1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците напишаа историја

Кристина Бергман 5 ноември 2008

Она што се сметаше за утопија на крајот се оствари. САД за првпат избраа афро-американец за претседател. Барак Обама е 44–от претседател на САД. Неговиот противник, републиканецот Меккејн му ја честиташе на победата.

https://p.dw.com/p/FnjD
Барак Обама е новиот американски претседател: на прославата во Чикаго се појави со целото семејствоФотографија: AP

Овој 4 ноември 2008 година ќе влезе во историјата. Во моментот кога се затворија и последните гласачки места на западниот брег, околу 23 часот по локално време, медиумите веднаш ја објавија веста: Барак Обама е 44-от претседател на Соединетите Американски држави. И не само тоа - четириесет и седумгодишниот Обама е првиот афро-американец на оваа функција.

Милиони луѓе низ цела Америка слават и со солзи во очите го дочекаа неговиот победнички говор. „Траеше долго, но оваа ноќ, со овие избори напишавме историја: промената дојде во Америка“ рече Обама пред масата луѓе собрани во неговиот роден град Чикаго.

Japan feiert Wahlsieg Barack Obama US Präsidentschaftswahl
И во Јапонија се следеа американските избориФотографија: AP

Обама верува во успех. „Додека овде славиме, свесни сме дека пред нас стојат големи предизвици. Две војни, загрозена планета, најлошата финансиска криза во последното столетие. Патот пред нас ќе биде долг и трновит. Веројатно нема да ја оствариме целта за една година или за еден мандат. Но морам да нагласам дека никогаш не сум бил толку полн со надеж како сега, дека ќе успееме.“

Очите на светот оваа ноќ беа свртени кон САД. Обама, на оние коишто сакаат да го разорат светот им порача дека ќе бидат победени, а на оние коишто бараат мир и безбедност им вети поддршка. Тој подвлече дека американската нација докажала оти вистинската сила не е во нејзиното оружје или во материјалното богатство, туку во нејзините идеали за демократија, слобода, шанси и надеж која не згаснува.

Ноќ полна со изненадувања

Изборната ноќ започна тензично. Првите резултати дојдоа кратко по затворањето на дел од изборните места, но немаше изненадувања. Гласовите во Кентаки ги освои, Џон Меккејн, мнозинството во Вермонт гласало за Барак Обама. Но, првото изненадување дојде од Пенсилванија. Џон Меккејн се надеваше дека ќе ги освои гласовите од оваа сојузна држава од источниот американски брег за да ги избалансира евентуалните загуби во другите сојузни држави. Тој сметаше на гласовите на жените, кои во предизборната трка во голема мера ја поддржуваа противкандидатката на Обама, сенаторката Хилари Клинтон. Но, сметката не излезе како што беше планирано. Мнозинството од жените во Пенсилванија се одлучија за Барак Обама. Нов удар за Меккејн беа резултатите од Охајо, државата каде што се водеше тесна трка меѓу двајцата кандидати. Гласовите од оваа држава отидоа на сметка на Барак Обама. Со тоа беше јасно дека ќе биде тешко за републиканскиот пртеседателски кандидат. Исходот беше се’ поизвесен кога кратко пред дваесет и три часот по локално време, и од државата Вирџинија дојде веста дека таму победил Обама. Кога во 23 часот по локално време беа затворени сите гласачки места, американските медиуми објавија - Барак Обама има доволно гласови за да стане 44-от претседател на САД.

USA Wahlen Jubelnde Obama Anhänger in Chicago
Милиони Американци ја слават победата на ОбамаФотографија: AP

Меккејн го призна поразот

Откако се’ беше јасно, Џон Меккејн и се обрати на јавноста и го призна поразот. Пред неговите приврзеници во Феникс, Аризона тој го нагласи големото значење на оваа ноќ и му честиташе на Барак Обама за победата.

USA Wahlen John McCain erkennt seine Niederlage an
Меккејн достојно го призна поразот и му честиташе на ОбамаФотографија: AP

Меккејн изрази голема почит за успехот, способноста и истрајноста која Барак Обама ја покажа во ова долга кампања. Но, тој е посебно восхитен од тоа што Обама успеал да ја разбуди надежта кај милиони Американци, кои излегоа да гласат иако сметаа дека имаат мало влијание во изборот на претседателот на земјата. За Меккејн ова се историски избори кои имаат посебно значење за афро-американците во земјата.

Меккејн ги повика своите приврзаници, меѓу кои имаше и такви што негодуваа кога ќе го спомнеше името на идниот претседател, да му пружат поддршка на Обама. „Ова се тешки моменти за нашата земја. Вечерва зборував со него и му ветив дека ќе сторам се што е во моја моќ за да му помогнам, да ја води оваа земја низ предизвиците со кои се соочува. Ги молам сите Американци, коишто ме поддржаа, не само да му честитаат на победата, туку на нашиот иден претседател да му понудат добра воља и подготвеноста за соработка за да се пронајде компромис со кој ќе ги надминеме разликите, “ рече Меккејн. Со оглед на проблемите со кои ќе се соочи Барак Обама, ваквата поддршка ќе му биде добредојдена.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема