1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не ме вработија, ама ми подигнаа споменик!

Катерина Блажевска 25 ноември 2015

Има 32 години, го носи името на славниот војсководец и со своето такси-возило секој ден ги освојува улиците на Скопје.

https://p.dw.com/p/1HC8I
Фотографија: DW/K. Blazevska

Додека светски археолози со години се обидуваат да стават крај на една од најголемите мистерии - каде се наоѓа гробницата на славниот војсководец Александар Македонски, многу полесна задача е да се пронајде неговиот истоименик и наш современик. За тоа речиси и не е потребно истражување. Можете да го сретнете и сосема случајно, ако побарате превоз од една скопска такси-компанија, и ако на вашата адреса таа го испрати возилото број „седум“. Тоа значи дека до посакуваната дестинација ќе ве вози лично Александар Македонски. На оние кои не веруваат дека тоа е негов идентитет, подготвено и со насмевка им ја покажува личната карта. Нема лага. Навистина е „тој“.

Четири години без презиме

Александар Македонски има 32 години, роден е во Скопје, каде што завршил средно стручно училиште. Живее во општината Кисела Вода. Презимето Македонски пред него го носеле четири генерации, но традицијата била прекината од 1945 година до почетокот на осумдесетите години, кога неговите родители го носеле презимето Алексоски. Посакале да го вратат во употреба презимето Македонски во 1983 година, кога се родил тој - нивниот син, кому му го дале името Александар. Но, веднаш се соочиле со проблеми. Судбината сакала првата „битка“ на младиот Александар да почне уште додека бил во пелени. Ни повеќе ни помалку, туку - битка за презимето!

Aleksandar Makedonski
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Раководителот на матичната служба, извесен Симиќ, тогаш не дозволувал да бидам заведен во книгата на родените како Александар Македонски, па речиси четири години сум бил запишан само како Александар. Без презиме. Дури откако моите родители го добиле судскиот спор, во службата ме евидентирале со име и со презиме“, објаснува Александар Македонски.

Првата битка завршила со победа. Денес се гордее што го носи тоа име, но признава дека многу често мора да го потврдува идентитетот со лична карта.

„Кога требаше да полагам тестови за возачки испит, и покрај личните документи, во Комисијата не веруваа дека може да се викам така, па се јавуваа во полициска станица да проверат дали има такво лице во нивната евиденција. Имаше многу смешни ситуации. Некогаш името ми е предност, некогаш товар. Заради името професорите во училиште често ми прогледуваа 'низ прсти', а најмногу професорката по историја. Многупати и полицајци ми простуваат ситен сообраќаен прекршок кога ќе ми го видат името во документите. Ќе се насмевнат и ќе речат - ајде оди!“, раскажува Александар.

Царство на четири тркала

Но, не одело се толку лесно кога стигнало на ред прашањето за вработување.

„Се сменија многу партии, ама ниту една не ме вработи. Но, не се жалам. Барем ми подигнаа споменик“, се шегува Александар.

Aleksandar Makedonski
„Мојата фаланга се моето семејство и моите пријатели“Фотографија: DW/K. Blazevska

Не седел со скрстени раце. Се борел за егзистенција со повремени ангажмани во разни области, а најмногу во градежништвото. Потоа решил да вози такси. Денес неговото „царство“ е подвижно. Сместено на четири тркала, во возило марка „форд“ кое го користи под закуп во компанијата каде што работи. Тргнува во „поход“ по „командите“ што ги добива од диспечерскиот центар. Секој ден одново ги освојува улиците во градот. Никогаш не стигнал до Египет или Индија. Досега го „освојувал“ само регионот: Албанија, Србија, Хрватска, Турција...

„Во Грција никогаш не сум бил. Не ме пуштаат. Не знам зошто. Претпоставувам заради името“, вели тој.

Но, никогаш не помислил да го смени презимето заради тоа. И неговата животна избраничка со која се оженил пред две години, неговото презиме го додала на нејзиното. Кога ќе го прошири семејството, ако има син размислува да му го даде името Филип или Даме, а ако е ќерка - Олимпија или Сирма. Бидејќи не е исклучено дека може да се комплетираат имињата од славното семејство, останува уште прашањето - кој ја сочинува неговата „фаланга“?

„Мојата фаланга се моето семејство и моите пријатели. Се гордеам со нив“, вели низ насмевка.

Не знае колку луѓе во Македонија го носат истото име: „Александар Македонски е име и на момче од Велес. Тоа го знам, бидејќи бев поканет и присуствував на неговата крштевка. Сум слушнал дека имало еден Александар Македонски и некаде во гевгелиско, ама тоа не ми е потврдено“.

Фасциниран од стратегиите

Александар читал историска литература за подвизите на неговиот историски истоименик. Она што најмногу го фасцинирало се стратегиите со кои војсководецот го збунувал противникот и ги добивал битките. Го почитува неговото дело и му се радува на споменикот во центарот на Скопје, чие официјално име е „Воин на коњ“: „Го гледам секој ден кога поминувам со возилото во негова близина. Се восхитувам што го имаме“.

Aleksandar Makedonski
Неговото „царство“ е на четири тркалаФотографија: DW/K. Blazevska

Не знае колку чини споменикот. За разлика од импресивната сума потрошена за него - 8 милиони и 280 илјади евра, неспоредливо поскромни се бројките со кои се соочува современиот Александар во секојдневната битка за егзистенција за него и за невработената сопруга. Стартната цена за такси превоз е 40 денари, еден километар е 25 денари, а вклучен е и попуст. Со тие цени, успева да обезбеди од минимална до нешто под просечната плата, во зависност од обемот на работа.

Разговорот ни го прекинува диспечерскиот центар. Возилото број седум треба да земе патник од блиска дестинација. Срдечно се поздравуваме. Александар Македонски насмеан седнува зад воланот. Тргнува во уште еден „поход“.