1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Албанските бунтовници се закануваат со бунт во јужна Србија“

„Ди пресе“/ „Франкфуртер рундшау“/ Жана Ацеска28 декември 2012

Во 2000. година веќе владееше герилска војна меѓу ОВК за Прешево, Медвеѓа и Бујановац и српските воени сили. Сега споменик на убиените бунтовници во Прешево предизвикува спор, пишува весникот „Ди пресе“.

https://p.dw.com/p/17AOL
Фотографија: Fotolia

„Во градот со 38 илјади жители во најјужниот крај на Србија на тромеѓето со Косово и Македонија нема ни трага од опуштено расположение пред Новата година. Во односите меѓу осиромашената тврдина на Албанците и централната влада во Белград деновиве се‘ укажува на бура.

Во 2000/2001. година Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац  (ОВК) водеше војна против српските воени сили. Сега ветераните на оваа илегална група од егзил во Швајцарија се закануваат со ново разгорување на вооружениот конфликт: повторно „ќе ги облечат чизмите и маскирните облеки и ќе земат оружје в раце“, гласи мрачната најава. Во западната дијаспора се подготвени 500 борци.

Камен на сопнување е-камен: во средината на ноември ветераните на ОВК на просорот пред Собранието во Прешево подигнаа споменик кој треба да потсетува на нивните паднати соборци пред повеќе од десет години. Оттогаш воената полиција засилено патролира во граничниот регион. Владата, а посебно српските медиуми ја истакнуваат опасноста од нов вооружен конфликт.

Навистина, сите партии во долината на Прешево се дистанираа од заканите на екс-бунтовниците во егзил, оценувајќи ги како „целосно несериозни и штетни“. Но, српскиот премиер Ивица Дачиќ зборува за „провокација“, барајќи напразно повеќепати од општинската управа во Прешево споменикот  „на луѓето кои убиваа полицајци“, а за кој дала дозвола, да го отстрани, во сппртивност тоа ќе го направи Белград, пишува „Ди пресе“.

Албанците се чувствуваат како туѓинци

Општината Прешево се оглушува, повикувајќи се на тоа дека мора да се почитува историјата на секој народ. Албанските здруженија на ветерани пак одрекуваат секаква провокација, зашто во Прешево живеат речиси исклучиво Албанци, а ветераните на ОВК уште во 2002 година беа амнестирани од Белград.

Kosovo-albanische Guerillas
Членови на ОВК за Прешево, Медвеѓа и Бујановац, архиваФотографија: picture-alliance / dpa

Албанското малцинство во Србија брои околу 60 илјади луѓе. Албанците кои живеат непосредно на источната граница во општините во долината на Прешево уште во 2002. година се изјаснија за приклучување кон независно Косово. Група милитантни Албанци по војната во Косово во 2000/2001 година се обиде да изнуди отцепување од Србија преку вооружен бунт. Дадените ветувања, по неговиот ненасилен крај, за подобрување на правата на малцинствата останаа неисполнети. Наместо тоа Албанците и натаму се чувствуваат како туѓо тело во државата, која кон нив се однесува со недоверба или непријателство. 

Српските политичари-„вонземјани“

Градоначалникот на Прешево Рагми Мустафа, како што самиот вели, нема никакви контакти со српската влада. Српските политичари во Прешево отсекогаш биле „вонземјани“, вели тој огорчено:

„Тие никогаш ништо не направиле за нас“.

Белград на малцинството не му признава ниту право на учебници на сосптвениот јазик, ни факултет, а ниту целосна слобода на движење, туку се обидува со стационирање на полиција да го прошири „чувството на несигурност“, се жали Мустафа:

„Тие не се интересираат за луѓето, туку само за земјата, тие сакаат нас Албанците да не нема овде“.

Вистински, силите на безбедноста се видно присутни: високо над улицата меѓу Прешево и Бујановац се вее српско знаме на предимензиониран јарбол. Кон крајот на 2009. година овде беше отворена најголемата воена база во Србија, „Југ“, чија изградба чинеше 18 милиони евра.

„Тие само испраќаат полиција и војска, ништо повеќе“, вели телевизискиот новинар Газмен Идризи. Жителите за изводи од матичната книга мора да патуваат во 35 километри оддалеченото Врање, исто како и за породување. Младите на студии мора да одат или во косовскиот главен град Приштина, во македонското Тетово или во албанската престолнина Тирана:

„Многумина не се враќаат назад, зашто во Србија имаат проблеми со признавањето на дипломите. А во Прешево и така нема никаква работа“, го заклучува написот весникот „Ди пресе“.

Студена војна поради сексуалното образование

Весникот  „Франкфуртер рундшау“ пак пишува за спорот во Хрватска: „Порнографија, маструрбација, заштита од бременост-хрватската влада и црквата спорат околу влијание при сексуалното воспитување во училиштата. Фронтовите се толку заострени, што медиумите пишуваат за „Студена војна“.

Весникот констатира:

„Вакво нешто немаше со децении: моќната католичка црква во Хрватска масивно ја нападна владата поради сексуалното воспитување во училиштата. Владата пак контрира, црквата застапува средновековни сфаќања и треба да се држи настрана. Бискупите во овој спор гледаат закана од пропаст на христијанската држава. Се работи за наставниот план за сексуално образование кој го подготви владата, и на кој опстојува и покрај масивната критика на кардиналот Јосип Бозанич. Повод за контроверзата околу наставниот план беше интервјуто на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ за „Вечерњи лист“ каде изјави: „Прифаќам постоење на Господ, но моето искуство тоа не го потврди“.

Црковните великодостојници го критикуват владиниот наставен план со аргумент-децата преку часови добиваат вовед во порнографија, мастурбација, секс без емоции, хомосексуалност, полови болести. Наставните планови содржат „апсолутно неприфатливи позиции кон сексуалноста и бракот спротивно на христијанската антропологија и битието на хрватскиот народ“, истакнуваат свештениците. Црквата дури подели и летоци во супермаркетите и на киосците, повикувајќи ги родителите да кренат глас против часовите по сексуално образование“, пишува „Франкфуртер рундшау“.