1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атентатори од Париз прикриени како бегалци?

ЕМФ/дпа/ртр15 ноември 2015

Нападите во Франција со 129 мртви и повеќе од 350 повредени, според првичните сознанија на истрагата, биле прецизно координирани акции од страна на приврзаници на терористичката милиција Исламска држава (ИД).

https://p.dw.com/p/1H618
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Brinon

Се претпоставува дека атентаторите имале намера да предизвикаат уште поголемо крвопролевање во Париз. Според пишувањето на „Волстрит журнал“, можно е да бил направен обид за напад во стадионот на кој 80.000 навивачи го следеа натпреварот меѓу Франција и Германија.

Парискиот обвинител Франсоа Молан изјави дека териристите при извршувањето на своето дело ги спомнувале Сирија и Ирак. Во нападите кои траеја околу половина час се координирале повеќе тимови терористи. Според претпоставките на обвинителството, станува збор за веројатно три групи терористи. Седуммина терористи загинале, од кои шестмина се кренале во воздух. Седмиот бил убиен.

Само во концертната сала „Батаклан“ направен е масакар со 80 мртви. Таткото и братот на еден од атентаторите во салата вчера се притворени, јави агенцијата АФП. Четворица мртви има кај стадионот, во чија близина одекнаа три експлозии. Според „Волстрит журнал“, најмалку еден напаѓач имал билет за фудбалскиот натпревар. Тој бил запрен од чуварите на редот при проверка на безбедноста, пишува весникот, повикувајќи се на искази на друг редар и на полицаец. Кај лицето бил пронајден елек со експлозив на влезот во стадионот, околу 15 минути по почетокот на натпреварот. При бегството напаѓачот го активирал експлозивот.

Властите во Париз од Белгија побарале помош за четири конкретни случаи по нападите. Вчера во Белгија беше направена рација и притоа се уапсени неколку лица. Кај еден од напаѓачите во Париз е пронајден сириски пасош, јави АФП, повикувајќи се на полициски извори. Според официјални наводи од Атина, тој на почетокот на октомври дошол како бегалец од Турција во Грција. Низ кои други земји патувал натаму не е познато. Грчката телевизија ЕРТ, повикувајќи се на полициски извори, јави дека е можно на ист начин, како бегалец, од Турција во Грција да пристигнал уште еден учесник во нападите во Париз. Оваа информација меѓутоа не е потврдена.

Paris-Terror: Verdächtige in Brüssel festgenommen
Рација во Белгија, уапсени се неколку лицаФотографија: picture-alliance/dpa/J.-A. Gekiere

Францускиот претседател Франсоа Оланд зборува за „воен акт“ од страна на ИД и најавува „соодветни одлуки“. Премиерот Мануек Валс вчеравечер за телевизијата ТФ1 рече: „Да, ние сме во војна“. Франција ќе дејствува за да го уништи непријателот. „Оттука, посегнуваме по невообичаени мерки. Ние ќе победиме во оваа војна“, потенцираше премиерот на Твитер. На интернет се појави соопштение, чија автентичност засега не е потврдена. Во него се вели: „Верна група на армијата на Калифатот (...) го нападна главниот град на развратот и неморалот.“ Освен тоа, на Франција и‘ е упатена и закана: „Овој напад е само прва капка и едно предупредување.“