1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И претседателот Иванов - „секташ“ во соросовата Фондација

4 јануари 2017

Со нападите врз ФООМ, Груевски како „секташи“ и „одработувачи за пари“ ги оквалификува и неговите најблиски партиски соработници, кои партиципирале во соросовата Фондација

https://p.dw.com/p/1IuZd
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Потсмев, неверување и шеговити клипови предизвика делот од интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за „Телеграф“, во кое тој најдиректно откри од каде потекнуваат налозите за хајки и етикетирање на невладините организации, меѓу кои и на соросовата Фондација Отворено општество ‒ Македонија (ФООМ). Груевски изјави дека во ФООМ тренинзите најчесто ги вршеле највидните лица на организациите на Сорос, а од она што го слушал, често пати имало крајно секташко однесување и предавања. Запрашан што мисли под терминот „секташки“, тој објасни: „Еве еден пример што ми го раскажа еден од учесниците, мислам некаде во 2009 година од предавањата. Говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тотално лудо! Или барање во хор сите слушатели на предавањата да повторуваат: Оваа Влада не чини!!! И повеќе слични работи, кои човек го шокираат кога ги слуша!“

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола ГруевскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Молчеле заради пари!?

Но, тоа не е се. Груевски објасни дека голем дел од нив не подлегнале на индоктринацијата, но слушале и молчеле затоа што им требале пари.

„Некои од тие слушатели ми рекоа дека оделе на предавањата само заради парите, кои во тој момент им биле многу потребни, но се гаделе од она што го слушале и го гледале“, објасни Груевски.

Со ваквата изјава, тој како „секташи“ и „одработувачи за пари“ директно ги оквалификува и неговите најблиски партиски соработници, со оглед дека подолг период партиципирале во активностите на Фондацијата. Според податоците од ФООМ, актуелниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов бил член на Управниот одбор на соросовата фондација од мај 2002 до октомври 2004 година. Член на УО бил и Паско Кузман. Актуелниот македонски амбасадор во Лондон, Јован Донев, пак бил претседател на УО од 1996 до 2002 година, а потоа и извршен директор на Институтот Евробалкан, каде еден од основачите била и соросовата Фондација. Како што наведуваат од ФООМ, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, бил член на пододборот за доделување грантови за младински програми, а корисници на еднократни стипендии за студиски престој во странство биле актерот и член на ГДОМ, Тони Михаловски и Антонио Милошоски. Корисник на најголемиот грант што е доделен откако постои ФООМ, е печатницата „Европа 92“, чиј сопственик Ратко Димитровски беше пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и е нејзин градоначалник на Кочани во втор мандат. ФООМ платила 80.000 долари само за бродското осигурување на транспортот на печатарската опрема, вредна над еден милион американски долари, од САД до пристаништето во Варна. Дојче веле го праша Ратко Димитровски, дали се чувствува како „секташ“, со оглед дека го добил најголемиот грант во историјата на соросовата Фондација, од нејзиното основање во 1992 година до денес?

OSZE PK zu Parlamentswahlen in Weißrussland
И Антонио Милошоски биле стипендијант на ФООМФотографија: Reuters

„Апсолутно не се чувствувам како 'секташ'. Ниту пак од Фондацијата можеле како било да влијаат на мене. Практично, јас со ФООМ и немам комуникација веќе 20 години“, вели Димитровски.

Конвертитството во ДПМНЕ

Малкумина денес, а најмалку Груевски, се подготвени да признаат дека со репарираната машина за печатење дадена на Европа 92“ беше надминат монополот на НИП „Нова Македонија“ во печатењето весници. Услугите и поволностите на „Европа 92“ ги користеа „Дневник“, „Фокус“ „Денес“, „Македонија денес“ и многу други весници. Но, пред нивното појавување, Соросовата фондација го спаси од клиничка смрт и НИП-от со донација од 50 тони рото-хартија во вредност од 60.255 УСД. Тоа беше еден од првите грантови за медиуми што ги дала Фондацијата, за да не биде Македонија единствената од бившите ју-републики која на почетокот од транзицијата можеше да останеше без печатени медиуми. Целта на ФООМ да обезбеди плурализам плурализам на пазарот, плурализам во медиумите и во општеството, е остварена, но заслугата не и е призната. Нејзиниот претходен директор Владимир Милчин, потсетува дека актуелната офанзива на власта за дискредитирање на т.н. соросоиди, не е прва.

„Во таа офанзива се ангажирани сите медиуми со кои командува долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и некои медиуми кои биле грантисти на Соросовата фондација во Македонија, како „Вечер“, на пример. Но, во оваа офанзива е видлива и логистичката поддршка на Управата за јавни приходи, која кршејќи ги законите, обезбедила лични податоци за уредно пријавени приходи на десетици граѓани. И даноци за тие приходи се платени. Тие даноци завршиле во буџетот на РМ, кој го употребува и злоупотребува токму наредбодавецот за оваа хајка, Никола Груевски“, вели Милчин. Но, и покрај веќе изветвената клевета дека Сорос со неговата фондација ја подрива Македонија, тој констатира дека Груевски во интервјуто сега уфрлил во игра и клевети инспирирани од средновековните инквизиторски арсенали.

„Врз него и неговата партија се нафрлила една 'секта која на обуките скокала врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ и вежбала скандирање против неа'. Со ова интервју, Груевски од неофашизам загази во клерофашизам! За да се спаси од казната, ќе ја втурне Македонија во среден век. Со Груевски и груевци, меѓу кои има и бивши претседатели и членови на Управниот одбор на Фондацијата (Јован Донев и Ѓорге Иванов), членови на пододбори (Илија Димовски) и стипендисти (Tони Михајловски), и тоа е можно. Конвертитството е ендемска појава кај вмроидите на Груевски, кој и самиот е вмроид, а не вмровец“, вели Милчин.

Социјално исклучување

Комуниколозите со кои разговараше Дојче веле не се изненадени од ваквите изјави на поранешниот премиер. Според Климе Бабунски, последната изјава на водачот на ДПМНЕ во континуитет претставува еден од извориштата на актуелната криза во Македонија.

„Анализирана во контекст на политичка комуникација, содржината на изјавата во никој случај не поттикнува на јавен дијалог, туку единствено ги анатемисува оние кои различно мислат од Водачот и Партијата. Тие се олицетворение на злото: 'платеници' и 'слуги' на странски служби и интереси. Дали треба да потсетувам дека и видни членови на ДПМНЕ биле исплаќани од сметките на 'странските служби'? Очигледно се работи за селективен избор, чија цел е прозваните јавно да бидат исклучени од општеството“, оценува комуникологот Бабунски.

George Soros Stiftung
Американскиот милијардер Џорџ СоросФотографија: picture-alliance/dpa/M. Balce Ceneta

Во изјавата на Груевски тој препознава политичка порака која исклучува, што е одраз на диктаторски и фашистички режими.

„Таквата политичка комуникација не е само инспирација, туку е јасен повик и наредба за гордите партиски послушници, и единстено води кон зајакнување, а не кон намалување на кризата. Во оваа смисла, во мега-интервјуто кое ќе ни биде сервирано во продолженија, следи препознатлив пропагандиситички шаблон: борбата со 'државниот непријател' да се подигне на повиско ниво, да ја внесе во завршницата до 'конечната победа'“, заклучува Бабунски.

Според него, Македонија, не само што потсетува, туку покажува големи генетски и функционални сличности со Русија, Белорусија, Унгарија, па и Северна Кореја, земји каде оние кои различно мислат од 'помилуваните' немаат право да се здружуваат, ниту имаат право на пристап до медиумите каде може да ги претстават своите стaвови.

„По ваквото социјално, духовно и интелектуално исклучување, останува уште физичкото исклучување, како потврда на 'конечната победа', секако согласно Уставот и законите“, предупредува Бабунски.