1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад ја потиснува Исламска држава

Александeр Кудашеф/превод: Ж.А.29 март 2016

Палмира повторно е под контрола на сириските владини трупи. Тоа има далеку поголемо значење отколку само повторно освојување на градот со античка култура, смета главниот уредник на Дојче веле, Александeр Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1ILFJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/V. Sharifulin

Военото повлекување на Исламска држава во Сирија и во Ирак е очигледно. Палмира, античкиот град-оаза, повторно е во рацете на трупите на Асад, што има како симболичко, така и стратешко значење, зашто сега може или мора да следи напад на Асад врз центарот на Исламска држава - Рака. Ирачката армија пак подготвува јуриш врз Мосул. Доколку биде успешен, територијата на т.н. Исламска држава ќе се стесни, а предвидлив би бил нејзиниот пораз, нејзиното уништување. Тоа воопшто ништо не менува во однос на можната опасност од терористички напади во Европа. Дури, евентуалната терористичка опасност се зголемува, зашто ИД, притисната во своите упоришта, може да удри дивјачки, не бирајќи цели. Едно е сигурно: ИД е под воен притисок и има се‘ помал прилив на доброволни борци.

Поместување на стратешката рамнотежа

Веројатниот пропаст на ИД, на секојдневното варварство во име на исламот, на целиот глас прокламираниот калифат, првенствено би бил благослов за намачените луѓе во Сирија и во Ирак. Но, победата на Асад во Палмира, со руска поддршка, значи и поместување на стратешките тежишта во регионот. Прво, Асад недвојбено е повторно фактор на моќ. Навистина, со руска милост, која може брзо и да го напушти и кога сака да го пушти да падне. Мир или барем крај на војната во регионот не е можен со заобиколување на Башар ал-Асад. Ваквото сознание е горчливо за сириската опозиција во егзил, но е политичка реалност. Човекот кој сноси одговорност за пет години ужасна граѓанска војна, за преку четвртина милион жртви, за мачења и прогони, повторно е важен пион во блискоисточниот покер на моќ.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александeр Кудашеф

И Русите се повторно преговарачка сила, повеќе од кога било. Тие ги овозможија успесите против ИД и нема да дозволат некој да им ги одземе заслугите за тоа. Тоа значи: Асад останува на власт, а Русите, без оглед на сите домашни економски проблеми, повторно се повеќе од влијателен играч на Блискиот Исток. И тоа не само поради базите во Сирија, туку и како противиграч на САД, кои под водство на Барак Обама се повлекоа од регионот, каде се чини немаат никакви сопствени интереси. Тоа е веројатно фатална грешка, меѓутоа разбирлива по фијаското со ирачката војна.

А Европејците - зафатени со бегалската криза? Тие се присутни на преговорите за Сирија, подготвени за економски ангажман, дури и со „soft skills“. Но, тие се само соговорник, во најдобар случај потписник на евентуален мировен договор. Нивното влијание во овој надворешнополитички толку важен регион во нивното непосредно соседство е скромно, или речиси минимално. Париз и Лондон, кои традиционално водат своја сопствена блискоисточна политика, исто така стојат на маргините на настаните како посматрачи, и покрај францускиот воен ангажман по нападите во Париз од 13 ноември 2015 година. Тоа очигледно нема ефект кој би се рефлектирал во политичко влијание.

Асад - најголем добитник

Сегашната стратешка ситуација е следната: Асад е најголемиот добитник во борбата против ИД. Русите го повратија своето влијание. Американците, зафатени со изборната борба, и покрај неуморниот Џон Кери, се во улога на посматрачи. Европејците учествуваат во преговорите, но ништо не одлучуваат. ИД се наоѓа пред пораз, но исламистичкиот тероризам ќе продолжи: во Пакистан, Нигерија или Европа. Тој останува општествен предизвик на арапскиот, исламски свет. А Иран успешно се бори за превласт во регионот, исто како и шиитите. Саудиска Арабија, вплеткана во војната во Јемен, трпи загуби, барем засега. Со други зборови, необјавената војна меѓу шиитите и сунитите продолжува.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема