1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антибиотиците немоќни против бактеријата ЕХЕК

30 мај 2011

За само неколку дена во Германија од цревна инфекција предизвикана од бактеријата ентерохеморагична ешерхија коли заболеа повеќе од илјада лица. Што ја прави бактеријата толку опасна?

https://p.dw.com/p/11QhO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бактериите ЕХЕК не се непознати. Тие сe јавуваат во цревата на домашните животни, пред се´кај говедата, овците и козите, но и кај дивите животни. Преку цревната флора, бактериите можат да дојдат во животинското млеко или месо, или, пак, преку ѓубрењето на нивите и бавчите со животинско ѓубриво се пренесуваат на овошјето и зеленчукот. И загадената вода може да предизвика инфекција со бактериите ЕХЕК. За животните тие не се опасни, за луѓето – да.

Сузане Гласмахер од институтот „Роберт Кох” во Берлин вели дека бактериите предизвикуваат пролив и повраќање, но, инаку, не оставаат тешки последици:

„Годишно имаме околу илјада случаи на заразени со бактерии EХEК, но само во 60 случаи доаѓа до компликации“, објаснува претставничката на институтот „Роберт Кох.“

Тие компликации медицинските стручњаци ги нарекуваат хемолитско-уремиски синдром, скратено ХУС. Во рок од само неколку дена, од ХУС заболеле повеќе луѓе, отколку во цела година.

„Специфично за тие бактерии е дека произведуваат посебни токсини, односно отровни клетки, кои создаваат проблеми. Тие ги уништуваат крвните зрнца и доаѓа до слабокрвност. Крвните зрнца ги запушуваат тенките садови на бубрезите и така доаѓа до оштетување на бубрезите”, вели претставничката на институтот „Роберт Кох” Сузане Гласмахер.

Може да се случи бубрезите поради тоа да откажат, а во најлош случај инфекцијата со бактериите ЕХЕК завршува со смрт.

Изворот е најверојатно заразен зеленчук

Salatgurke
Краставиците најверојатно главниот „виновник“ за ширењето на бактеријатаФотографија: picture-alliance/dpa

Лекарите се соочени со два големи проблеми. Прво, опасните бактерии тешко можат да се разликуваат од безопасните, и второ, лекувањето со антибиотици е невозможно:

„Кога бактериите се уништуваат со антибиотици се ослободуваат уште повеќе отрови, а симптомите се засилуваат. Тоа е апсолутно контрапродуктивно. Затоа не се користат антибиотици во терапија против инфекција со ЕХЕК бактерии“, вели Сузане Гласмахер.

Затоа на лекарите им преостанува само да ги ублажат симптомите, на пример со инфузии, затоа што така се надоместува загубата на вода во телото на пациентот. Доколку дојде до компликации од инфекцијата, чистењето на крвта со дијализа може да спречи сериозни оштетувања на бубрезите кај пациентот.

Засега медицинските лица се` уште не успеаjа да го најдат точниот предизвикувач на тешкото цревно заболување. Се претпоставува дека бактеријата дошла преку зеленчукот, особено краставиците и доматите. На населението му се препорачува строга хигиена, вели Сузане Гласмахер:

“Важно е секогаш да се мијат рацете по одењето во тоалет, пред да се дојде во контакт со прехранбени производи. Исто така, важно е кога сечете сирово месо ножот убаво да го измиете пред да ја сечета салатата.”

Експертите, освен тоа, препорачуваат зеленчукот и месото пред да се јаде околу десет минути да се загрее на 70 степени целзиусови. На овој начин се уништуваат опасните бактерии во храната.

Автор: Фабијан Шмит / Светлана Брик

Редактор: Трајче Тосев