1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Александар си замина, решение за името сѐ уште нема

Обработка: Е.М. Фиданоска
31 март 2018

Атмосферата меѓу двете земји е видливо релаксирана, но колку повеќе време минува, толку шансите за постигнување решение за спорот за името ќе се намалуваат, велат аналитичари за „Винер цајтунг“ по средбата во Виена.

https://p.dw.com/p/2vHXh
Mazedonien Flughafen Alexander der Große in Skopje - Entfernung des Namens
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Под насловот „Александар си замина“, весникот „Винер цајтунг“ го анализира актуелниот момент во спорот за името и оценува дека шансите за постигнување согласност на Македонија и Грција никогаш не биле толку добри како сега:

„Александар Велики го напушти аеродромот. Неговото име веќе не болска над зградата, неговата статуа веќе не стои во халата. Патниците сега доаѓаат на Меѓународен аеродром Скопје. И автопатот север-југ во Македонија веќе не го носи името на античкиот освојувач, туку во меѓувреме се вика 'Пријателство'. Во текот на изминатите недели македонската влада со овие преименувања ожнеа благонаклони реакции во соседна Грција... Атмосферата меѓу двете земји во текот на изминатите месеци, по смената на владата во Македонија - од националконзервативна кон социјалдемократска - е видливо релаксирана, а преговорите се водат не само на техничко ниво, туку има и директни разговори меѓу врвните политичари. Во Виена во петокот грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас се сретна со својот македонски колега Никола Димитров. Посредникот на ОН, Метју Нимиц, по разговорите не можеше да објави дека е постигната согласност, но зборуваше за 'големо подобрување' за повеќе точки... Времето за постигнување решение е созреано и тоа решение им е неопходно на двете земји, смета Ведран Џихиќ од Австрискиот институт за меѓународна политика. 'По долг период на меѓусебни блокади, двете страни направија мали чекори една кон друга', нагласува тој во разговор за 'Винер цајтунг'. Македонија е заинтересирана за членство во НАТО и ЕУ, а Грција со своите отстапки би можела само да си го подобри имиџот во заедницата. Сепак, во двете земји ќе има отпор против решение и луѓето ќе излегуваат на улица, оценува Џихиќ: 'И во политиката има силни емоции кои може да се опремат со националистички енергии.' 

Повеќе:

Атлас на иредентизмот

Оптимизам ќе го сече Гордиевиот јазол за името

Оттука, ситуацијата за двете влади е проблематична: политичарите ќе мора да можат во својата земја да го продадат евентуалниот компримис. Затоа, според политикологот, е неопходна суптилна и внимателна политика на комуникација на двете страни. За такво нешто се неопходни недели и месеци, но согласност меѓу двата соседа е можна до лето: 'Може да се успее, затоа што картите се добри како што не биле во изминатие две децении.'

Помалку оптимист е Душан Рељиќ, раководител на Бриселската канцеларија на германската фондација Наука и политика. Тој признава дека шансите за постигнување согласност се големи како ретко досега и дека се испраќаат позитивни сигнали, но смета дека изгледите за решение повторно ќе се намалат. 'Колку повеќе време минува, толку порапидно се затвора прозорецот', вели експертот за Балканот.“

Wien Treffen Außenminister Mazedonien und Griechenland
Димитров, Коѕијас и Нимиц во Виена (30.03.2018)Фотографија: Ministry of Foreign Affairs Macedonia

Весникот „Стандард“ се осврнува исто така на вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција и објаснувајќи ги позициите на двете земји во спорот оценува дека Виена донесла напредок, но не и решение за Македонија.

„Тој (посредникот на ОН, Метју Нимиц, н.з.) сега од двата предлога треба да направи заеднички компромисен документ. Во петокот, во секој случај, тој по разговорите изрази увереност: сѐ уште нема решение, но постигнато е приближување.“

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид