1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американските и германските неонацисти соработуваат

Вера Керн
15 август 2017

Неонацистите во Шарлотсвил маршираа со хитлеровски поздрав и кукест крст. Политикологот Томас Грумке смета дека има поврзаност меѓу американските и германските десни екстремисти.

https://p.dw.com/p/2iDj9
USA Virginia - Ausschreitungen nach Demonstrationen
Вооружени членови на ултрадесничарското движење „Alt Right“ на демонстрациите во ШарлотсвилФотографија: Getty Images/C. Somodevilla

ДВ: Маршот на десните екстремисти во Шарлотсвил, во американската сојузна држава Вирџинија, за време на викендот ескалираше. Автомобил кој влета во толпа луѓе уби една жена, а повредени беа голем број луѓе. Дали станува збор за организирано насилство на десните?

Томас Грумке: Станува збор за нова мешавина од добро познати фигури на десноекстремната сцена, како Дејвид Дјук кој беше активен уште во 1970-те во Кју Клукс Кланот, и помлади луѓе кои се чувствуваат како алтернативна десница. Сите нив ги обединува изразен расизам. Станува збор за лабави здруженија, активни пред сѐ на интернет, каде имаат еден вид паралелен универзум. Дел од нив се потпираат врз националсоцијализмот, дел шират неточни теории, како што сме сведоци кај „новите десни“ - идеи како „културен марксизам“, на пример („културен марксизам“ е политички поим на американската нова десница кој означува наводен заговор на левицата, н.з.) Добар дел од десните екстремсити во САД се подготвени на насилство. Оттука, не ме изненади развојот на ситуацијата во Шарлотсвил.

Дали десниот екстремизам во САД доживува ренесанса во времето на Доналд Трамп?

Десноесктремната сцена се чувствува многу засилена. Дел од луѓето кои гласаа за Трамп потекнуваат делумно од милјето кое смета дека надмоќта на белците е загрозена. Овие луѓе се против прогресивен развој, како признавање на истополови бракови, поинаква улога на жената, миграцијата.

Каква е поврзаноста меѓу десните екстремисти во САД и неонацистите во Германија?

Идеолошки се главно на иста линија. Десните екстремисти во САД, исто како и во Германија, се против доселувањето и против исламот. Тие стремат кон хомогено општество и пропагираат идеи на национална држава. На интернет има интензивна размена меѓу едните и другите. Соработката е вообичаена. Има и заеднички зделки. Еден музички производ од десноекстремната хардкор-сфера, на пример, денес се продуцира во Скандинавија, се става на дискови во Источна Европа, а потоа се шири во Германија и уште пред овде да биде забранета, истомислениците во САД веќе ја добиле музиката и преку интернет повторно ја враќаат во оптек во Германија.

Prof. Dr. Thomas Grumke - Fachhochschule für öffentliche Verwaltung NRW
Проф. д-р Томас ГрумкеФотографија: FHöV NRW

Се одржуваат ли и средби, или поврзаноста е главно преку интернет?

Уште во 1990-тите имаше доста средби. Лидерот на неонацистите кој во меѓувреме е починат, Вилијам Пирс, на пример често се движеше во кругови на НПД и зборуваше на собири на НПД (НПД - Националдемократска Партија на Германија, е десноекстремна партија основана во 1964 година, н.з.). Пирс многу се залагаше за меѓународна соработка на десните екстремисти и застапуваше мислење дека антисемитизмот е со повисок ранг од национализмот. Кога некој ќе го прашаше каков е неговиот идентитет, тој одговараше: „Белец“.

Каков вид на соработка има денес?

Има соработка меѓу „Alt-Right“-движењето (алтернативна десница, н.з.) и ултрадесничарското „Идентитаристичко движење“ во Европа. Нив ги обединува надмоќта на белците. Идентитаристите велат дека не се нацисти, туку сакаат само да го зачуваат белиот европски идентитет.

Дали неонацистите во САД посегаат и по идеологијата на германските националсоцијалисти?

Ја користат симболиката. И во САД се употребуваат хитлеровски поздрав и кукест крст за да се постигне максимална провокација. Со таа разлика што за разлика од Германија, каде овие работи се казниви, таму нацистичките симболи не се казниви. Десноекстремните демонстранти на протестите во Шарлотсвил кои имаа нацртано кукести крстови на плакати во Германија би биле уапсени поради т.н. пропагандистички деликти.

Како, според Ваша проценка, се следи најновото десничарско насилство во Шарлотсвил од страна на германските неонацисти?

Новиот степен на ескалација на десноекстремно насилство во САД во секој случај се следи со внимание од страна на неонацистите во Германија. Се разбира, има меѓусебно поттикнување и мотивирање. Порано, во повоеното време, трансферот на идеологија секогаш одеше од Европа во насока на САД. Тоа одамна е поинаку. Сега има и увоз на десноекстремни идеи и симболи од САД во Германија.

Томас Грумке е професор по политички науки на Универзитетот за јавна администрација во Северна Рајна Вестфалија. Во својата докторска дисертација тој се занимава со десниот екстремизам во САД.