друга страна, лицата со одземено државјанство кои се во странство сега имаат странско државјанство.

Од своја страна комесарот за човекови права Томас Хамарберг подвлекува дека ќе продолжи да го следи развојот на ситуацијата во Грција и да започне отворен дијалог со грчките власти за да бидат промовирани и ефективно спроведени на дело нормите на Сoветот на Европа за заштита на човековите и малцинските права.